1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Политичката криза на Косово не ги забавува евроинтеграциите на Србија

Марина Максимовиќ/ Симе Недевски13 август 2014

Еврокомисијата очекува дека „косовското поглавје“ нема да го блокира почетокот на преговорите на Србија со ЕУ. „Србија веројатно во првата половина на 2015. треба да ги отвори првите поглавја“, порачуваат од Брисел.

https://p.dw.com/p/1CtMk
Фотографија: picture-alliance/dpa

„Србија е фокусирана на европската агенда, добро напредува и покажува високо ниво на подготвеност“, оценуваат во европскиот Комесаријат за проширување. Белград досега започна или го затвори процесот на скрининг за 18 поглавје од процесот за пристапување, што претставува повеќе од половината од вкупниот број поглавја (35). Во Европската комисија очекуваат дека до март наредната година скринингот би требало да биде комплетиран, а преговорите за придружување да бидат продолжени со исто такво успешно отворање на одделни поглавја во преговорите. „Позицијата на Европската комисија е меѓу првите да се отворат поглавјата 23 и 24 (владеење на правото и слободата), а тоа се однесува и на поглавјето 35 (прашања за односот со Косово)“, објаснува за ДВ, портпаролот на комесарот за проширување на ЕУ, Петер Стано.

„Отворањето на поглавјата 23 и 24, откако извештајот за скрининг за овие поглавја во јули ги усвои Советот на ЕУ, сега зависи од брзината на изработката и квалитетот на веќе бараните акциски планови кои Белград треба да му ги поднесе на Советот и земјите-членки на разгледување и усвојување. Кога станува збор за поглавјето 35, земјите-членки тука сакаат да видат продолжување на залагањето на Белград за примена на договореното во дијалогот со Приштина. Скринигот за тоа поглавје се’ уште трае и е поврзан со напредокот во дијалогот кој моментално паузира поради политичката ситуација на Косово. Тоа е нешто за што Србија не е одговорна“, објаснува Стано.

Во дипломатските кругови во Брисел велат дека постои сценарио според кое Германија би сакала да види во преговорите со Србија прво да се отвори поглавјето 35. Се додава и оти одлуката за тоа кое поглавје кога ќе биде отворено се донесува со консензус на сите земји-членки и оти мнозинството е против забавување на напредокот на Србија поради политичката криза на Косово и моменталното „непостоење на втор партнер“ за продолжување на дијалогот, но и очекувана примена на договореното од Бриселскиот договор.

Fotomontage Flaggen Serbien EU Symbolbild
Фотографија: AP/Montage DW

Две сценарија за отворање на поглавјата во 2015. година

Според второто сценарио, за кое изворите во Европската комисија велат дека „постојат добри шанси да се оствари“, се работи за отворање на поглавјето 32 (финансиска контрола) како прво поглавје во преговорите со Србија за членство во ЕУ. Ова поглавје нема т.н. „услови за отворање“, а грчкото преседателство на Унијата од Србија уште во јуни побара да поднесе национален план за преговорите во таа област. Иако велат дека „теоретски“ ова поглавје би можело да биде отворено и до крајот на годината (на што се надеваат и во Владата на Србија) во Европската комисија повторуваат оти првото поглавје во преговорите со Србија ќе биде отворено во првата половина на наредната година. Во меѓувреме од Европската комисија најавуваат оти, како и секоја година, во октомври ќе излезе извештајот за прогресот на Србија. Се очекува дека овојпат во овој стратешки документ Европската комисија нема да излезе со специфични препораки за продолжување на процесот на евроинтеграција на земјата, бидејќи, како што велат „Србија е веќе земја-кандидат во преговорите“, туку оти ќе се проценува досега постигнатото и идните предизвици.

„Србија има јасна европска перспектива и се наоѓа во последната фаза на пристапување во ЕУ. Кога ќе го отвориме и првото поглавје од преговорите тоа ќе значи дека земјата продолжува добро да ги исполнува преземаните обврски, а оти ЕУ го исполнува својот дел од задачата и оти врз основа на стореното ја приближува Србија кон членство“, заклучуваат во Европската комисија.