1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Политичарите од Македонија - треба заедно да агитираат за членство во НАТО и ЕУ

Зоран Јордановски4 јули 2007

Македонија очекува наредната година на самитот на НАТО во Букурешт да добие покана за членство во Алијансата. Што треба да направи земјата во наредните 10-ина месеци за да и’ се испонат очекувањата?

https://p.dw.com/p/BCQo

Интервју со Гералд Кнаус, претседател на Иницијативата за стабилност во Европа, еден од учесниците на Безбедносниот форум на Евроатлантскиот совет за партнерство на НАТО, што се одржа кон крајот на минатата недела во Охрид.

ДВ: Господине Кнаус, Вие сте познавач на Балканот, а Балканот беше една од важните теми на безбедносниот форум на НАТО во Охрид. Што, според Вас, донесе дискусијата овде?

Гералд Кнаус: Мислам дека дискусијата покажа пред се’ две работи. Прво, дека прашањето за сигурност и стабилност на Балканот и натаму е едно од најголемите, централни прашања и за НАТО, како водечка одбранбена организација и безбедносен сојуз денес во Европа. За НАТО со неговите трупи на Балканот и со инвестициите направени во последните години е непојмливо ништо друго освен успех. Таа важност е подвлечена овде. Второто е дека овде работите се придвижени. Денес и вчера можевме да видиме дека регионот многу скоро уште потесно ќе биде поврзан со НАТО – сите знаци укажуваат на тоа дека наредните нови членови на НАТО ќе бидат од овој регион. На оваа средба за чекор поблиска стана визијата дека во не толку далечна иднина сите земји од овој регион ќе бидат полноправни членки на НАТО.

Како Вие ги гледате шансите на трите земји од Јадранската група во април наредната година да добијат покана за членство во НАТО?

Гералд Кнаус: Ако се земе предвид дека тие покани секогаш се потврдуваат во последен момент, за да може до последен момент да се одржи и притисокот врз тие земји за спроведување на неопходните реформи, и се погледне објективно, тогаш мислам дека се’ зборува во прилог на тоа – како сопствениот интерес на НАТО, исто така и енормниот интерес на тие земји да сторат се’ до (моментот на) решението за тоа да се оствари. НАТО се наоѓа пред тешки решенија, и многу зависи од тоа како ќе се развиваат работите околу Косово. Неуспех на процесот за стабилизирање на Косово би била катастрофа за имиџот на НАТО и за целиот регион и мислам дека Алијансата со прием на нови членови од Западен Балкан би дала многу силен знак дека е и останува отворена, и со тоа натамошно би ја стабилизирала и периферијата, односно земјите околу Косово и Србија.

Како вие лично го оценувате напредокот што го направи Македонија на патот кон НАТО, односно кон евроатлантска интеграција?

Гералд Кнаус: Кога севкупно ќе се погледа развојот во Македонија од 2001-ва година, од апсолутно најдолната точка, кога имаше борбени дејствија и страв од граѓанска војна, сега е енормно далеку од тие стравови. Оваа земја и на самитов се покажа како добар домаќин и пред се’ со спроведувањето на Охридскиот рамковен договор се препорача како еден вид модел. Сосем е јасно дека во самата земја проблемите и понатаму постојат и секогаш ќе има затегнатост и политички борби. Но, севкупно стабилизирањето на Македонија е еден од сосем големите успеси токму за НАТО, оти за разлика од другите конфликти во регионот во 90-тите години, овде ЕУ, НАТО и Американците многу рано се активираа и тоа се исплатеше. Така погледнато, мислам дека Македонија и натаму може да смета на капиталот од успешното спроведувањето на Охридскиот договор. Но, само тоа нема да биде доволно. Мислам дека новата македонска влада полека станува се’ посвесна дека не е доволно да чека додека да биде поканета, туку дека е навистина неопходно за тоа и активно да агитира и не смее да ја заплашат предупредувања дека не треба да настапи премногу агресивно или премногу активно. Тоа прво важи за НАТО, каде мислам дека шансите и’ се многу добри, но исто така важи и за можноста за почеток на преговори за простап кон ЕУ. И таму е неопходно македонските политичари, најдобро од сите партиски бои - од владата и опозицијата, македонски и албански – сите заедно да покажат слична сплотеност како што беше во 2005-та и активно да агитираат за тоа преговорите со Македонија конечно да започнат.

Повремено можат да се слушнат и такви гласови дека некој неповолен развој во решавањето на прашањето за статусот на Косово би можел да има последица и врз стабилноста на Македонија. Ги споделувате ли таквите мислења, има ли такви опасности за Македонија?

Гералд Кнаус: Македонија совлада многу големи кризи во последните 15 години – прво беше распадот на Југославија, војните во БиХ и потоа на Косово... Еднаш, во 2001-ва, и во Македонија кризата стана акутна, но тогаш со Охридскиот договор е поставена основа за, верувам, трајна стабилност. Не верувам дека Македонија директно би била погодена од некоја криза на Косово што се однесува до меѓуетничките односи. Но, Македонија е ранлива во друг поглед: тоа се однесува пред се’ на имиџот на регионот кај инвеститорите, тоа се однесува на други важни стопански гранки – туризмот, тоа се однесува и на севкупната атмосфера – ако подрачјето со кое директно граничи е нестабилно, тогаш за Македонија е секако тешко да се концентрира врз неопходните реформи. Тоа конечно се однесува и на волјата на ЕУ овде во регионот да види можни идни полноправни членови. Сето тоа зборува дека од витален интерес и за Македонија е кризата на Косово да се реши колку што е можно побргу и да и’ се стави крај на оваа лимбо-состојба од која нема полза и не носи стабилност. Мислам дека и македонските политичари го гледаат тоа.

Но, се чини дека во овој момент решението не е толку близу, тука се Русија и Србија со својот став.

Гералд Кнаус: Впечатокот што не го добив само овде, туку се добива насекаде, на сите форуми, фактички е вознемирувачки. За Македонија тоа има двојно значење. Прво, дека не треба да биде ставен под прашање принципот оти нема поделба на Косово. Тоа би било решение кое за Македонија и за целиот регион би создало проблеми. Ако се почне да се отсекуваат специјални региони според етнички критериум, за да се создадат моноетнички подрачја, тоа би била катастрофа. Не мислам дека тоа ќе се случи, но е важен притисокот од Македонија и другите соседи да не дојде до тоа. Вториот проблем за Македонија се состои во тоа и однадвор да биде перципирана како стабилна. Во таков фон и токму сега, во оваа ситуација, е суштински важна кампањата за прием во НАТО, а веднаш потоа брзо да се оди кон започнување преговори за пристапување кон ЕУ. Зашто, со такви сигнали Македонија би можела да покаже – слично како што и’ успеа на Бугарија во последните години, или на Романија – дека не е нестабилно подрачје слично како Косово, со нерешени прашања, туку суверена земја која се наоѓа на пат кон ЕУ и во која се водат спорови околу сосем нормални европски реформи, но која прави напредок. Оти, едно е јасно: Македонија која не е закотвена во трансатлантските институции, многу е поподложна на тоа да биде погодена од нестабилност на Косово, отколку една Македонија на пат кон полноправно членство.

Што според ваше мислење Македонија треба, или дури мора конкретно да стори во наредните 10-ина месеци?

Гералд Кнаус: Мислам дека тука може да се извлечат поуки од искуствата на други земји кои се сега членки на ЕУ или се во преговори да станат. Една од поуките секако се состои во тоа да се биде самоуверен, да не се дозволи заплашување од предупредувањата од Европа: времето не е созреано, токму владее замореност од проширувањето, треба да се чека една година, па потоа уште една... Факт е дека Европа не кани ниедна земја да се кандидира, дека ЕУ од најразлични добри или лоши причини постојано има интерес работите да се забават. Значи, сега македонските политичари треба да вршат притисок. Второ што може да се научи од минатото е колку е важен националниот консензус кај овие прашања. Мислам дека една од најважните работи, од најважните предизвици за владата и опозицијата, за сите партии во Македонија ќе биде во наредните месеци појасно да стават на знаење, отколку што беше случај во минатото, дека кај принципиелните прашања што се однесуваат на меѓународните односи на Македонија има силен консензус и оти интеграцијата во НАТО и ЕУ е тема која ги обединува владата и опозицијата, големите и малите партии и сите етнички групи. Тоа беше важно кога Македонија ја поднесе апликацијата, тоа е важно и денес, оти со тоа се обеснажуваат аргументите дека Македонија е поделена, дека нема национален консензус. Може и да е така во многу прашања и тоа е нормално во една демократија, но во начелните прашања македонските политичари би требало да се покажат обединети, а потоа тоа треба да се пренесе и нанадвор. Сметам дека е разумно ако политичари од владата и опозицијата заеднички агитираат во наредните месеци и во наредната година Македонија веќе да не биде во лимбо положба, во лебдечка состојба, и дека преговорите за пристап треба да започнат. Тоа не би бил успех само за владата, тоа би бил успех за целата земја.

Во принцип, истото тоа важи и за кандидатурата за членство во НАТО?

Гералд Кнаус: Да, при што мислам дека ќе биде полесно да се постигне членство во НАТО, оти таму се размислува многу стратегиски за стабилноста во регионот и во фонот на нерешеното прашање на Косово би било лекомислено во таква ситуација да се испраќаат нејасни сигнали на Албанија или Македонија. Така погледнато, мислам дека членство во НАТО ќе биде успех што е полесно да се постигне. За почеток на преговори за пристап кон ЕУ ќе бидат неопходни уште многу повеќе дипломатски напори, отколку што ги има сега.

По изборите во Македонија, како и насекаде, партијата што победи имаше право да состави парламентарно мнозинство. Беше ли в ред што претставниците на меѓународната заедница се вмешаа по барањето на ДУИ, партијата на Али Ахмети, да влезе во владата, иако ВМРО ДПМНЕ скова коалиција со ДПА и со натамошни помали партии. Не ја поттикна ли тоа подоцнежната криза во дијалогот меѓу владата и опозицијата?

Гералд Кнаус: Не би сакал сега директно да се мешам во македонската внатрешна политика, но мислам дека во принцип, се разбира, е на место оти решението кој ќе владее во Македонија мора во неа и да биде донесено во рамките на уставот. Без никакво сомнение, тоа е правилно. Истовремено, меѓутоа, е важно – токму во фонот на една скептична европска јавност и скептични елити во ЕУ однос на натамошното проширување - да се покаже дека Македонија е земја во која за решавачките прашања сите можат да го кажат својот збор. Затоа мислам дека се важни токму односите меѓу двете сили - најголемата партија кај Албанците во Македонија и на последните избори најуспешната партија која сега ја составува владата меѓу Македонците. Никој не може да пропише како треба да изгледа владата, но едноставно во Европа е аргумент кога се гледа дека најголемата партија на Албанците и најголемата кај Македонците изнаоѓаат решение за некои начелни прашања како и во секојдневниот меѓусебен однос.

Но, тоа не значи дека најголемата партија кај Албанците безусловно мора да биде вклучена во владата?

Гералд Кнаус: Секако не. Мислам дека кај овие прашања решавачко за сите страни во Македонија е да прават разлика меѓу големите принципиелни прашања и она, каде е легитимно да се прави политика и да се водат спорови. Во краен биланс за Македонците и Албанците во оваа земја е подеднакво важно да дојдат повеќе странски инвестиции, да биде намалена катастрофалната невработеност и со интеграцијата да биде отстранета било каква можна опасност за нестабилност. Всушност за шефовите на сите партии би морало да биде можно врз оваа платформа да го изнајдат заедничкото.