1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Политиката на ЕУ - заговор на елитата против здравиот човечки разум

Обработка: З.Јордановски (тац; дц; нцц)3 април 2013

Српско-косовските преговори како услов за евроинтеграцијата на Србија и процесот на проширување на ЕУ во светлина на кризата се повод за повеќе написи во весниците на германски јазик.

https://p.dw.com/p/188rS
Фотографија: picture-alliance/dpa

„На Србија и’ претстои тешко решение“, вели весникот „ТАЦ“. Постигнување согласност во преговорите меѓу Белград и Приштина под покровителство на ЕУ е предуслов за Комисијата на унијата на 16 април да усвои позитивен извештај и да предложи почеток на преговори за пристап на Србија, констатира весникот, па нагласува: „Од една страна Србија сака да влезе во ЕУ, но од друга не сака да се откаже од Косово, ’светата српска земја‘, лулка на српството. Меѓутоа, обете не ќе може да ги има - тоа и во Белград се’ појасно го согледуваат. Со тоа, пак, на коцка се ставаат основните столбови на српската надворешна политика во последните години, оти тие почиваат врз девизата ’И Косово, и Европа‘. Навистина, Брисел сега не бара директно од Белград да го признае Косово, но процесот на европска интеграција Западот го условува со српски отстапки, кои де факто ја консолидираат независноста на Косово. (...) Некаков сојуз на српски општини, целосно поврзан во системот на Косово, без какви било легислативни и егзекутивни овластувања, за Белград би било еднакво на капитулација“, се вели, покрај другото, во текстот на „ТАЦ“.

„Наредната Бугарија во ЕУ се вика Хрватска“

Symbolbild deutsche Presse Presseschau
Фотографија: picture-alliance/dpa

Ако европската иднина на Србија, барем засега, останува неизвесна, јасно е дека Хрватска во јули треба да стане членка на ЕУ - повод за „Ди велт“ да се позанимава со актуелната политика на ЕУ.

„Меѓу големите разочарувања за секој убеден демократ е дека досега ни на европско, ниту на ниво на национални држави, немаше напори вредни да се споменат за разјаснување на причините за кризата“, оценува весникот. Многу граѓани на континентот се евроскептични, а во кризата гледаат дека „Европа не е поставена врз транспарентност, разјаснување и обврска за полагање сметка. Така настанува впечаток дека станува збор за некаков заговор на елитата против здравиот човечки разум. (...) Се добива оправдан впечаток дека мандарините (високи функционери во некогашна царска Кина, н.з.) на ЕУ ништо не може да ги одврати од нивниот досегашен пат. Наместо да кочи, танкерот на ЕУ непоколебливо останува на курсот. Политиката на проширување е најдобар пример за тоа. Таа е истовремено и најголемиот успех на Европа, и една од причините за нејзината сегашна мизерија“.

Со приемот на Грција, Португалија и Шпанија беа зацврстени демократии што произлегоа од авторитарни режими, што важи и за некои од земјите од Источна Европа. Но, притоа е запоставена „контролата на квалитетот“, констатира  „Ди велт“ и конкретизира: „Додека некои станаа успешни приказни, кај другите однапред беше видливо дека уште не беа зрели за прием. Во меѓувреме функционери на ЕУ го признаваат тоа за Романија или Бугарија. Но, ги повика ли било кој на одговорност тогашните автори на извештаите за напредокот? Наместо тоа, се’ и натаму се одвива како и досега. Наредната Бугарија веќе стои пред вратата и се вика Хрватска. И таму има пошироки геостратегиски причини во прилог на приемот, за да им се даде мировна перспектива на земјите од Балканот. И, и тука исто така има значително сомневање дали земјата навистина е зрела за пристапување. Повторно се значително разубавени извештаите за напредокот и повторно се слуша дека Хрватска всушност и не е стигната до таму. Но, се разбира, земјата ќе биде примена во јули.  Граѓаните со право имаат чувство дека европските решенија од значителен дострел не се донесуваат според стручни критериуми, туку според она, што е политички посакувано“, коментира „Ди велт“.

Themenbild Presseschau
Фотографија: DW

Словенија (не) е нов Кипар

„Ноје цирхер цајтунг“ (НЦЦ), пак, погледот го врти кон Словенија како нареден можен кандидат за помош од европскиот фонд за спас ЕСМ.

„Малата алпска република, како и Кипар, се бори со руинираниот банкарски сектор и во голема мера е отсечена од пазарот на капитал. (...) Но, димензиите јасно се разликуваат. Билансната сума на словенечкиот банкарски сектор изнесува 135 проценти од БДП (брутодомашниот производ), додека коефициентот на Кипар изнесува 800 проценти од неговиот БДП. За разлика од Кипар, Словенија не е даночен рај и има малку странски клиенти на банките. Кобно за банките во државна сопственост, покрај незадоволителното раководење со нив, беше и често пати политички мотивираното доделување на кредити. И во поглед на долговите ситуацијата на Словенија е подобра, отколку на Кипар. Навистина, коефициентот на задолженоста тројно се зголеми од 2008 година. Но, товарот на долговите, со коефициент од 54,1 насто од БДП на крајот на 2012 година се’ уште е под лимитот утврден со Европскиот пакт за стабилност“, нагласува „НЦЦ“.