1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Покажавме што носиме во нас“

Кај-Александар Шолц/Ж.А.24 декември 2015

Во фокусот на божиќното обраќање на германскиот претседател Јоахим Гаук е бегалската криза. Низ дијалог треба да бидат најдени решенија кои ќе одговараат на етичките норми и нема да го загрозат општественото заедништво.

https://p.dw.com/p/1HShg
Фотографија: picture-alliance/dpa/T. Schwarz

Германскиот претседател Јоахим Гаук своето традиционално божиќно обраќање до Германците го поврза со „тивко охрабрување“. Светото писмо на христијаните раскажува „дека во божиќните случувања се покажува човекољубивоста на Бог“. „Убаво е да се биде прегрнат од оваа човекољубивост“, истакнува Гаук. „Но, уште поубаво е кога оваа човекољубивост лично се живее и кога таа се внесува во нашиот свет.“

Претходно Гаук им се заблагодари на сите оние кои, без оглед дали доброволно или професионално, помогнаа во совладувањето на бегалската криза. „Покажавме што се крие во нас, преку добрата желба, професионалност, но и преку уметноста за импровизација“. Зашто, истакна Гаук, токму многуте спонтани помагачи станаа „лицето на една срдечна и хумана земја“.

Борбата на мислења е дел од демократијата

Гаук се осврна и на „актуелната жолчна дебата“ околу односот кон бегалците во Германија. „Како треба да се однесуваме кон бегалците кои во нашата земја бараат засолниште и иднина?“ Претседателот препорача: „Само преку отворени дискусии и дебати можеме да најдеме решенија кои ќе бидат долготрајни и зад кои ќе стои мнозинството луѓе.“

Разликите во мислењата притоа не се пречка во заедничкиот соживот, туку дел од демократијата. Токму активните граѓани се оние кои често даваат патокази за решавање на нерешените проблеми. Истовремено, јасно е дека насилството и омразата не можат воопшто да бидат легитимни средства во споровите. Во моментов треба да се најдат решенија кои „одговараат на сите етички норми“ и кои „нема да го загризат општественото заедништво, кои ќе ја имаат предвид добробитта на сопствените граѓани, но нема да ја заборават маката на бегалците.“ Граѓаните и политичарите треба заеднички да застанат во одбрана на она што „нашата либерална и демократска земја ја прави сакана и пријателска“, истакнува Гаук.

Страв и несигурност

Ретроспективно погледнато, 2015 година во голема мерка носи печат на несреќи, насилство, терор и војна. Тоа често предизвикуваше и страв и несигурност. Бројни кризи се прелеваа, многу од нив беа долготрајни: финансиската криза, растечките разлики во ЕУ, дебатите околу иднината на Грција. Германскиот претседател ги спомена и Украина, Сирија, Авганистан и африканските области загрозени од терор. Гаук од своето обраќање од дворецот Белви упати посебен поздрав до војниците на Бундесверот кои се во различни мисии „во опасната борба против корените на теророт“.