1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Подршка за проширувањето на ЕУ кон Западен Балкан

Тони Гламчевски10 јули 2008

Расправата во ЕП за стратегијата за проширување на ЕУ беше урамнотежена. Од една страна беше нагласена стратегиската важност на проширувањето, а од друга капацитетот на Унијата да апсорбира нови земји членки.

https://p.dw.com/p/EZd4
Европскиот парламент во СтразбурФотографија: AP

Европските перспективи дадени од ЕУ кон земјите кандидати ќе бидат почитувани, барем за земјите кои ги имаат започнато преговорите. „Што се однесува до преговорите кои се во тек, Унијата ќе ги почитува своите ангажирања“ – беше јасен францускиот државен секретар за европски прашања Жан-Пјер Жује.

Како претседавач со Европската унија, тој пред европратениците во Стразбур не ја спомена ниту еднаш Република Македонија.

Како да изгледа преодниот период?

На Македонија и на останатите земји кои имаат европски перспективи, некои посакуваат сега да им понудат нешто друго. „На пример зона за слободна размена или учество во Шенген зоната, пред да можат да станат во целост членки.“– нагласи известувачот на ЕП, Елмар Брок.

Инструментите за преодниот период пред целосното членство, според замислата се наменети за земјите со подалечни перспективи. Од нив, Брок ја иззема Хрватска и смета дека секоја земја ќе треба самата да одлучи дали ќе ги користи или не. На ова се противи еврокомесарот Оли Рен.

„Европската унија не смее да наметне нови преодни периоди за земјите кандидати пред нивното членство. Тоа ќе создаде само сомневања околу ангажирањата на Европската унија и ќе биде ослабена нивната мотивација за потребните демократски реформи“. Притоа Рен потсети на заклучоците од последниот самит на ЕУ, на кој беше поддржана европската перспектива за земјите од Западен Балкан.

ЕУ да биде достоен и доверлив партнер

Во многу дискусии се слушна загриженоста за европските перспективите на Балканот.

„Тука сакам да го споменам Западен Балкан кој е вистинска црна дупка опкружен со државите од ЕУ и маргинализиран. Мислам дека е во наш интерес тоа да не се случи, ние имаме потреба од стратегија за проширување која секоја земја ја оценува според своите сопствени заслуги, Европската Унија потребно е да биде достоен и доверлив партнер.“ - нагласи германската едвропратеничка Гизела Каленбах.

Расправата е отсликана и во предложената резолуција, во која меѓу другото ЕП бара од земјите кандидати, но и од земјите веќе членkи на Унијата целосно и строго исполнување на условите од Копенхаген. Истовремено од ЕУ се бараат напори за да ги засили нејзините капацитети за интеграција.