1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Подолг и позасилен мандат на Бундесверот во Авганистан

Силвера Падори7 октомври 2008

Владата донесе заклучок мандатот на Бундесверот да се продолжи место за 12 на 14 месеци и во мисијата да учествуваат 4.500 , што е за 1.000 војници повеќе од актуелно ангажираните во ИСАФ

https://p.dw.com/p/FVfp
Мисијата на 4.500 војници на Бундесверот во Авганистан ќе чини 688,1 милион евраФотографија: AP

Германската влада претпладнево даде „зелено светло“ за продолжување на мандатот на Бундесверот во мисијата ИСАФ во Авганистан. Суштински, мисијата останува со старите задачи во северниот дел од земјата и ќе се грижи за стабилизацијата, обновата и развојот на Авганситан.

Зголемени обврски

„Ново во овој мандат е неговото траење од 14 месеци. Со тоа ќе се вклопи во конституирањето на новиот германски Парламент наредната година. Ново е и зголемувањето на бројот на војниците за околу 1.000, со што во Авганистан ќе бидат присутни 4.500 војници што е продонес во зголемувањето на флексибилноста. Поточно имаме нови обврски, зголемени задачи околу образованието на воените сили на Авганистан, активности во силите за брза реакција. Во оваа смисла, наредната година ги имаме и претседателските избори во Авганистан и при промените на контингентите сакаме да имаме простор за флексибилност” - истакна Томас Штег, портпарол на владата.

Со оглед на зголемениот број војници и подолгиот период на престој се зголемуваат и трошоците на мисијата. Место 487 милиони, проценка е дека новиот мандат ќе чини 688,1 милион евра. За владиниот заклучок попладнево прв пат ќе дебатираат и пратениците во Бундестагот. Конечната одлука треба да биде донесена наредната недела.

Поскапување на здравствените услуги

Кабинетот утринава даде согласност и за зголемување на делот за здравственото осигурување кое треба да стапи во сила од од 1 јануари наредната година.

Паритетно финансираниот придонес во државните здравствени каси кој моментно изнесува 14,1 процент ќе се зголемни на 14,6 проценти, а на ова се придодаваат уште 0,6 проценти што треба да ги плаќаат вработените. Така придонесот треба да изнесува 15,5 проценти” - го образложи Штег вториот значаен заклучок на Кабинетот кој во наредниве три недели ќе биде на дебата во Бундестагот. Доколку ова зголемување се прифати, за околу 92 проценти осигуреници во државните каси, здравствените услуги ќе поскапат за 100 евра годишно. Инаку, претставниците на здравствените здруженија покачувањето го сметаат за прениско. Според нивните калкулации, за покривање на трошоците, учеството на осигурениците би требало да изнесува 15,8 проценти од нивните месечните примања.