1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Поделбата на Косово е невозможна, дијалогот е непходен

31 октомври 2008

Германскиот дипломат Волфганг Ишингер деновиве изјавуваше дека треба да продолжат преговорите меѓу Приштина и Белград. Во интервју за Дојче Веле објаснува за какви преговори се работи. Со него разговараше Бахри Цани.

https://p.dw.com/p/FlDv
Волфганг ИшингерФотографија: Anila Shuka

Прашањето за статусот на Косово е решено, но дијалог меѓу Белград и Приштина за конкретни прашања е неопходен“, изјави за Дојче Веле германскиот дипломат и поранешен посредник во преговарачката тројка Волфганг Ишингер.

„Не знам како ме цитирале, но јас се надевам дека ќе бидат продолжени преговорите меѓу Белград и Приштина. Но, треба да се почека поволен момент за тоа. Претседателите Борис Тадиќ и Фатмир Сејдиу, како и премиерите на Србија и Косово, се тие коишто мора да одлучат кога е најдобро време за продолжување на преговорите. Одлуката не е лесна за ниту една од страните, така што треба да се почека уште некое време. Не е важно дали преговорите ќе започнат следната година, но важно е тие да им бидат цел и на двете страни“ рече Ишингер.

Статусот не е тема на разговор

Косово на 17 февруари прогласи независност, која до сега ја признаа 51 земја. За Ишингер, статусот не треба да биде тема на разговор, туку идниот дијалог треба да се води за конкретни прашања.

„Сега треба да се решат конкретни прашања, како што се движењето на граѓаните од двете страни на границата, комуникацијата, трговијата и соработката. Значи да се решат прашања од интерес на двете страни. Уште еднаш повторувам: добар пример за решавање на овие конкретни прашања е спогодбата меѓу источна и западна Германија од 1973 година. Решавањето на овие прашања нема да биде од корист само за Србите и Косоварите, туку за целиот регион.“

Jahresrückblick 2008 Februar International Kosovo Unabhängig
Фотографија: picture-alliance/ dpa

Поделбата не е добро решение

По прогласувањето на независноста, јазот меѓу косовските Срби и косовските институции се продлабочи. Дали во такви услови поделбата на Косово е решение на проблемите?

„Лично, ниту во текот на преговорите со посредништво на Тројката, не мислев дека поделбата е добро решение. На почетокот од преговорите ги прашавме двете страни дали сакаат да разговараат за поделба, но тоа не го сакаа ниту Приштина, ниту Белград. Сметам дека поделбата на северниот дел на Косово не е никакво решение, бидејќи би останал проблем со останатите српски енклави. Европа би го загубила својот дух и своите вредности доколку би поддржала друго решение освен мултиетничка соработка,“ вели за Дојче Веле германскиот дипломат.

Заклучокот според Ишингер гласи: прашањето на статусот на Косово е решено, поделбата е невозможна, а дијалогот неопходен.