1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Поддршка за Груевски, да ја одбрани Македонија

Костадин Делимитов18 мај 2015

Илјадници граѓани на масовен собир пред македонското Собранието со поддршка за премиерот Никола Груевски и владата.Стотици знамиња, партиски симболи, гласна поддршка за актуелната власт.

https://p.dw.com/p/1FRfD
Фотографија: R. Atanasovski/AFP/Getty Images)

Сакаме мир и просперитет на оваа држава, затоа сме дојдени да ја поддржиме силна и демократска Македонија предводена од ВМРО ДПМНЕ. Илјадници граѓани на масовен собир пред Собранието со поддршка за Груевски:

„Треба да му помогнеш на човек кога е тешко, а не кога му е лесно, излеговме на улица за да изразиме револт од обидите некој однадвор да се меша во внатрешните работи на нашата земја. Доста беше, ние треба самите да си го решиме проблемот, оваа поддршка е за решавање на проблемот внатре во рамки на институциите на Македонија. Ние сме независна држава“

Стотици знамиња, партиски симболи, гласна поддршка за актуелната власт. Со едноминутно молчење за загинатите припадници на полицијата илјадници граѓани се собраа пред собранието во центарот на Скопје на големиот народен собир во организација на ВМРО ДПМНЕ. Апелирааат премиерот Груевски да не попушти и да ја одбрани државата како што велат од надворешните непријатели:

„Не смееме да се предадеме, ја поддржуваме Владата и премиерот во одбраната на земјата од надворешните непријатели“ „Дојдов да ја поддржам Владата за која што гласав и која барем досега покажа дека знае како се работи за доброто на сите, а не како што работеа претходните“ „Да бидеме силни да и покажеме на опозицијата, дека тоа што го прави не е во ред тоа што го прави, да не се манипулира, да сме силни сите заедно“ „Опозицијата прави глупости, лага, предавство, не делат а тоа не чини, треба да бидеме сложни, да одиме напред, да одиме со позитивна енергија, да не се прави штета на државата“

Mazedonien pro-Regierungsdemonstration in Skopje
Фотографија: Reuters/O. Teofilovski

Како и вчера пред Владата и на овој собир се присутни граѓани од различни националности:

„Оваа Влада работи за сите нас, просперитет се гледа насекаде, има капитал, инвеститори, таа не прашува за националност, еве јас сум Србин, оваа Влада ја заслужува поддршката бидејќи гледа за сите ние да живееме добро, испраќа порака дека оваа земја е за сите, не само за Македонци и Албанци“

Собирот е под силно обезбедување на полицијата, редари организирани од организаторот, ВМРО-ДПМНЕ, коалицијата За подобра Македонија и голем број други поддржувачи. За разлика од граѓанскиот протест предводен од здружената опозиција, вечерва пред Собранието нема присутни претставници на меѓународната заедница. Но како што се нагласи на стартот на собирот тоа не значи дека ВМРО ДПМНЕ не ужива поддршка од Европа, туку напротив. Поддршка за собирот и политиките на актуелната власт пристигнала од страна на првиот човек на Европската народна партија Жозеф Дол кој во писменото соопштение меѓу другото апелира за мирена разрешница на кризата, без тензии, во рамки на институциите. Во набљудувачка мисија е и европарлемантерцот Ричард Хауит кој уште претпладнето беше запознат со деталите и планот за големиот народен собир.

Според организаторите целта е преку мирен мирен, ненасилен собир, да се искаже поддршка на државата во овие тешки моменти: „Поддршка за сите кои се борат за Македонија, за безбедносните сили, за сите сили кои што даваат напори Македонија да излезе од овој процес, да се заврши оваа криза и да се продолжи по патеките на напредокот, по патеките на отворање на нови работни места, по патеките на носење на крупни инвеститори во Македонија, по патеките на зголемување на платите, на пензиите, на социјалната помош, по патеките на силна поддршка на земјоделците. Но сигурно ќе биде моќен и силен од аспект на присутноста на граѓаните затоа што јас знам дека граѓаните го препознаа овој кукавички чин што го прави Заев, против сопствената држава, а за својот личен интерес“, изјави премиерот Никола Груевски.

Паралелно со народниот собир што го организира власта, пред владата опозицијата кампува со барање за оставка од владејачката гарнитура.

Строгиот центар и улиците пред Собранието и пред Владата во текот на целиот ден се блокирани за сообраќај што предизвика сообраќаен метеж и нервоза кај граѓаните кои мака мачеа да се пробијат до своите одредишта.