1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Поголема контрола врз правосудството

Сенада Соколу/ Симе Недевски18 февруари 2014

По усвојувањето на спорната реформа на судството во турскиот парламент, која и‘ обезбедува поголемо влијание на власта врз правосудните органи, критичарите стравуваат за принципот на поделба на власта во правната држава.

https://p.dw.com/p/1BAYe
Фотографија: Reuters

Туркање меѓу пратениците и тупаници. Неколку скршени носа и еден скршен прст. Сето тоа се случуваше во ноќта од петокот кон саботата (15.2. - 16.2.) во парламентот во Анкара. На крајот сепак беше усвоена спорната реформа на правосудството. Реформата се однесува на Високиот совет на судии и обвинители на Турција. Тој е задолжен за независна контрола на работата на правосудните органи, но и за именување на судии и обвинители. Усвоената реформа предвидува зголемување на влијанието на Министерството за правосудство врз работата на тој Совет.

Уште во јануари владејачката исламско-конзервативна партија АКП на премиерот Реџеп Таип Ердоган покрена иницијатива за усвојување на новиот закон, кои би ѝ овозможил поголемо влијание на владата во назначувањето на судии и обвинители. Меѓутоа критиките на тој закон беа многу остри. Не само од страна на опозицијата во парламентот, туку и од страна на десетици илјади демонстранти на улиците. Тие стравуваа дека Ердоган всушност сака да преземе поголема контрола врз судскиот апарат. И турскиот претседател Абдула Ѓул, но и Европската унија предупредуваа дека новиот закон го прекршува принципот на поделба на власта на законодавна, извршна и судска, кој пак е основа на правната држава. Ердоган за време на последната посета на Брисел ги уверуваше соговорниците дека ќе го почитува принципот на правната држава. Предлогот на спорниот закон донекаде е променет, но критиките не престанаа.

Türkei Ankara Justizreform Handgreiflichkeiten im Parlament
Фотографија: AFP/Getty Images

Корупциски скандал

Владата на Ердоган од декември минатата година е соочена со голем корупциски скандал. Станува збор за давање поткуп, илегални зделки за продажба на злато со Иран, како и за незаконски градежни проекти. Дојде до апсење на осомничени, меѓу кои беа и високорангирани политичари, биснизмени, синови на министри.

Ердоган на тоа одговори со откази за судии на високи позиции, јавни обвинители и полициски службеници. Тој тврди дека зад сето тоа стои „паралелната држава“ на проповедникот и негов поранешен соработник, Фејтула Ѓулен. Движењето на Ѓулен е познато по тоа што има големо влијание врз органите на полицијата и на судството, што пак ја загрозува позицијата на премиерот. Критичарите затоа сметаат дека оваа реформа на правосудството всушност е обид да се заслабне влијанието на движењето на Ѓулен во судството.

Повод за реформите е борбата за власт

Стручњакот за право Лами Бертан Токозлу реформата на судството директно ја поврзува со позицијата на движењето на проповедникот Ѓулен. „Ова движење е многу влијателно во Високиот судски и обвинителски совет. На тој начин можат да се собираат докази и да се прислушуваат разговори (и сето тоа да се користи против владата). Владата на Ердоган на тоа гледа како на револт и со тоа ја оправдува својата реформа“.

Меѓутоа, сите претходни истраги и собирања на доказен материјал се извршени по налог на судовите и затоа не излегуваат надвор од правните норми. „Сосема е јасно дека станува збор за борба за власт“, тврди Токузлу.

Türkei Korruptionsskandal Istanbul 29.12.13
Фотографија: Ozan Kose/AFP/Getty Images

Зајакната улогата на министерот за правосудство

„Во реформата од 2010. година на Советот му беше овозможена широка независност од Министерството за правосудство. Судовите можеа да работат без мешање од страна на тоа министерство“, вели Токузлу. Тој додава дека таа реформа била чекор напред, но оти владата не била среќна поради тоа решение: „Независноста на Советот и на судовите не ѝ одеше во нејзина полза. Кога истрагите тргнаа во насока која е спротивна на интересите на владата, таа не можеше да ги запре и затоа одлучи да го направи тоа на овој начин“.

Новата реформа овозможува поголемо влијание на министерот за правосудство во рамките на Високиот судски и обвинителски совет. „Ако постои некое кривично дело, тогаш министерот има целосна контрола над процесот на истрага. Тој именува три члена на Советот кои ја преземаат истрагата и поднесуваат извештај за тоа“, вели Токузлу. Со реформата е укинат и Генералниот секретаријат кој беше задолжен за прашањето за обучување на нови судии. Оваа задача сега ја презема тело, чии членови исто така ги назначува министерот за правосудство.

На повидок нови откази за обвинители и судии

Токузлу тврди дека штом законот стапи во сила, во рок од десет дена откази ќе добијат досегашните членови на Советот. Со реформата е предвидено министерот за правосудство во рок од десет дена да именува нови членови: „Владата има проблеми со сегашниот состав на Советтот. Тие едноставо ќе бидат заменети со нови, попогодни“, тврди Токузлу.

Тој вели дека независноста на судството е важен аспект на демократијата. Во изминатите месеци во Турција од функциите беа сменети оние обвинители, кои неодамна покренаа процеси за кривична одговорност. „Симбол на независното судство е Високиот судски и обвинителски совет. Ако составот на тој Совет зависи од волјата на министерот за правосудство тогаш не можеме да говориме за независно судство“, истакнува Токузлу.