1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Криминал

По убиството на пет деца: тага и запрепастување во Золинген

Хелена Кашел | Оливер Пипер
5 септември 2020

Додека пред куќата во која мајката ги убила своите пет деца луѓето им оддаваат почит, експертите се обидуваат да најдат одговори на прашањето: зошто тоа се случило?

https://p.dw.com/p/3i2f5
Deutschland Solingen | Trauer um den Tod von fünf Kindern
Фотографија: DW/H. Kaschel

Во текот на дождливото попладне луѓе постојано запираат на местото на злосторството за да оддадат почит на невините жртви. Меѓу нив не се само жители од квартот Хазелделе во Золинген во кој живеат околу 3.000 луѓе од преку 50 нации. Еден маж кратко застанува пред куќата, плаче гласно а потоа влегува во автомобилот и заминува. И соседите се потресени од настанот.

Состојба на емоционална преоптовареност

Осомничена за убиството на децата, три девојчиња од 18 месеци, две и три години, и две момчиња од шест и осум години, е 27-годишната мајка. Издаден е налог за нејзино апсење, беше соопштено на вчерашната прес-конференција на полицијата и јавното обвинителство.

Обдукцијата на телата пронајдени во детските кревети покажала траги од гушење и употреба на седативи. Немало директни знаци за употреба на сила. Убиствата, како што се наведува, очигледно се извршени во „состојба на емоционална преоптовареност", а заднината на сето е наводно пропаднатиот брак на мајката со таткото на четири од петте убиени деца.

повеќе:

Германија: Мајка осомничена дека си ги убила петте деца

Мајката на децата во четвртокот се обиделада изврши самоубиство, фрлајќи се под воз во Диселдорф. Преживеа со тешки повреди, но не е во критична состојба.

Најстарото дете, 11-годишно момче, не било дома кога се случила трагедијата. Мајка му телефонски го повикала додека било во училиште, велејќи му дека поради смртен случај мора да ја напушти наставата, соопштија истражителите. Потоа со синот седнала во воз за Диселдорф, се простила од него кога слегол да се прекачи во воз за Менхенгладбах, каде живее баба му по мајчина страна.

27-годишната жена преку Воцеп на својата мајка ѝ признала дека ги убила своите пет деца. По 20 минути, на главната железничка станица во Диселдорф се фрлила под воз.

Момчето се наоѓа во сигурно семејно опкружување

Во Социјалната служба за заштита на млади ова семејство било познато и пред трагедијата. Според градската управа, семејството добивало неопходна поддршка од градот Золинген. Службата за социјална заштита истакнува дека понудила и други можни видови на помош, но во ниеден момент немало сознание за нешто што би претставувало потенцијална опасност за децата.

Посебно близок однос со децата

Вакви постапки, за среќа, се многу ретки, вели Улрике Церингер, професорка по криминологија на Полициската академија во Хамбург. Годишно во Германија жртви на убиство со предумисла стануваат 60 до 70 деца помлади од 14 години.

„Често сторителите на вакви дела се родители кои кон своите деца се однесуваат со љубов и имаат посебно блиски односи. Токму поради ваквите блиски односи, родителите не можат да замислат дека децата би можеле да бидат среќни во разделени семејства, зашто со разводот се разбива таа идеална слика за семејството." Единствено можно решение од аспект на извршителите во тој момент, објаснува таа, е убиство на детето.

Корона-кризата како фактор на ризик

Студии покажуваат дека најчесто мајки се извршители на убиства на деца во старосна група од шест до 13 години, а татковци на деца до пет години.

„По разводот, некои татковци во случај да не можат да добијат старателство над децата, едноставно не сакат да допуштат тоа право да припадне на бившата сопруга", вели Штефан Репке, специјалист за психијатрија и психотерапија во берлинската болница Шарите. Тој истакнува дека „економската ситуација може да игра важна улога во партнерските судири или некој пресуден животен настан". Тогаш сторителот, додава тој, не гледа излез од таа ситуација. За Репке и корона-кризата е еден од факторите на ризик за појава или повторно избивање на ментални болести.

повеќе:

Пандемијата и родителите: Кој да не спаси од децата?

„Посебно загрозени се самохрани родители на мали деца, тие се посебно оптоварени во доба на корона, а образованието на децата дома наместо во училиште исто така создава стрес", објаснува тој. Ако некоја личност, како што вели, притоа западне во тешка депресија која може да биде проследена со сулуди идеи, тоа може да се случи нешто како оваа трагедија.