1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

По 200 напади неделно врз Украинци и Руси во Германија

ЕМФ | агенции
19 април 2022

Германската криминалистичка служба регистрира по околу 200 напади неделно кои се поврзани со војната во Украина.

https://p.dw.com/p/4A5OG
Deutschland Symbolbild BKA
Фотографија: picture-alliance/dpa/A. Dedert

Деликтите во Германија се насочени „во поголемиот дел против членови на општеството со руско, но и со украинско потекло“, изјави претседателот на Германската криминалистичка служба (БКА), Холгер Минх, за весникот „Тагесшпигел“. Станува збор „првенствено за деликти како закани, навреди или нанесување материјална штета“. Бројот на напади во изминатите недели бил „стабилен до благо опаѓачки“, вели Минх.

Тој нагласува дека е „тешко да се процени“ натамошниот развој, кој зависи „многу од натамошниот тек на војната“. БКА собира и проценува „релевантни информации од покраините и сојузните институции“ и врз основа на тоа прави проценка на состојбата во земјата.

Во однос на омразата и хушкањето против Руси и Украинци на интернет, Минх вели: „Во однос на руски и украински жртви, одделот за следење и спречување на политички мотивирано насилство при БКА досега има регистрирано само одделни постови со омраза“.

BKA Bundeskriminalamt Meckenheim
Германската криминалистичка служба регистрира по околу 200 напади неделно кои се поврзани со војната во УкраинaФотографија: picture-alliance/U. Baumgarten

И Централната служба за пријавување казниви содржини на интернет (ЗМИ) информира дека досега примила мал број пријави поврзани со војната во Украина. „Но, пријавите во ЗМИ не се соодветен индикатор. Провајдерите на платформи кои се обврзани со Законот за подобрување на спроведувањето на правото на социјалните мрежи во моментов не ѝ поднесуваат на БКА никакви сомнителни пријави за криминални содржини поради своите тужби кои се во тек“, објаснува Минх.

Онлајн-концерни како Фејсбук и Гугл поднесоа тужби против Законот за подобрување на спроведувањето на правото на социјалните мрежи. Затоа БКА користи децентрализирани  структури за пријавување „кои веќе постојат во покраините за борба против омразата и хушкањето“, потенцира претседателот на БКА.

- повеќе: Непријателско расположение кон руската заедница во Германија

Бројот на обработени пријави во моментов е трицифрен, но „тоа не доволно“ за справување со проблемот вели Минх, кој се надева на решение на ниво на ЕУ. „Во подготовка е европски закон, Digital Services Act, кој ќе ги регулира обврските за пријавување на европско ниво“, информира претседателот на Германската криминалистичка служба.