1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Планот на Путин за Сирија

Роман Гончаренко/бг8 септември 2015

Се множат информациите за засилено руско воено присуство во Сирија, но засега нема цврст доказ за такво нешто. Руските аналитичари се сомневаат дека Русија може воено да ја победи ИД.

https://p.dw.com/p/1GSfY
Фотографија: picture-alliance/dpa/M. Metzel

Тоа не беше непоколеблив демант: „Немам информација за тоа“, одговори портпаролот на рускиот претседател Владимир Путин во понеделникот во Москва на прашањето на еден новинар за тоа дали Русија ја проширила својата воена помош за Сирија. Самиот Путин три дена претходно изјави дека Москва размислува за разни можности. Военото учество на Русија во борбата против терористичката милиција „Исламска држава“ не е на дневен ред, рече Путин.

Од почетокот на септември се шират информациите дека Русија наводно распоредила свои трупи во Сирија за да се борат на страната на сириската армија против ИД. Некои извори се повикуваат на социјалните мрежи каде, наводно, виделе фотографии од руски војници во Сирија. Во други извештаи се говори дека Русија во Сирија испратила најнова воена технологија со воени бродови и дека сака да изгради база за противвоздушна одбрана.

Russland Alexej Malaschenko
Алексеј МалашенкоФотографија: Carnegie Moscow Center

Засилено снабдување со оружје

Цврсти докази за тоа досега не се презентирани во јавноста. Потрагата по такви докази се чини е тешко, затоа што Русија веќе со децении има свои трупи во Сирија. „Сосема е нормално што во Сирија има руска војска“, вели за ДВ, Алексеј Малашенко, експерт за Блиски исток во московскиот Карнеги центар. „Војската е таму присутна од 1955 година и има различни задачи бидејќи сириската армија е целосно вооружена со руско оружје“.

Москва и Дамаск се стари сојузници. Во сирискиот крајбрежен град Тартус на Средоземното море, Русија има морнаричка база. Од почетокот на граѓанската војна во Сирија во 2011 година, Русија својата политичка поддршка постојано ја надополнува и со испорака на оружје. Москва сега тоа го образложува со борбата против ИД.

САД, во секој случај, минатиот викенд сметаа дека е неопходно да ја предупредат Русија од евентуален воен напад во Сирија. Државниот секретар Џон Кери во телефонски разговор со рускиот колега Сергеј Лавров ја искажал загриженоста на Вашингтон и предупредил дека проширувањето на руската воена помош за сирискиот претседател Башар ал Асад само дополнително ќе ја заостри состојбата.

Syrien Sergej Lawrow und Bashar Assad in Damaskus
Сергеј Лавров и Башар ал-АсадФотографија: picture-alliance/dpa/Stringer/Ap/Pool

Експертите предупредуваат од грешки

Руските воени експерти како Александар Голц се сомневаат дека Русија веќе воено делува во Сирија. „Не постојат темелни докази“, вели Голц, но не ја исклучува таа можност во иднина. „Доколку се земе предвид дека во Русија еден човек одлучува за сѐ, се е можно“, вели Голц. Тој смета дека руската воена акција во Сирија би имала смисол само доколку тоа радикално би го променило текот на војната. „Јас не верувам дека Русија денес може да испрати толку многу трупи што ќе и‘ овозможат воена победа против ИД во Сирија и Ирак“, вели Голц.

Доколку тоа се случи, тогаш Русија би ги игнорирала како меѓународните, така и сопствените советски искуства од Авганистан во 80-те години. И аналитичарот Алексеј Малашенко смета дека можната руска воена интервенција во Сирија би била „голема грешка“. Таа би имала мали изгледи за успех, а ни руското општество не би ја поддржало, вели Малашенко.

Во Москва ретко кој верува дека сирискиот претседател би можел да се одржи на власт без поддршката на Русија. Григориј Мирскиј од руската Академија на науки ја смета Сирија за „безнадежен случај“. Но тој верува дека Путин ќе стори сѐ, за да не дозволи пад на Асад.