1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

План „Б“ за Косово

18 декември 2006

Весникот „Франкфуртер алгемајне“ денеска се осврнува на можните сценарија околу идниот статус на Косово,во текстот под наслов План Б за Косово, Раинер Штинер,член на германскот Бундестаг и на фракцијата на Либералите, пишува:

https://p.dw.com/p/Ae50

Иако предлогот на специјалниот пратеник на ОН за Косово Марти Ахтисари во врска со идниот статус на покраината е најавен по изборите во Србија во јануари 2007 година,делови од него се веќе познати:условена независност, суверенитет под надзор.Сега се заканува нова непријатност:се множат знаците дека Русија од обзири кон Србија при ова решение ќе вложи вето во Советот за безбедност на ОН.Тогаш ќе важи и натаму досегашната резолуција 1244.За ваков случај,во ЕУ не постои никаква подготовка,никаков план Б.

Уште кога Ахтисари најави одложување на планот,во Косово се појавија гласови за еднострано прогласување независност.По можно пропаѓање на решението за статусот во Советот за безбедност,овие гласови сигурно ќе се засилат.Партиите во владата и Парламентот ќе бидат поттикнати на ваков чекор поради притисокот од улицата.Се поставува прашање како ќе реагираат во ваков случај земјите кои учествуваат во КФОР,мировните трупи и управата на ОН на Косово.Де факто,тоа се ЕУ и САД.Германија дури е застапена преку командантот на КФОР и преку раководителот на управата на ОН.

Постојат навестувања дека САД би признале еднострано прогласување независност на Косово.Кај земјите од ЕУ постојат различни позиции.Покрај оние кои се за брза независност,постојат и такви кои се скептични околу независноста поради проблемите со малцинствата.Постои опасност овде ЕУ да не може да се усогласи околу заедничка надворешна политика.За Косово,но и за заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ и САД ваква состојба би била разорувачка.Еднострано изјаснување независност би било јасно кршење на резолуцијата на ОН 1244.КФОР би морак да реагира,апсејќи врвни косовски политичари.

Истовремено оваа резолуција би била прекршена од страна на земјите кои би го признале Косово.Бидејќи веројатно во нив би биле и важни претставници на сили во КФОР,тој ќе се распадне како фактор на моќ.Слично важи и за управата на ОН:со губењето на резолуцијата 1244 се губи целата нејзина легитимна основа.Таа повеќе не би функционирала.Конечно,во Косово би можел да избие политички,воен и економски хаос.За ЕУ признавањето на независно Косово од едни,а не и од други земји би било рамно на објава на политички банкрот.

Ова е стравично сценарио.За да се спречи,мора да се водат интензивни советувања меѓу сите засегнати страни.Германија како претседавач со ЕУ во првата половина од 2007 година,која е клучна,има особена улога.Целта мора да биде- во ЕУ и во сите земји учеснички во КФОР да се постигне колку што е можно единствена линија за реакција во случај на евентуално пропаѓање на предлозите на Ахтисари.Посебно треба да се осигури да не дојде до признавање на целосен суверенитет на Косово без никаков меѓународен надзор.

Ако меѓународната заедница не сака да влета во опасност и и да биде биде внесена во меѓусебни судири при решението на статусот на Косово,мора сега да делува.Надежта дека се може да оди според планот не е доволна.План Б мора да постои.