1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Питер Фејт сака да го интегрира северно Косово

16 јануари 2010

Меѓународните организации подготвуваат стратегија за интеграција на северниот дел на Косово, во кој Приштина, практично не врши никаква власт. Локалните Срби велат дека таков план може да се спроведе само со сила.

https://p.dw.com/p/LWRc
Митровица останува клучна точка за интегрирање на северниот дел од КосовоФотографија: AP

Специјалниот претставник на ЕУ на Косово Питер Фејт потврди дека е во тек изработка на стратегија за интеграција на северниот дел на Косово и дека на неа се работи заедно со меѓународните партнери и косовските институции. „Стратегијата се заснова на фактот дека Меѓународната цивилна канцеларија не признава паралелни струкутури, туку само институциите на Косово. Со овој предлог сакаме да воспоставиме ред и закон на северот и да ги зајакнеме косовските институции“, изјави Фејт.

Според пишувањето на приштинскиот печат, планот за северот на Косово прв го обелоденил поранешниот администратор на УНМИК во Митровица, Жерар Галучи. Стратегијата, според него опфаќа формирање на нова општина Северна Митровица, одржување локални избори во трите српски општини на северот, Звечан, Лепосавиќ и Зубин Поток во текот на оваа година и затворање на канцелариите на УНМИК во северниот дел на Митровица.

Укинувањето на српските структури само на сила!

Меѓутоа, претседателот на Српскиот национален совет на северно Косово, Милан Ивановиќ за Дојче веле објаснува дека бојкотот на минатите локални избори во Косово е најдобар доказ дека Србите сакаат да останат во уставно-правниот систем на државата Србија и дека стратегијата на Питер Фејт би довела до дестабилизација на северно Косово. „Оваа планирана стратегија да се протера УНМИК, кој треба да работи во духот на Резолуцијата 1244, и да му го отстапи местото на Еулекс, организација која ја формираа земјите кои го создадоа независно Косово, секако дека не е добра за некакво конечно решение, како што нема да успеат ниту изборите во Митровица“, вели Ивановиќ.

UNO-Polizei in Mitrovica
Србите немаат намера да се откажат од паралелните структуриФотографија: AP

Тој смета дека постојните српски институции на северот можат да се укинат само по насилен пат. „Ако господинот Питер Фејт и неговите налогодавци го поддржуваат таквиот начин на решавање на проблемите, тоа е друго прашање, но тоа не би било првпат ваквите спорови да се решаваат со насилство. Ние заговараме мирни решенија и никој нема право да ни наметнува некакви институции кои не ги сакаме“, вели Ивановиќ.

Повиците да се укине работата на институциите на државата Србија во Косово последниве денови се се’ почести. Во тој контекст, косовскиот претседател Фатмир Сејдиу минатата недела побара помош од меѓународните организации, додека шефот на Еулекс Ив де Кермабон рече дека е одлучен во намерата по пат на дијалог да го помогне зајакнувањето на косовските институции во областа на владеењето на правото и на северот на Косово.

Автор: Зулфија Јакупи/Борис Георгиевски

Редактор: Александра Трајковска