1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Писмо на Груевски до Бан Ки Мун и Нимиц

Горан Петрески 12 август 2008

Македонскиот премиер Никола Груевски испрати писмо до генералниот секретар на ОН и посредникот во грчко македонскиот спор, во кое бара проблемот со признавањето на МПЦ да биде дел од преговорите.

https://p.dw.com/p/EvGj
Премиерот Груевски и медијаторот Нимиц на средба во СкопјеФотографија: Petr Stojanovski

Премиерот Никола Груевски бара од ОН да помогнат за признавање на Македонската православна црква. Во пресрет на новата рунда преговори во Њујорк, писмената дипломатска офанзива на властите во Скопје продолжува со нов допис до генералниот секретар Бан Ки Мун и посредникот во грчко-македонскиот спор Метју Нимиц.

Во писмото Груевски ги запознава со проблмот на МПЦ

Коренот на проблемот лежи во негирањето на МПЦ, недавањето автокефалност и обидот за нејзина изолација од страна на српската црква, којашто е инспирирана од влијанието на грчката црква што е во многу блиски релации со грчките власти. Пораките дека македонската црква ќе биде призната во православието само ако го смени името, јасно укажува дека проблемот не е црковен и канонски туку целосно политички, поврзан со уставното име на Македонија, а мотивиран од грчките негирања на македонскиот идентитет, им пишува Груевски на претставниците на Светската организација.

Македонскиот премиер бара на црковното прашање да му се даде приоритет во посредничките обиди да се најде решение на отворените прашања меѓу Скопје и Атина. Груевски објаснува дека црковниот проблем го отвара поради врската на грчката црква и држава која е далку посилна отколку во која било друга земја членка на НАТО и ЕУ. Поради таквите релации, македонскиот премиер препознава опасност од инструментализација на црквата во политички цели.

Груевски бара Нимиц да интервенира за промена на името на солунскиот аеродром

Освен што очекува да се заложи за проблемот на МПЦ, Груевски од посредникот Нимиц бара да интервенира кај грчките власти за промена на името на солунскиот аеродром. Создава непријатност, кога илјадници туристи со збунетост прашуваат зошто името на државата, Грција го користи како име на аеродромот во Солун, му пишува Груевски на Нимиц и додава, решавањето на ова за нас важно прашање ќе придонесе за градење на поголема меѓусебна доверба, што е мошне важно особено сега, кога Грција го зголемува својот воен потенцијал, според експертите несразмерно во сооднос со повеќето соседни земји, стои во писмото на премиерот Никола Груевски.