1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Петерсен задоволен од постигнатото на Косово

14 јуни 2006

Шефот на УНМИК на заминување, Сорен Јесен Петерсен, оцени дека на Косово во последните две години е постигнат голем напредок и дека косовските Албанци ќе можат да го заработат тоа што го сакаат, доколку ги спроведат клучните стандарди. Петерсен вчера во Брисел разговараше со високиот претставник на ЕУ за надворешна и безбедносна политика, Хавиер Солана и генералниот секретар на НАТО, Јап Де Хоп Шефер.

https://p.dw.com/p/Adis
Сорен Јесен Петерсен
Сорен Јесен ПетерсенФотографија: AP

“Главниот стандард на Косово е поврзан со малцинствата“, изјави по разговорите со високиот претставник на ЕУ, Хавиер Солана, шефот на УНМИК на заминување, Сорен Јесен Петерсен. Тој демантираше дека во интервју за весникот “Коха Диторе“ изјавил оти Косово ќе биде независно и нагласи дека прашањето на статусот не е негова работа, но сепак прецизираше дека и Контакт групата истакнала дека во решавањето на статусот мора да биде уважена волјата на мнозинството на Косово. Каква е таа волја се знае, рече Петерсен.

Според него, наследникот на позицијата шеф на УНМИК, работата ќе ја врши уште половина година, додека не се постигне решение за Косово, по што во шесте месеци од наредната година ќе треба да раководи со постепеното повлекување на мисијата на ОН и препуштањето на таа мисија во раце на ЕУ или кој за тоа веќе ќе биде надлежен.

Сорен Јесен Петресен тврди дека бил во добри односи и со политичките водачи на косовските Албанци и на косовските Срби. На прашањето како гледа на острите критики на Белград на сметка на неговото раководење со мисијата на Косово, Петерсен одговори дека е тоа очигледно сосема нормално.

“Би сакал да има повеќе напредок кога се во прашање косовските Срби. Можевме да направиме нешто подобро, но би било многу полесно кога со Србите би се работело и кога тие би имале зелено светло да учествуваат, како што многумина од нив и сакаа. Тоа е работа во која не можете да им се допаднете на сите секогаш, и мора да се прават работи за кои се верува дека се вистинските за Косово“, одговори Петерсен.

Што се однесува до критиките на главниот обвинител на Хашкиот трибунал, Карла Дел Понте дека УНМИК не соработува доволно со судот кога станува збор за злосторствата на косовските Албанци, шефот на цивилната администрација на заминување, рече дека таквите обвинувања се отфрлени од страна на тој суд и дека обвинителот е само еден дел од судот кој изразил загриженост поради несоработка. Судот оцени дека нема знаци дека УНМИК му дал некому посебна заштита и јас не верувам дека треба да одговарам на такво прашање, подвлече Сорен Јесен Петерсен во Брисел.