1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пендаровски го чека указот за ГА-МА

Костадин Делимитов
29 декември 2020

Опозицијата бара претседателско вето, но колку аргументите за тоа се издржани? Упатените предупредуваат дека не е првпат државата законски да регулира купопродажба на енергетски капацитет.

https://p.dw.com/p/3nIuu
Nord-Mazedonien Skopje | Staatspräsident  - Stevo Pendarovski
Фотографија: Press Office of the President of the Republic of North Macedonia

Законот за ГА-МА помина во Собрание, но контроверзите околу него не стивнаа. Мнозинството пратеници дадоа амин за законот со кој се решава долгогодишниот спор околу сопственоста на ГА-МА, која државата ја купува за 32,7 милиони евра од АД Макпетрол. Постапката во Законодавниот дом заврши, но за да стане оперативен законот треба да го парафира и шефот на државата. Опозицијата бара претседателот Стево Пендаровски да стави вето, односно да не го потпише указот за законот, за кој тие тврдат дека е криминален и штетен за државата. Каков ќе биде потегот на Пендаровски, засега е неизвесно.

Повеќе:Белене ќе почека, Македонија ќе инвестира во грчка гасна електрана

Не е првпат да се носи закон кој третира енергетски објект

„Указот за прогласување на Законот за решавање на спорот помеѓу Владата на Република Северна Македонија и Макпетрол АД Скопје по пат на спогодба, се' уште не е дојден на потпис во Кабинетот на претседателот. Кога Собранието ќе го испрати, претседателот Пендаровски ќе ги разгледа сите доставени аргументации за решението по што ќе донесе одлука и навремено ќе ја информира јавноста“, соопштија синоќа за Дојче веле од кабинетот на шефот на државата.

Критиките и реакциите на опозицијата се дека спогодбата е штетна, финансиски преплатена и затоа не смее да се верификува законски преку парламентот, туку со параф од Владата. Забелешките се јасни, но дилемата е колку тие се и доволно издржани за да се спречи процесот, но и да се убеди Претседателот. Дел од упатените се сомневаат во таквата можност и сметаат дека не е тешко да се претпостави како ќе реагира Пендаровски со оглед дека ова не е првпат во Собранието со закон да се решава купорподажен договор за енергетски објект. 

„Ова не е првпат да се носи закон во парламент кој третира енергетски објект. Првиот таков закон беше изградбата и оперирањето со нафтоводот Скопје-Солун. Во тој закон беше вгнезден и купопродажниот договор за рафинеријата ОКТА. Тој закон за изградба на нафтоводот во себе го содржи купорподажниот договор помеѓу Хеленик Петролеум и македонската влада. Законот за изградба на нафтоводот е меѓународен закон кој е ратификуван во македонскиот и во грчкиот парламент и фактички тој се става над законодавството на двете земји, односно арбитражните судови во странство постапуваат за таков вид на закони. Тоа е така направено за да не може Уставниот суд или домашните судови да го спорат или оспоруваат“, објаснува за Дојче веле претставник во власта од времето кога се носеше законот за нафтоводот и купопродажниот договор за ОКТА кој одблиску бил запознат со овој процeс.

Mazedonien Energieregulierungskommission
Бислимоски: Решавањето на спорот ќе овозможи брза и ефикасна реализација на проектот за гасифицирање на секундарната гасоводна мрежа во државатаФотографија: DW/K. Delimitov

Разликите се видливи

Двата закона, според него, имаат заедничко, но само во тоа што се парафирани во парламентот. За се` останато немаат никакви допирни точки, посебно во делот на бенефициите, односно обврските кои ги презема државата:

„Во случајот со ГА-МА, државата добива готов капитален објект во 100% сопственост, што е прилично добра ситуација. Неговата вредност ќе расте во следните години, а сегашните пари што ќе ги плати државата ќе се оплодат. Тоа е разликата меѓу овој и договорот за ОКТА. Со него државата презеде многу концесии, на пример да плаќа по 500 илјади тони мазут годишно кои реално никогаш не ги ни искористи, а и не можеше, а притоа и кај цената на горивата рафинериската цена влезе со процент и покрај тоа што во голем дел од овие 20 години по договорот рафинеријата не работеше. Така што, овде, со ГА-МА, не станува збор за таков договор, државата го плаќа делот што бил на Макпетрол, кој може да реши и доколку не пројде законот да го продаде делот на кого било, па дури и на странски оператор што од друга страна би било проблем околу оперирањето за државата", коментира нашиот соговорник.

Повеќе: Договорот за Окта е историја... А сметките?

Спогодбата за половина од уделот во ГА-МА на Макпетрол ќе му донесе свеж капитал чија висина, според надлежните, е утврдена од страна на ревизори, а во координација со Европската енергетска заедница.На државата пак - одврзани раце за ефикасна реализација на проектот за гасификација преку целосна контрола врз преносниот систем кој според податоците е во добра кондиција:

„Република Северна Македонија не е изолиран остров во енергетиката. Ние ќе станеме транзитна земја со коридорот на гас што ќе влезе од Грција, кој ќе поминува преку нас, па се' до Косово и ќе биде директна конкуренција на постојниот гас што доаѓа од Русија. Тоа значи конурентност и пониска цена", изјави Марко Бислимоски, претседател на Регулатораната комисија за енергетика и претседател на Одборот на регулатори на Енергетската заедница.

Дополнително, според Бислимоски, решавањето на спорот ќе овозможи брза и ефикасна реализација на проектот за гасифицирање на секундарната гасоводна мрежа во државата:

„Доколку сакаме да има гас до сите домови во државата, тогаш НЕР (АД - Национални енергетски ресурски) мора да управува со ГА-МА. Сега имаме состојба кога гасот што стига од Русија проаѓа низ гасоводниот прстен со кој управува Макпетрол и државата. Тоа е како на обиколница патарината да ја определува и приватно претпријатије, а ако е во сопственост само на државата може да одлучи и да нема патарина за возилата од нејзиниот град, туку само за транзитните“, објаснува Бислимоски.

Symbolbild - Gasstreit Russland Ukraine
Ќе станеме транзитна земја со коридорот на гас што ќе влезе од Грција, кој ќе поминува преку нас, па се' до Косово и ќе биде директна конкуренција на постојниот гас што доаѓа од Русија, вели БислимоскиФотографија: picture-alliance/dpa

Контроверзи уште од почеток

Гасоводот како проект го следат контроверзи уште од самиот старт на неговата реализација. Проектот е започнат уште во 1990-те години од минатиот век, во времето кога претседател беше Киро Глигоров. Државата тогаш влегува во еден вид партнерски однос со Макпетрол кој поседува моќ да стартува со реализацијата на овој капитален проект. На почеток со сопствени средства, а подоцна и преку кредит за кој гаранции дава и државата. Дополнително, државата учествувала во проектот и преку експропријација на земјиштето.

Повеќе: Западот и Русија во битка за балканскиот гасен коридор

Проблемите почнуваат во подоцнежната фаза, кога се утврдува уделот на двете страни во проектот. Направени се неколку ревизии од страна на реномирани меѓународни финансиски институции, но без конкретен договор. Она што следуваше е почеток на судскиот спор, кој по повеќе од една деценија кулминира со вонсудски договор за идентична поделба на сопственоста, односно 50% од акциите на државата, а 50% на Макпетрол. Конечниот епилог за договор за продажба е постигнат уште лани во декември, со посредство на Европската енергетска заедница, односно со нејзина медијација во процесот. Ваквиот расплет стана неизбежен откако беше донесен законот за енергетика, кој согласно европските директиви и правила за пазар на енергија, не дозволува монопол во делот на производство, дистрибуција и тргување со енергенси. Во конкретниот случај Макпетрол беше оператор и трговец со гас, што законски е недозволиво.