1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пендаровски во сендвич меѓу Црвенковски и Заев

Катерина Блажевска8 мај 2014

Двете струи во СДСМ би требало да ги проучат случувањата во Лабуристичката партија на Британија од раните 90-ти години и разрешницата на ривалството помеѓу Тони Блер и Гордон Браун“, сугерира аналитичарот Арсим Зеколи.

https://p.dw.com/p/1BvQk
Фотографија: picture-alliance/dpa

Вистинска бура во јавноста предизвика интервјуто на поранешниот лидер на СДСМ, Бранко Црвенковски за Дојче веле, во кое тој одговори на јавните повици да ги изнесе неговите ставови за актуелните предизвиците пред кои денес е исправен СДСМ. Дел од медиумите експресно го обвинија Црвенковски дека „поддржува сценарија за дестабилизација на државата, со тоа што се приклучил кон сценариото на актуелното раководство на СДСМ за деструктивно делување“. Други фокусот го насочија исклучиво кон неговата изјава дека „во овој момент, ни тој ни Заев не се решение за состојбите СДСМ“, туку личност со голем авторитет и уште поголем обединувачки капацитет, меѓу кои спаѓа и претседателскиот кандидат Стево Пендаровски, за што говорат и неговите изборни резултати кои се поголеми од партиските. Токму овој став најмногу ја крена температурата во штабот на СДСМ, во кој вчера сите покажаа единство, но само во желбата анонимно да ги рецензираат ставовите на поранешниот партиски лидер. Тие ставови покажаа голема разноликост во пресрет на партискиот Конгрес. Оценките можат да се поделат во три групи. Според едни, „време е некој јавно да проговори за состојбите во партијата кои постојано се туркаат под тепих“, според други „Црвенковски му нанесува штета на единството пред Конгресот“, според трети „Пендаровски е вистински избор, но сега ќе се најде во незгодна ситуација“.

Настрада“ Пендаровски

Третите цеолсно погодија. Во изјавата што ја даде лидерот на СДСМ, Зоран Заев, за порталот „Плусинфо“, како одговор на Црвенковски, потенцира дека го цени и почитува Пендаровски и не случајно тој бил предлог на СДСМ за претседател на државата.

„По објавеното интервју на Црвенковски, веднаш го повикав Пендаровски да го прашам дали размислувањата на Црвенковски се темелат на некави сознанија добиени од него. Стево уште еднаш, јасно и недвосмислено ми потврди дека воопшто не размислува за некаков партиски ангажман, а најмалку пак за функцијата претседател на СДСМ. И денеска (7.05. - н.з) повтори дека целосно останува заедно со партиското раководство да ја води битката против оваа власт. Ме информираше дека Црвенковски разговарал со него, но дека и нему му го пренесол истиот овој став уште во текот на вчерашниот ден. Зошто Црвенковски денеска изјавува дека воопшто не разговарал со Пендаровски, треба да и објасни на македонската јавност. Верувам дека Стево Пендаровски ваквиот негов став и лично ќе и го соопшти на јавноста“, изјави Заев. Експресно се огласи Пендаровски, изненаден од изјавата на Заев.

Wahlen in Mazedonien
Бранко ЦрвенковскиФотографија: DW

„Во изминатите неколку дена, вклучително и денеска (7.05), не сум имал средба ни со Заев ни со Црвенковски, ниту пак некакви разговори за мој иден политички ангажман. Бидејќи не сум дел од партиските тела, органи и структури, сакам да останам дистанциран од сите случувања во СДСМ до Конгресот на 11 мај. Во таа насока, замолувам моето име да не биде инволвирано во внатрепартиски калкулации“, изјави Пендаровски за Дојче веле.

По ваквата реакција на Пендаровски, Заев ја релативизираше изјавата.

„Со Пендаровски редовно се гледавме пред изборите, за време на изборите и по изборите. Искрено жалам и се извинувам што не го исконсултирав претходно, за изјавите што ги дадов за средбите и разговорите со него“, изјави Заев за Дојче веле.

Според партиски членови, ваквата пинг-понг партија со изјави, па деманти, дополнително го засилила впечатокот дека „некој не ја зборува вистината“. Кој го прави тоа, велат, ќе кажат јавно на Конгресот.

Имам мандат

Она што лидерот на СДСМ, Зоран Заев не го крие, е дека очекува на Конгресот да ја добие довербата на членството. Тој за Дојче веле даде оценка за изнесените ставови на Црвенковски.

„Правото на личен став е легитимно право на секој член на СДСМ, како и на поранешниот претседател на партијата, а крајниот збор ќе го кажат делегатите на Конгресот. Добро е што Црвенковски исто така укажува дека, како и секој член на СДСМ, ќе ја почитува одлуката на делегатите на Конгресот и ќе повика на неопходното единство за справување со предизвиците што се исправени пред СДСМ. Јас имам мандат од 4 години. Не е случајна бројката од две третини од делегатите кои лани на Конгрес ме избраа за лидер на партијата. Единаесет месеци ја обединувам оваа партија. Секогаш сум знаел да подметнам грб кога требало да работам за доброто на партијата. Така беше и тогаш кога ја 'топлев фотелјата', како што ми велеа, кога бев в.д. претседател се до враќањето на Црвенковски на лидерската функција. Секогаш сите одлуки ги носевме транспарентно и низ дебата. Фактот дека до денес никој не им ги честиташе победите на Никола Груевски и Ѓорге Иванов, освен еден-двајца претеници од нивни сестрински партии, потврдува дека нашите одлуки се исправни. Затоа, апелирам - СДСМ да излезе цврст и единствен по дебатата на Конгресот. Им порачувам на сите социјалдемократи да опстоиме здружени, а шареноликоста на мислењата да ја сфатиме како наша предност, а не слабост“, изјави Заев за Дојче веле.

Zoran Zaev, Vorsitzender der Partei SDSM
Зоран ЗаевФотографија: Petr Stojanovski

Како Блер и Браун

Како никогаш досега, воздржани се аналитичарите. Единствен кој се одважи да не зборува анонимно, е Арсим Зеколи. Според него, ставовите на Црвенковски изгледаат избалансирано, но повнимателното читање дава друго чувство.

„Критиката кон Заев-Шеќеринка не може да се отфрли автоматски и би ја сметал за сосема исправна, ако воедно укажеше и на потезите на некои видни лица од партијата пред минатогодишните избори, кои ја ставија под голем знак прашање идеолошката ориентација на СДСМ и се одразија и на последните изборни резултати: тоа е одлуката за коалицирање со ВМРО-ДПМНЕ во Струга и Кичево. Што се однесува до предлогот за Пендаровски, колку и да се смета за провокативен, не можат да се отфрлат изнесените образоженија, кои се повеќе од солидни и реални. Аргументите се неспорни, но тајмингот е дискутабилен, со оглед на внатрепартиските односи. Притоа, не треба да се изуми дека токму Заев и Шеќеринска се оние кои го убедија и номинираа Пендаровски за кандидат и дел од заслугата за тие освоени гласови им припаѓа и ним. Сегашната криза во СДСМ не мора да прерасне во некаков раскол, доколку претежне политичкиот рацио и сенс за компромис на водството, кој таа криза би ја искористил како можност за нов почеток. Можеби затоа двете струи, вклучително и посебно Црвенковски, би требало во следните неколку денови да најдат време за да ги проучат случувањата во Лабуристичката партија на Британија од раните 90-ти години и разрешницата на ривалството помеѓу Тони Блер и Гордон Браун“, сугерира Зеколи.

Präsidentschaftswahlen in Mazedonien
Аналитичарите сметаат дека партијата мора да се отвори за луѓе со идеи и визииФотографија: Petr Stojanovski

Не е тешко да се претпостави дека на само три дена пред партискиот Конгрес, никој нема да има време за анализирање на односот Блер-Браун. Според членството, состојбите внатре се фокусирани исклучиво на обезбедување континуитет на актуелното раководство и единство во партијата.

Концепт на отворена партија

Аналитичар добро запознат со состојбите во СДСМ, кој инсистира на анонимност, вели дека во овој момент СДСМ не треба да ја негува политиката на „затворен партиски клуб“.

„Во овој тежок период за социјалдемократите, тие треба што повеќе да привлекуваат и непартиски личности со авторитет и да ја форсираат стратегијата на масовно граѓанско Движење за освојување на демократските стандарди, кои се урнисани во земјата. Не е важно дали тие луѓе имаат партиска книшка, туку дали имаат идеја и визија. Никој во СДСМ не треба да се плаши од повеќе идеи и квалитет, туку од помалку, ако навистина сакаат да иницираат промени. Но, ако борбата се истроши на добивање или зачувување на функции на мала група луѓе внатре во партискиот атар, без широко да се отворат вратите за концептуално привлекување на нов потенцијал, тешко дека ќе се достигнат идеалите за кои партијата најави битка. Дури и ВМРО-ДПМНЕ, во која партиската книшка е пред сѐ и над сѐ, уште пред неколку години за министер именуваше личност која не беше член на партијата, а се повеќе во своите активности инволвира препознатливи лица од културата - театарот, музичката сцена... На тој начин промовира постојана и динамична отвореност, сака да се прикаже како 'јадро' кое привлекува, а не одбива“, објаснува нашиот соговорник.

Неговата забелешка не е без основа, со оглед дека меѓу дел од членството владее став дека со инволвирање на непартиски кадри на значајни функции, партијата ќе заработи етикета дека „најдобрите кадри на СДСМ, се оние надвор од СДСМ“. Она што сега и останува, е да покаже дека оние што се внатре - не се најлошите.