1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Патарината за сите патишта и возила во Германија?

ЕМФ/дпа/афп6 јули 2014

Патарината е еден од најконтроверзните проекти на големата коалиција во Берлин. Надлежниот министер Добринт утре треба да го поднесе концептот. Дали се‘ ќе заврши пред некој од европските судови?

https://p.dw.com/p/1CWcV
Фотографија: picture-alliance/dpa

Германскиот министер за сообраќај Александер Добринт сака со воведувањето патарина секоја година да „касира“ околу 625 милиони евра од странските возачи. Тој утре (7.07) ќе го презентира концептот кој предвидува воведување вињета за користење на германските патишта. Тоа сепак не би требало да предизвика зголемени трошоци за германските возачи. „Ниту еден германски возач нема да мора да плаќа повеќе од она што го плаќа денес“, изјави Добринт за весникот „Билд“.

Магазинот „Шпигел“ напиша дека патарината ќе важи за сите улици, а не само за автопатите. Вињетата за десет дена треба да чини 10 евра, додека за два месеца ќе треба да се платат 20 евра. Што се однесува до годишните вињети, тие не би требало да имаат паушална цена, туку таа треба да зависи од еко-класата на возилото и неговата јачина, пишува магазинот, повикувајќи се на концептот на министерот Добринт.

Спорно е дали ваквиот концепт е во согласност со законите на ЕУ. Соседните земји веќе се „позиционираат на фронт“. Холандската министерка за инфраструктура Мелани Шулц ван Хаген за магазинот „Фокус“ изјави дека таа не е подготвена да ги прифати без отпор германските планови. „Кога концептот ќе биде поднесен, ќе видиме какви чекори ќе преземеме“, најави таа.

Alexander Dobrindt Pkw Maut
Министерот Алксандер Добринт утре ќе го претстави концептот за патарина во ГерманијаФотографија: picture-alliance/Sven Simon

Според холандската влада, системот на патарина во секој случај мора да биде така конципиран да не биде „дискриминаторски или неурамнотежен“. Во спротивно, Холандија има намера да преземе правни чекори. Австрија веќе најави дека доколку е неопходно ќе поднесе тужба против проектот со патарината, вели Шулц ван Хаген. „Ние можеби ќе се придружиме на таква една тужба“, вели холандската министерка.

Германскиот министер Добринт тврди дека концептот е во согласност со ЕУ-законите. „Вињетата ќе важи и за домашните и за странските возачи кои ги користат германските патишта“, нагласи тој. Германските возачи, за возврат на трошоците за вињетата, ќе бидат најверојатно ослободени од дел од трошоците за данокот на возилата. „Данокот ќе биде понизок“, вели Добринт. Цената на вињетата ќе се ориентира според еко-класата на возилата.

Европската комисија генерално е за патарина, но инсистира на тоа странските возачи да не бидат ставени во понеповолна позиција од германските. Еврокомесарот за сообраќај Сиим Калас во минатото повеќе пати предупредуваше дека парите за патарина за германските возачи не смеат да бидат „надополнувани“ преку данокот, затоа што странските возачи немаат таква можност.

Патарината во Германија, според актуелните планови, би требало да се воведе на 1 јануари 2016 година. Приходите од патарината би требало да се инвестираат во изградба на патната мрежа во државата.