1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бурж Калифа во Белград

Немања Рујевиќ/Ж. Ацеска17 март 2015

Српската влада сака да го претвори центарот на Белград во луксузна населба според вкусот на арапските вложувачи, без тендер и без договор. Граѓаните и експертите протестираат.

https://p.dw.com/p/1Es9u
Фотографија: belgradewaterfront.com

Калемегдан нуди несекојдневна глетка. Под оваа стара белградска тврдина Сава се влива во Дунав. Оној кој стои горе, ужива во панорамата на српската престолнина: напред големиот зелен остров, стариот центар на градот со печат на турската окупација, а во заднина безбројни редици станбени згради од комунистичко време. Но, оваа глетка во идните години може драстично да се промени. На десниот брег на Сава на 180.000 хектари треба да настане хај-тек кварт под името „Белград на вода“ со луксузни апратмани, деловен простор и најголемиот трговски центар на Балканот, со многу стакло и бетон. И, со еден облакодер висок 220 метри, налик на Бурж Калифа, препознатливиот знак на Дубаи. Сличноста не е никаква случајност, зашто „Белград на вода“ треба да го финансираат кредитори од Обединетите Арапски Емирати. Уште сега може да се купуваат се‘уште неизградените станови.

Српскиот луксузен проект без договор

Подготвителните работи веќе се во тек, на многубројни големи плакати низ градот се рекламира проектот. Тоа го лути Радомир Лазовиќ: „Властодржците си земаат право да го променат идентитетот на градот без да ги прашаат граѓаните и експертите. Тоа би било силување на архитектурата и на законот“, вели младиот активист од иницијативата „Не го потопувајте Белград!“. Преизградбата на лакот на Сава во центарот на градот е стар сон, конечно-тука досега имаше само железнички шини, вагони кои полека ‘рѓосуваат и нелегално изградени куќарки со лимен покрив. Но, Радомир и многумина белграѓани тука порадо ви виделе нешто друго-повеќе парковски површини, повеќе слободен простор.

„Во оваа европска метропола се загрозени јавниот живот и пристапот кон реката. Сава треба да им припаѓа на граѓаните.“

Владата под водство на конзервативната Напредна партија не е одушевена од оваа критика и од протестите. Големиот проект лани беше централна тема на изборната кампања. Србија се бори со тешка економска ситуација: огромни државни долгови, висока инфлација, невработеност од околу 25 проценти. Затоа премиерот Александар Вучиќ го протежира проектот „Белград на вода“-како инвестициски магнет и извор на работни места, станува збор за околу 200.000 работни места во градежната бранша. Проектот треба да биде нешто блескаво. „Овде ќе ги добиеме Елисејските полиња на Белград“, ветува Вучиќ. Фирмата Игл хилс од Обединетите Арапски Емирати треба да инвестира околу три милијарди евра. Посредувач во преговорите е никој подолу туку престонаследникот на Емиратите, Мохамад бин Заид Ал Нахиан, кого Вучиќ го нарекува „личен пријател.

„Дали се работи за пријатели или не, за изградба е потребен договор, а до денес таков нема“, критикува Немања Ненадиќ, раководител на српското биро на Транспаренси интернешнл.

„Уште не знаеме што ќе содржи овој договор, какви права, обврски и ризици сноси српската страна. Не е познато ниту дали на инвеститорите земјиштето им е дадено под закуп, продадено или подарено“, вели Ненадиќ во разговор за Дојче веле. Првата зграда од комплексот „Белград на вода“ е веќе готова, „привремен инфо-центар“ директно на брегот.

„Всушност, тоа е само едно кафуле“, иронично забележува неделникот „Време“, критички расположен кон владата. Според истражувањата на овој весник, изградбата на Инфо-центарот и на другите градби им е доделена на фирми блиски на владата.

Belgrad auf dem Wasser
Футуристички проект „Белград на вода“Фотографија: beograd.rs

Правна акробатика

За „Белград на вода“ во Србија постои посебен закон, кој има предимство пред другите закони. Така е можно да се градат приватни луксузни станови, канцеларии и трговски центри наместо општокорисни површини како паркови и променади. И тоа без тендер, целосно легално. Базата за тоа ја сочинува договор меѓу Србија и Обединетите Арапски Емирати, потпишан пред една година.

„Апсурдно е нашите антикорупциски закони кои ја штитат конкурентноста да бидат применувани кога станува збор за поситни тендери, а не во случај на милијарди тежок проект како ’Белград на вода’“, критикува Ненадиќ.

Футуристичката населба е веројатно најголемиот, но не и прв спорен заеднички проект на српската актуелна влада и богатите шеици. Од октоври 2013 година српската авиокомпанија лета под името Ер Србија со менаџмент на Етихад, авионска компанија на Емиратот Абу Даби. Претпријатието се здоби со 49 проценти од акциитеи мож еда смета на „дебели“ малку транспарентни субвенции од скудниот српски буџет. Така, државниот Белградски аеродром на претпријатието му отпиша долгови од околу 15 милиони евра, по што премиерот Вучиќ триумфирачки објави дека српската авиокомпанија „првпат во историјата“ излегла од црвено салдо.

Можно ли е ова воопшто?

За 76-годишниот архитект Драгољуб Бакиќ проектот „Белград на вода“, за разлика од бизнисот со авиокомпанијата, е нереализирачки. Не само поради тоа што Бакиќ огромниот облакодер го смета за премногу конвенционален и несоодветен за Белград.

Muhammad bin Zayid Al Nahyan
Мохамад бин Заид Ал Нахиан е главен посредувач во проектотФотографија: Srdjan Stevanovic

„Еден мегаполис со два милиона метри квадратни станбена и деловна површина се планира без никаква инфраструктура. Како ќе се обезбедува потребната вода или струја? Каде ќе настанат 40.000 задолжителни места за паркирање? Сообраќајниците во околината не можат да бидат проширени“, вели архитектот. Бакиќ, заедно со други членови на Српската академија за архитектура во отворено писмо побара итно стопирање на градењето. Во спротивно, истакнуваат експретите, ќе завладее „незамислив хаос“.

Активистот Лазовиќ пак полага надежи токму во јавашлукот на владата. Тој е убеден оти градежниот проект ќе пропадне зашто инвеститорот кога и да е ќе си замине. Или дека проектот може да стане политички непопуларен. Ако владата опстојува на „Белград на вода“, младиот активист и неговите истомисленици планираат да одиграат на последната карта-референдум. Иако, тоа би бил симболичен гест, зашто според српскиот устав, референдумот воопшто не може да ги доведе во прашање меѓународните договори.