1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Папандреу го има тимот, граѓаните имаат главоболки

17 јуни 2011

Јоргос Папандреу го смени тимот за да ги спроведе неопходните реформи во земјата. Новата грчка влада која брои 16 министри и има двајца потпретседатели веќе положи заклетва а парламентот во вторник ќе и гласа доверба.

https://p.dw.com/p/11d94
Јоргос Папандреу ги одбра пробивните и лојалните
Јоргос Папандреу ги одбра пробивните и лојалнитеФотографија: AP

Луѓе за кризни времиња и лојални - тоа е критериумот според кој грчкиот премиер ги одбрал новите министри. Наместо вчера, на денот на роденденот на Јоргос Папандреу (59), составот на новата влада е соопштен претпладнево (17.06). Името што се очекуваше со најголемо нетрпение беше она на министерот за финансии - според очекувањата сменет е досегашниот министер и архитект на острата програма за штедење, Јоргос Папаконстантину. Тој заминува во ресорот заштита на животната средина, а ресорот финансии ќе го води Евангелос Венизелос. Тој ќе биде одговорен за спроведување на програмата со која треба да се заштедат 78 милијарди евра. Важи за човек од акција и личност што знае да ги спроведе своите намери. Веќе отсега се вели дека Венизелос, кој досега беше министер за одбрана и важи за втор човек во партијата на социјалистите ПАСОК, не треба да се надева на многу симпатии од граѓаните, тешко погодени од длабоката економска криза. Тие не бираат зборови за да ја нападнат власта:

„Папандреу треба да ја напушти земјата и да исчезне. Тоа би било најдобро“, вели една жителка на Атина, а друг нејзин сограѓанин раскажува:

„Секој ден се будам со тага. Невработен сум веќе две години.“

Трет проценува: „Очаен сум, зашто се наоѓаме во еднонасочна улица која води надолу.“

Граѓаните не бираат зборови за напад врз властите
Граѓаните не бираат зборови за напад врз властитеФотографија: dapd

Опозицијата не се откажува од барањето за предвремени избори

Втората важна промена во владата се случи во министерството за надворешни работи - нов министер за надворешни работи ќе биде досегашниот европарламентарец Ставрос Ламбринидис. Тој е близок човек на премиерот Папандреу, еден од неговите најважни советници и човек за кого се вели дека има одлични контакти во ЕУ.

Реконструкцијата на владата му дава само мала пауза за здивнување на премиерот. Тој во вторник ќе ја стави својата нова влада на гласање за доверба, и се‘ уште порачува:

„Можете да сметате на мене. Ќе сторам се‘ за да ја извлечам Грција од оваа криза.“

Опозициониот водач Антонис Самарас синоќа го повтори барањето за предвремени избори. Неговата Нова демократија смета дека мерките за штедење се премногу остри и го гушат стопанството, па поради тоа бара нивна промена. Грчкиот претседател Каролос Папуљас изрази загриженост дека политичката криза може да се претвори во криза на демократијата.

Автор: Петра Нелкенсмајер / дпа/дапд/ Елизабета Милошевска Фиданоска

Редактор: Симе Недевски

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи