1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Оценки од Бундестагот за Западен Балкан

13 ноември 2010

Во Хрватска има замор од реформи; Србија мора да се согласи на компромис за Косово; БиХ долго врeме нема дa ги надмине етничките блокади-гласат оценките на членовите на Комитетот за европски прашања од Бундестагот.

https://p.dw.com/p/Q75s
Фотографија: AP

Хрватска доби добри оценки од Европската комисија, но треба уште многу да работи во однос на прoблемите со организираниот криминал, корупцијата, соработката со Хашкиот трибунал и функционирањето на правната држава, изјави пред парламентарците Вернер Хојер, државен секретар во германското министерство за надворешни работи.

„Ако сакате да го слушнете моето приватно мислење, ќе ви кажам дека сум многу скептичен во однос на амбицијата на Унгарците, според кои завршувањето на преговорите со Хрватска треба да се комплетира во првата половина на 2011 година. Јас верувам дека тоа ќе биде во втората половина од следната година, но ете можно е и пријатно да не‘ изненадат, вели Хојер.“

Deutsche Welle Werner Hoyer in der DW
Вернер Хојер: Завршување на преговорите со Хрватска во втората половина од 2011Фотографија: DW

Хрватска е уморна од реформи

Во текот на неодамнешната посета на Хрватска, пратеникот на германските либерали Маркус Ленинг разговараше со хрватските претставници на банки, судови, на парламентот, владата и невладините организации. Впечатокот на Ленинг е дека поголемиот број од неговите соговорници лесно го сфаќаат поглавјето 23 кое се однесува на правосудството и основните права.

„И покрај симпатиите, пријателсвото и радоста поради огромниот развој на Хрватска, забележав дека во земјата постои замор. Мораме да ги охрабриме силно да го завршат и преостанатиот дел од работата. Реформата во правосудството не треба да биде само на хартија. Треба да се примени и во пракса, во судовите и полициската управа, вели Ленинг.

Serbien Beitritt EU Karte
Србија кон ЕУ: потребен е конструктивен став кон КосовоФотографија: Marina Maksimovic

За Тадиќ нема да биде лесно да го направи чекорот кој Европа го бара

Заедно со реформите во правосудството и борбата против корупцијата, Србија има задача да заземе конструктивен политички став кон Косово, коментира државниот секретар Хојер. Во моментов се водат многу дискретни разговори, но многу е рано да се погнозира околу можните компромиси, порачува Хојер.

„Без ангажман на германската влада, многу работи кои се случуваа во последно време не би биле можни. И покрај најдобрата волја на претседателот Тадиќ, внатрешната политика во Србија нема да му го олесни патот да преземе чекори кои ќе водат кон успех. Тие чекори за граѓаните на Србија претставуваат преголемо барање, а опозицијата уште и би ги преувеличила“, вели Хојер.

Symbolbild EU Bosnien und Herzigowina
На Босна и Херцеговина ќе и‘ биде потребно време

„Босна и Херцеговина не мрда од почетокот“

„Нас не‘ отрезнија оценките за спроведувањето на реформите во БиХ и на Косово “, рече пред германските парламентарци министерот Хојер. Создавањето правна држава, реформата во правосудството, борбата против корупцијата и организираниот криминал, се‘ уште се на самиот почеток. БиХ сега, по изборите, треба да го реформира и уставот и да ги надмине етничките блокади, а сето тоа ќе трае извесно време, оценува Хојер.

Пратеникот на Партијата на Зелените Мануел Зарацин истакна:

„Ако набљудуваме како Србија и Црна Гора го забрзуваат темпото на патот кон европската интеграција, мислам дека и ние како Сојузна Република Германија имаме одредена одговорност. Мораме подобро и конкретно да размислиме каков придонес можеме да дадеме, за на крајот Косово, БиХ, а можеби и Албанија не останат изолирани од заедничкиот простор“.

Автор: Селма Филиповиќ / Владимир Калински

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска