1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Охриѓани лути поради забраната за издавање станови

Милчо Јованоски3 октомври 2014

Станоиздавачите од Охрид први во Македонија се против измените во Законот за угостителска дејност со кои се бара издавањето на станови за туристи да се забрани. Ставовите се поделени - ќе се најде ли компромис?

https://p.dw.com/p/1DPJw
Фотографија: DW/M. Jovanoski

Со цел да се сопре сивата економија и да се стави ред во областа на приватното сместување на туристи, неодамна Хотелската асоцијација на Македонија – ХОТАМ покрена иницијатива за измена на неколку члена од постојниот Закон за туристичка дејност на РМ со кои буквално сопствениците на станови во колективни станбени згради не ќе можат да ги издаваат на туристи.

Веста ги вознемири прво станоиздавачите од Охрид. Штом помина „посната“ туристичка сезона, во која за најголем виновник е прогласено нестабилното време, се „разбудија“ и деновиве енергично побараа помош од општината и пратениците да се заштитат нивните интереси и измените да бидат повлечени или модифицирани во нивна полза.

Агенции- човек со години профитираат од Охрид

Јавна тајна е дека во Охрид не се знае колку станови се издаваат на диво и дека профитот во најголем дел не останува во градот, туку заминува во Скопје, Битола, Прилеп или Штип. На Охрид му остануваат сметот, зголемената потрошувачка на вода и куп неплатени сметки за таа намена кои Јавните претпријатија кои со години не можат да ги наплатат, а голем дел од нив застаруваат.

И додека сопствениците на викенд станови кои не се регистрирани за издавање на туристи профитираат на очиглед на сите, измените на Законот за туристичка дејност ни оддалеку не им одговараат на семејствата и поединците кои имаат категоризации на сопствените капацитети и дозвола за нивно издавање. Во Охрид постојат 430 категоризирани издавачи на соби и станови во станбени објекти кои плаќаат туристичка такса во буџетот на општината и легално сместуваат туристи. Се жалат дека на овој начин ќе губат и тие, а и општината. И наместо да се среди хаосот, тие се едногласни дека ваквите мерки ќе ги остават без приходи и ќе ги натераат и тие да издаваат на црно.

„Ние сме на страна на граѓаните. Во Охрид има над 1.200 легла кои остваруваат дејност, плаќаат такса и данок“, вели Ѓоко Апостолов, раководител на Секторот за туризам во Општина Охрид.

Дончо Танески – претседателот на ХОТАМ за Дојче веле потенцира дека измените не се новина, тие и до сега биле во Законот, но не се почитувале, зашто не биле прецизно „формулирани, а со измените се барало токму тоа. „Во некои членови стои дека угостителска дејност не може да се врши во колективни станбени згради. Со законот за градба пак се вели дека во колективните станбени згради не може да се обавува ваква дејност. За таа намена треба да се има деловен простор, а се работи за згради во кои просторот е станбен.“

Arbeiter - Baustelle in Ohrid Mazedonien
Лани во Охрид се изградени 443 нови становиФотографија: DW/A. Dimitriveska

Да се воведе данок за луксуз и да се престане со избрзани решенија

Сликите на станови кои само три месеци во годината се отворени, а следните девет зјаат празни се се’ поочигледни во Охрид. Градбата не сопира. Податокот од Државниот завод за статистика објавен деновиве зборува дека лани се изградени 443 нови станови. Најголем дел ќе бидат само летни спални соби.

Тони Тунтев претседател на СДСМ во Охрид во колумна за локалното Супер радио за проблемот пишува: „Неприродна е поделбата на објектите, на погодни и непогодни за станоиздавање за туристи, во најмала рака е против уставна. Врз што би се засновало правото на сопствениците на куќи и вили да можат да издаваат соби и апартмани, а тоа право да им биде ускратено на сопствениците на станови во станбени згради?! Зошто становите во зградите би биле помалку вредни од становите по куќите?! Проблемите треба да се решат со воведување на данок на луксуз или паушални даночни ставки за сопствениците на нерезиденцијални станови; преку соодветно информатичко-технолошко поврзување на системите за евиденција на туристи од МВР и локалната самоуправа; преку воспоставување на ефикасен ИТ систем за прецизна евиденција на сите сопственици на нерезиденцијални станови со поддршка од подрачните едници на УЈП и Министерството за економија; Но, сигурно не со импровизирани, избрзани и несоодветни законски решенија.“

И Општината е на страна на регистрираните станоиздавачи

„По консултации со градоначалникот и со стручните служби во општината заклучивме дека причините поради кои се поднесени предлог - измените на Законот за угостителска дејност се сосема неосновани. Ќе се обратиме до Министерството за економија и ќе бараме дообјаснување. Доколку се мисли само за непријавените станоиздавачи тогаш и ние ќе го подржиме предлогот, но доколку станува збор и за оние кои се регистрирани ние во никој случај нема да го подржиме, додава Апостолов.

Mazedonien Ohrid Kneipen und Bars
Зошто становите во зградите би биле помалку вредни од становите по куќите?Фотографија: Milco Jovanoski

Од Факултетот за туризам и угостителство во Охрид го поддржуваат ставот на Општина Охрид и Секторот за туризам и велат: „Правно гледано домувањето е уставна категорија и начинот на користење упатува на автономност. Тоа може да биде загрозено само во услови на непочитување на финансиските обврски, квалитетот и стандардите на понуда или вознемирување на околината, но овие појави се во домен на други закони и контролни механизми. Сметаме дека, законските решенија треба да бидат афирмативни, а не рестриктивни и да не се доведат во прашање тие кои работаат легално и живеат преку оваа понуда.“

ХОТАМ ги достави измените до Владата. Таа сигурно ќе ги проследи до изготвувачот на Законот за угостителска дејност а тоа е Министерството за економија. Пред да дојде до пратениците му претстои јавна расправа. Со незадоволните граѓани засегнати од проблемот се сретна и пратеникот Сашо Василески од ВМРО ДПМНЕ. Тој кусо коментираше: „ Сметам дека ќе изгласаме адекватен закон кој ќе ги штити интересите пред се’ на граѓаните, на туристичките работници, и локалната задница.“