1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Охрид во потрага по нов имиџ

Милчо Јованоски13 јули 2013

Ако се суди по првата недела од јули Охрид ова лето ќе има посна туристичка сезона. Странците се враќаат, а домашните гости ги има се’ помалку и покусо одмораат во Охрид.

https://p.dw.com/p/197D7
Фотографија: DW/M. Jovanoski

„На Охрид му е потребна брза и суштинска промена во туризмот и угостителството, а не козметика“, се' почесто свесни за пропуштените шанси да се вратат „златните времиња“ во туризмот коментираат охриѓани. Хотелите во мигов се искористени од половично до најмногу осумдесет отсто од капацитетите. Приватното сместување во градот и источната ривиера скоро и да нема гости. „Инвестиравме, изградивме нови апартмани, потрошивме многу пари. Свесни сме дека мора со квалитет да ги привлечеме гостите. Но, нив ги нема“, коментира еден од инвеститорите на нов комплекс изграден меѓу елтината населба Лагадин и автокампот Елешец.

Најбројни и оваа сезона во Охрид се гостите од земјите на Бенелукс, од нив Холанѓаните, но има и гости од Тајван и Германија, помалите туристички капацитети се запоседнати со гости од Бугарија, Грција и Србија. Хотелиерите се задоволни од конгресниот туризам од кој прават добар обрт. Туристичкиот декор да изгледа побогат, токму деновиве помогнаа неколкуте организирани фоклорни фестивали со вкупно над 3.000 учесници. По охридската чаршија и на летните сцени од ден во ден дефилираат по десетици фолклорни групи и оркестри, мажоретки. Кафетериите, малите ресторани и трговијата поучени од минатите години, не ги покачија цените.

Radozda am Ohrid See Mazedonien
Фотографија: Milco Jovanovski

Странците се задоволни: „Добиваме вкусна храна и пијалаци, кои кај нас се далеку поскапи“; „Охрид е Рај на Земјата“, велат други.  Сепак, летната сезона е куса. Во најдобар случај трае до крајот на август. Нестабилното време ги поколеба и домашните гости кои имаат сопствени станови да одмораат во Охрид.

Зафати кои на подлог рок ќе донесат ефекти

Новата локална власт тргна кон реализација на ветувањата. Кејот крај езерото е забранет за возила и по низа години повторно стана пешачка зона. Панаѓурот на градскиот плоштад  „Св. Климент Охридски“ барем засега го нема. Тезгите со разни дребулии и детските реквизити се дислоцирани по споредните улички. Градот пак стопанисува со паркинзите, со цени по час и зони, а општинскиот инспекторат најави „војна“ против дивите станоиздавачи, чекачите на гости кои беа лоша слика за туризмот, но и со таксистите кои наплатуваа без вклучен таксиметар. „Регистрираните таксисти ги задолживме во возилата да истакнат налепница со ценовник на македонски и англиски јазик. Решени сме овој проблем да го симнеме од дневен ред“, вели секретарот на Општина Охрид Димитар Спасески. Ова не оди подмачкано. Дел од таксистите велат дека поседуваат лиценци и фискални апарати и барат од надлежните од презаситениот такси пазар прво да ги отстранат нелегалните таксисти.

Зачестени контроли и ред во почитувањето на забраната за скутери, која е продолжена за еден час, најавија и од Капетанијата во Охрид. „За поголема безбедност во водениот сообраќај профункционира радио врската на капетанијата со сите бродови, а ги исчистивме и пристаништата во Охрид и Свети Наум, како и приодот до каналот Студенчишта“, ни рече капетанот Горан Устијаноски.

Goran Ustijanoski
Kапетан Горан УстијаноскиФотографија: DW/M. Jovanoski

Во Охрид и ова лето речиси сите плажи ќе имаат спасувачи на вода, организирани преку Црвен крст. Кај пристаништето наскоро ќе биде отворена сувенирница, а туристичко – информативниот центар ќе биде сместен во центарот на градот. „Наскоро ќе отвориме бесплатна телефонска линија на која туристите ќе можат да пријават секаков вид неправилности. Нашите служби потоа ќе стапат во акција,“ изјави Ѓоко Апостолов, раководител на Секторот за туризам и локален економски развој. 

„Бела ноќ“ за поуспешно бело лето

Неодамна главната сезона беше отворена со манифестацијата „Бела ноќ“ која се очекува да стане традиционална и да се одржува во почетокот на јуни. Покрај промоцијата на туристичката понуда и можности на посетителите им се нудеше богата културно-забавна понуда со познати македонски естрадни ѕвезди. Манифестацијата ја поддржаа околу 90 угостителски објекти во Охрид, а цените на услугите беа пониски од 10 до 30 проценти.