1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„ Охрид 2014“ во сенка на „Скопје 2014 “

27 март 2011

За Свети Климентовиот универзитет на Плаошник, деновиве осамна нов проект во јавноста. Случајно или намерно? „За Скопје злато, за Охрид плексиглас и метал“, пишуваат медиумите.

https://p.dw.com/p/10iAF
Црквата Плаошник во ОхридФотографија: Petr Stojanovski

И покрај коментарите дека проектот „Скопје 2014 “ станува „буре без дно“ изградбата не застанува. Експертите и невладинете критикуваат, опозицијата се обидува да поентира, а власта не застанува. Случајно или намерно со објавувањето на проект за Свети Климентовиот универзитет на Плаошник со футуристички изглед, деновиве некој како да сакаше за миг да ја дефокусира јавноста од „Скопје 2014 “ и да ја пресели во „Охрид 2014. Охриѓани зачудени-што ќе се гради на Плаошник? Планот кој со свои очи го видоа, кога премиерот Никола Груевски го постави камен-темелникот, или новиот, објавен во некои електронски медиуми, за што на веб-порталот „Охрид 1“ се појави саркастичен наслов : „За Скопје злато, а за Охрид плексиглас и метал “.

Архитектот Ристо Андоноски од Охрид во име на своите колеги и Здружението на архитекти на Македонија ја потврди загриженоста за идниот изглед на Плаошник:

„Јавноста е доведена во заблуда од страна на Завод и Музеј – Охрид. Едновремено покажуваат два плана. Еден кој третира средновековна архитектура со огромни габарити и традиционални градежни материјали: камен, дрво и тула. Во јавноста излезе уште еден проект во модернистичка форма: стакло, челик и не знам што друго“.

Ќе се гради по проектот избран на конкурс

Директорката на Заводот и Музеј во Охрид Тања Паскали – Бунташеска изненадена е од објавата на другиот проект, но смирува :

„Во медиумите се објавени и двата проекти. И првонаградениот проект изработен од НУ Завод и Музеј Охрид и „Идеја плус “ од Скопје и еден од проектите кои учествуваа на конкурсот за кој не можам да се сетам кој го има изработено, и не беше избран за да се гради на Плаошник “.

Neues aus Mazedonien 2011
Фотографија: Milco Jovanoski

Црквата на Плаошник нема да се загуби меѓу новите градби !

Црквата ќе стане минорна среде новите градби, вели Андоноски:

„Се заложувам да се преиспита комплексот Плаошник. Бев и сум поборник за изградба на тој комплекс и останувам. Сметам дека ова решение трпи корекции, бидејќи не е се уште во градба .

Архитект Паскали Бунташеска тврди:

„ Сите објекти коишто ќе бидат изградени на Плаошник ја следат конфигурацијата на теренот и ниту еден објект нема да е повисок од Свети Климентовата црква. Значи нема да дојде до загрозување на црквата“.

Се чека дозволата за градба, а општината ги чека комуналиите

И додека во Скопје интензивно се гради и во театарот на пример се редат тавани со примеси од злато, во Охрид останаа само симболично фрлените лопати бетон. Се чека дозволата за градба, а претходно треба државата во општинската каса да плати над еден и пол милион евра за комуналии:

Neues aus Mazedonien 2011
Макета на проектот во ОхридФотографија: Milco Jovanoski

„Оваа сума всушност би била дел на општината со која ќе учествува во изградбата. Од друга страна тие средства наместо за комуналии да паднат во дупка, зашто општината е во таква состојба, би можеле да се пренаменат за изградба на друг културен објект во Охрид “, вели Дејан Паноски, кородинатор на советничката група на ВМРО ДПМНЕ. Нивниот предлог Советот го разгледа, но не го прифати.

За градоначалникот Александар Петрески ваквите заложби на опозицијата во Советот се само политичка манипулација, зашто општината го направи првиот чекор, и‘ го подари местото на државата без надомест:

„ Ако имаат над дваесет милиони евра да пуштат на дваесетти декември за Општина Центар, а немаат еден милион евра за Општина Охрид да пуштат, јасна е целата работа“.

Проектот „Охрид 2014 “ од почетните девет, ќе стигне до дваесет милиони евра и по три години во состојба на карабина ќе треба да се изградени 23 објекти на Плаошник.

Автор: Милчо Јованоски

Редактор: Жана Ацеска