1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Слобода на медиумите

Отказ за главниот уредник на „Билд“

СН/агенции
19 октомври 2021

Медиумскиот концерн Аксел Шпрингер го отпушти главниот уредник на најтиражниот германски весник „Билд“, Јулијан Рајхелт. Што се крие зад оваа промена? И што е всушност скандалозно во оваа приказна за германските медиуми?

https://p.dw.com/p/41qiA
Главниот уредник на најтиражниот германски весник Билд, Јулијан Рајхелт
Главниот уредник на најтиражниот германски весник Билд, Јулијан РајхелтФотографија: Jörg Carstensen/dpa/picture alliance

Берлинскиот медиумски гигант Аксел Шпрингер во понеделникот вечерта (18.10) во соопштение за печатот напиша дека го отпушта главниот и одговорен уредник на весникот „Билд“, Јулијан Рајхелт и наведува дека во последните неколку дена добил информации за недозволивото однесување на моќниот шеф на „Билд“:

„Нашата компанија ги провери тие информации. Притоа, Управниот одбор дознал дека и по завршувањето на интерната истражна постапка за обвинувањата против Рајхелт дека не ги раздвоил јасно приватните интереси од деловната позиција, тој продолжил да го прави тоа и не му ја кажал вистината на Одборот.“

Германската јавноста дозна за обвинувањата против Рајхелт за злоупотреба на службената позиција уште во март. Хамбуршкиот неделник „Шпигел“ тогаш објави дека неколку соработнички на Рајхелт го пријавиле за наводно несоодветно однесување. Откако беа објавени обвинувањата, Рајхелт доброволно привремено поднесе оставка на својата функција.

Ипен како сојузник

Јавноста, вчера, пред одлуката на концернот Шпрингер да го отпушти Рајнхелт, исто така дозна дека друг медиумски магнат - Дирк Ипен, шеф на медиумската група Ипен, составена од минхенските весници „ТЗ“ и „Меркур“, како и „Франкфуртер Рундшау“, спречиле објавување на статија на сопствениот тим истражувачки новинари за грешките на Рајхелт. Текстот требало да биде објавен во неделата, на 17 октомври.

Седиштето на медиумскиот концерн Аксел Шпрингер во Берлин
Седиштето на медиумскиот концерн Аксел Шпрингер во БерлинФотографија: picture-alliance/dpa/G. Fischer

Тимот новинари работел на таа приказна неколку месеци и наишол на податоци во врска со обвинувањата против 37-годишниот Рајхелт во врска со неговата наводна љубовна врска со една соработничка на булеварскиот весник „Билд“, каде Рајхелт беше шеф.

Медиумската група Ипен соопшти дека не сакала да остави впечаток дека има намера со истражувачки текстови економски да му наштети на медиумскиот конкурент - „Билд“.

Новинарите од истражувачкиот тим потоа соопштија дека се „шокирани“ од тоа што мнозинскиот акционер, а со тоа и вистинскиот сопственик на медиумската група Ипен, го спречил објавувањето на резултатите од новинарската истрага за ситуацијата во „Билд“, додавајќи дека одлуката е во спротивност со сите правила за независно известување.

Ова новинарскиот тим го истакна во писмо до менаџментот на медиумската групација, кое беше објавено и на интернет. Во писмото се тврди дека врвот на медиумски концерн, Аксел Шпрингер, воспоставил контакт со  раководството на медиумската група Ипен.

Медиумската групација Ипен негираше дека концернот Шпрингер влијаел врз одлуката, додавајќи дека истражувачкиот тим потпишал низа одлични приказни и оти во групацијата се надеваат дека ќе продолжат да соработуваат со врвни новинари. Но, тие исто така го бранеа правото на сопственикот да ги одреди насоките на медиумската куќа.

Во соопштението на Аксел Шпрингер, пак, се вели дека концернот се залага за транспарентност, но дека таквото истражување мора да ги почитува границите на приватност на личностите за кои станува збор, особено кога се во прашање сведоци во интерна истрага, на кои концернот им гарантирал анонимност.

Јулијан Рајхелт со издание на Билд во раката
Јулијан Рајхелт со издание на „Билд“ во ракатаФотографија: picture alliance/dpa/B. v Jutrczenka

Критика од новинарските здруженија

Новинарските здруженија остро ги критикуваат постапките на Дирк Ипен, кои ги споредуваат со постапки на феудални господари. Спречувањето на објавување на текстот е целосно неприфатливо, изјави претседателот на Германскиот сојуз на новинари, Франк Иберал. А Унијата на германски новинари при синдикатот Верди  говореше за „тежок напад врз слободата на печатот“.

Овој потрес во германската медиумска индустрија го привлече вниманието и на американскиот весник „Њујорк Тајмс“, кој пишува за плановите на Аксел Шпрингер да ја преземе американската медиумска групација Политико. Притоа во „Њујорк Тајмс“  се објавени и детали од обвинувањата против Рајхелт за „злоупотреба на функцијата“, како и за спречувањето на објавата на резултатите од истражувањето на новинарскиот тим на Ипен.