Опозиционите пратеници доставија оставки во Собранието
28 мај 2014Претседателот на СДСМ Зоран Заев изјави дека партијата нема да учествува во Парламент кој, според нив, не е одраз на вистинската волја на граѓаните. На тој став на опозицијата, нагласи, не може да влијае никој.
„Со овој чин се почитува одлуката донесена од органите и телата на партиите и се потврдува цврстата определеност на СДСМ и на коалициските партнери за неприфаќање на мандатите“, рече Заев.
Според него, власта насилно ги верификувала мандатите на пратениците на опозицијата, непочитувајќи ги Уставот и законите. Со поднесените оставки, рече Заев, јасно ставаат до знаење дека не може насила да се внесе опозицијата во Парламентот.
Во координација со коалициските партнери, информира Заев, СДСМ подготвува платформа за натамошно вонпарламентарно дејствување, со прецизни активности.
„Целта е јасна и единствена, враќање на демократските институции и создавање услови за одржување слободни и фер избори на коишто ќе биде реализирана вистинската волја на граѓаните на Република Македонија“, рече Заев.
Оставка на пратеничкиот мандат од опозициската коалиција не достави Роза Топузовска Каровска од ЛДП, која се изјасни дека ќе учествува во работата на Собранието. Според ЛДП, чекорот на Топузова Каревска „претставува политичко самоубиство“.