1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Опел,Меркел,Лукашенко – во фокус на германскиот печат

19 октомври 2004

Референдумот во Белорусија, состојбите во Опел и опозиционата ЦДУ во Германија и изборите во САД – се темите со кои денеска се знаимаваат германските весници. Еве дел од коментарите:

https://p.dw.com/p/AeFN
Фотографија: dpa zb

"Франкфуртер Рундшау" ја коментира состојбата во Белорусија по референдумот и парламентарните избори:

”Александар Лукашенко не е неомилен меѓу неговите потчинети. Во меѓувреме луѓето се навикнаа на него. ”Таткото”, со оглед на резултатите од референдумот, може повторно да биде избиран, и тоа колку што сака. Демократијата во Белорусија за догледно време ќе остане грчки непознат збор.”

“Штраубингер Тагблат” прашува: Како треба ЕУ да реагира на изборната фарса во Белорусија? Дали треба едноставно да го сврти погледот кога директно на нејзината источна граница, последниот болшевик што е на власт, ја цементира својата власт преку измама пред очите на западните набљудувачи? Од скандалозните односи во Белорусија, освен диктаторот интерес има само уште еден – Владимир Путин.”

”Нордкуриер”, за состојбите во Опел, пишува:

”Околу вратот страв, во очите неизвесна иднина – тоа ги тера работниците во Бохум на спонтани акции. Тие ги затворија Шкотланѓаните. Зборот штрајк, притоа, ниту еден од вработените не сака да го изговори во неговата чиста форма. На многумина, сепак, им е јасно дека се наоѓаат во правна сива зона. Намерата е јасна – вработените сакаат да знаат што ќе се случи со нив и нивните семејства. За нив е неподносливо да ја сносат вината за грешките што ја направиле други.”

”Неспорно е дека менаџментот ги направил грешките”, истакнува и Келнер Штатанцајгер. “Претставниците на работниците навистина немаат одговорност за погрешната политика и постојаното мешање на американскиот концерн мајка, Џенерал Моторс. Рефлексот на работниците во Опел во Бохум го погаѓа производоството на Џенерал Моторс во цела Европа. Но, ваквата постапка нема смисла.”

”Фајненшл Тајмс Дојчланд”, пак, ги опоменува не само работниците дека треба да се бараат разговори. ”Од друга страна менаџментот мора да покаже перспектива која ќе биде веродостојна, на пример перспектива поврзана со инвестиции. За двете, меѓутоа , има малку знаци. Затоа во бохумската игра ќе има само губитници.”

Германските весници денеска ги анализираат и состојбите во најголемата опозициона партија, ЦДУ, и разнишаната столица на лидерот Ангела Меркел, особено по одговорот на Волфганг Шојбле дека не сака да го замени Фридрих Мерц на функцијата заменик претседател на пратеничката група на ЦДУ и ЦСУ:

”Велт” анализира:

”Ангела Меркел секогаш била осамена. Но, сега тоа го гледаат сите. Таа се чини е повторно туѓинец во куќата во која никогаш и не била дома, куќата која има други станари и други наследници. Меркел го поврзува своето владеење со програмска промена на партијата, а тоа го прави без соборци, без луѓе кои ја поддржуваат, а кои имаат сопствена тежина, и во едно милје на недоверба.”

”Берлинер Куриер” фрла поглед во минатото:

”Секој нов ден во последниот период ја слабееше позицијата на Ангела Меркел. Но, вчера доби нокаут. Волфганг Шојбле го скрши стапот над грбот на шефот на ЦДУ, исто како што таа направи со него пред неколку години. Ако ова не е комплот против шефицата не сакам ни да знам како изгледа во интригантското стадо кога навистина се прави заговор”, вели во својот воведен коментар Берлинер Куриер.

Булеварскиот весник ”Билд” прави споредби на состојбите во Цду со пловидба на море:

”Бродот е полн со вода. Дамата на кормилото се бори против се посилниот контраветар. Офицерите размислуваат за бунт. Неколкумина стари морнари повеќе сакаат да скокнат во чамец за спасување. Екипажот страсно расправа каде воопшто треба да се насочи патувањето, без да има последици. Гласни морнари на курс на судир. Добредојдовте на бродот на ЦДУ.”

На крајот за американскиуте избори и коментарот на ”Рајнише Пост”:

”На две недели пред изборите, трката е сеуште отворена. На Буш итно му е потребен надворешно-политички успех, за да ги привлече неодлучните избирачи на своја страна. Ирачката војна како постојан поттикнувач на внатрешно-политичкото незадоволство, би можела да биде добра за изненадувања од страна на претседателот. Пред неколку дена беа пронајдени масовни гробници со жени идеца. Режимот на Садам Хусеин бил брутален. И, добро е што е сменет. Но, оружјето за масовно уништување сеуште не е пронајдено. Пред Фалуџа, упориштето на бунтовниците, се носат американски сили. Тие ги молат и Британците за помош, зашто сакаат да го уништат отпорот на бунтовниците по секоја цена. Ваков успех, заедно со неутрализација на Заркави кој се крие во Фалуџа, би бил поттик за реизбор на Буш. Саркави се погрижи за несигурност во Ирак, а токму тоа Буш сака да го промени пред изборите.”