ОН: Осуда на руската анексија на Крим
28 март 2014Генералното собрание на Обединетите нации синоќа ја донесе необврзувачката резолуција со којашто како неважечко го прогласи издвојувањето на црноморскиот полуостров Крим од Украина и неговото присоединување кон Руската Федерација, за што на референдумот од 16-ти март се изјасни огромното мнозинство од тамошното население. Од вкупно претставници на 193 земји, стотина биле „за“, 11 „против“ и 58 биле воздржани по предлогот од ова резолуција.
Западните дипломати тврдат дека бројот на гласовите за поддршката на резолуцијата којашто нема правни дејствија е повеќе од очекуваните, како што тврдат, поради агресивното лобирање против Русија. Исто така, ова гласање го толкуваат и како показател за изолацијата на Русија на меѓународната сцена.
Резолуција на ОН е всушност копија на американскиот предлог текст од почетокот на март доставен пред Советот за безбедност на ОН, кој Русија како постојана членка го блокираше, користејќи го правото на вето, додека Кина беше воздржана. Прифатената декларација го отфрла кримскиот референдум како „неважечки, и не може да биде основа за менување на статусот на Автономната Република Крим или градот Севастопол“.
Во октомври 1921 година e формирана Кримската Автономна Советска Социјалистичка Република во составот на Руската советска федеративна социјалистичка република, а на 19-ти февруари 1954 година Кримската област со указ на генералниот секретар на Комунистичката партија, Никита Хрушчов, етнички Украинец, оваа област и е предадена на Украинската Советска Социјалистичка Република. На Крим на 20-ти јануари 1991 година е одржан референдум за обновување на Кримската Автономна Советска Социјалистичка Република како одвоен субјект од поранешниот Советски Сојуз, на кој учествувале 1,4 милиони граѓани или 81,37 отсто од избирачкото тело. За обновување на автономната република гласале 93,26 отсто од избирачите.
Врховниот совет на Украина на 12-ти февруари истата година усвои Закон за обновување на Кримската Автономна Советска Социјалистичка Република, а во јуни се вметнати соодветни амандмани во уставот на Украинската Советска Социјалистичка Република. Врховниот совет на Крим на 4-ти септември 1991 година ја усвои Декларацијата за државен суверенитет на републиката.
Наредната 1992 година, на 26-ти февруари државата беше преименувана во Република Крим, а во мај истата година воведена е функцијата претседател на државата. Во март 1995 година украинскиот парламент и претседателот на Украина донесоа одлука за укинување на Уставот на Крим и функцијата претседател. Во декември 1998 година на сила стапи новиот Устав на Крим со ново име АР Крим во составот на Украина.
На референдумот од 16-ти март распишан откако во Киев дојдоа новите власти, и особено по укинувањето на законот за јазиците, со кој рускиот јазик што во цела Украина како мајчин го наведуваат над 29 отсто граѓани, дури 96,77 отсто од излезените избирачи се изјаснија за приклучување кон Русија, а одѕивот на гласачите на полуостровот на кој живеат 58 отсто Руси, 24 отсто Украинци и 12 отсто кримски Татари, изнесуваше повеќе од 80 проценти.
Украина доби ветување за финансиска помош од ММФ
Помошта за Украина ќе биде одобрена кога земјата ќе ги усвои мерките кои ги бара ММФ, наведе шефот на мисијата на ММФ Николај Георгиев на прес-конференција во Киев. Во соопштението на ММФ се наведува дека Фондот постигнал договор со украинските власти за програмата за економски реформи која може да биде поддржана со двегодишен стенд бај аранжамн со ММФ.
Постигнатиот договор треба да биде одобрен од управата и извршниот одбор на ММФ, најверојатно во април, откако украинските власти ќе усвојат „силен и сеопфатен пакет мерки чија цел е да се стабилизира стопанството и да се создадат услови за одржлив раст“. Програмата на реформи ќе биде насочена пред се‘ кон следните клучни области - монетарна политика и девизен курс, финансиски сектор, фискална политика, енергетски сектор, транспарантност и деловна клима. Украинскиот парламент синоќа го усвои од кредиторите бараниот реформски закон, во вториот обид, откако во првиот парламентарците гласаа против мерките за штедење.
Украинскиот преоден премиер Арсениј Јацењук претходно соопшти дека Украина е на работ на банкрот и дека итно и‘ е неопходна меѓународна помош.