1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Омбудсманот бара да се ограничи каматата на долговите

ДТЗ
29 март 2022

Најголем проблем со кој се загрозуваат човековите права се превисоките камати на долговите, вели народниот правобранител Насер Зибери

https://p.dw.com/p/49Apt
Sozialhilfe in Mazedonien
Фотографија: DW/S. Toevski

Најголем проблем со кој се загрозуваат човековите права се превисоките камати на долговите. Една третина од вкупниот број на претставки поднесени до Омбудсманот во Северна Македонија се однесуваат токму на постапките со извршителите. Поради тоа, Народниот правобранител, Насер Зибери најави дека ќе бара да се ограничи каматата на долговите кон извршителите

„Недозволиво е каматата да биде три пати повисока од основниот долг. Затоа ќе поведам постапка пред Владата како овластен предлагач на законите, каматата да се плафонира најмногу до 100 проценти од основниот долг“, истакна Зибери на презентацијата на извештајот за човековите права.

Според него, има граѓани кои цел живот се должници кон доверителите, поради ниските примања и превисоките камати. Тоа, вели тој, е недозволиво за една социјална држава како Северна Македонија.  

Нема слух за препораките 

Според Зибери, Владата има обврска да ги примени препораките на Омбудсманот, но во изминатите две години не биле применети препораките на институцијата. 

Најголем број претставки кои биле поднесени до Омбудсманот се однесуваат на правосудство, а минатата година имало и доста предмети во однос на детските права, особено по воведувањето на дигиталните учебници во наставата. Претставки биле поднесувани и за правата на потрошувачите.

Зибери изнесе забелешки и за состојбата во казнено-поправните домови, која според него, и понатаму не е во согласност со човековите права. „Има тенденција на зголемување на бројот на затворениците, најдраматично е во Идризово, по ходници се поставуваат душеци и нема обезбедена здравствена заштита“, вели тој.

Зибери бара малолетничките од затворот „Идризово” да се преместат во ВП Домот Тетово и да се одделат од жените осуденички во затворот, бидејќи се загрозени од нив.