1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ОЕЦД ја пофали Германија за интеграцијата на бегалците

НД/ дв
15 март 2017

Интеграцијата на бегалците на работните места во Германија е значително подобрена, сметаат од ОЕЦД. Три четвртини од 2.200 фирми кои учествувале во истражувањето немале потешкотии со бегалците кои ги вработиле.

https://p.dw.com/p/2ZDTz
Deutschland Flüchtling Hamza Ahmed in der Firma Reuther STC GmbH in Fürstenwalde
Фотографија: picture-alliance/dpa/P. Pleul

Брзото распоредување на бегалците на пазарот на труд и инсистирањето да научат германски јазик биле клучните фактори за нивната интеграција, изјавија авторите на студијата на прес-конференција во Берлин.

Генералниот секретар на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) со седиште во Париз, Габриела Рамос, ги опиша како импресивни првите чекори во интегрирањето на новите дојденци од конфликтите региони како што е Сирија.

Според неа, следните чекори се да се осигура останување на бегалците кои имаат перспектива, тие да најдат работа и да зачекорат во германското општество.

„Млади и мотивирани“

Министерката за труд Андреа Налес од Социјалдемократската партија (СПД), коалициски партнер во владата на канцеларката Ангела Меркел, изјави дека голем дел од бегалците се млади и мотивирани.

„Може да ги тренираме и да имаме отворени работни места“, изјави Налес, додавајќи: „Сѐ уште сме на почетокот“.

Тоа се однесува на околу 400.000 бегалци чиј престој е веќе решен, но и покрај тоа тие останале невработени, иако во меѓувреме посетуваат часови на кои учат за германската култура и јазик.

Bayern Flüchtlingsprojekt Arbeit & Qualifzierung
Бегалците прво посетуваат курсеви за интеграцијаФотографија: picture-alliance/dpa/M. Hadem

Според студијата на ОЕЦД, по пристигнувањето во Германија и процесирањето на нивните барања за азил, кое може да трае и неколку месеци, 14% од бегалците наоѓаат работа.

„Маратонски“ напор

Претседателот на Германската сојуз на работодавачи (БДА), Инго Крамер, предупреди дека успешната интеграција на работното место е „маратон“.

„Сепак, кога функционира, тоа е можност за индивидуалците и за нашата земја“, изјави Крамер, нагласувајќи дека сегашната реторика на протекционизам е неодржлива.

Притоа тој мисли на барањата на германската индустрија во последните години за адекватно образувани практиканти, на актуелниот економски подем и сѐ помалиот број работоспособни млади Германци.

Крамер сугестира дека задолжителното образование за децата бегалци треба да се прошири и на оние кои веќе имаат наполнето 18 години.