1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Односи ЕУ - Западен Балкан

7 декември 2003
https://p.dw.com/p/AdN0

Во процесот на приближување на земјите од Западен Балкан до европските стандарди, веќе не се поставува прашањето дали тие ќе влезат во Европската унија, туку кога ќе се случи тоа, изјави денеска Кристина Галах, портпарол на високиот претставник на Унијата за заедничка надворешна и безбедносна политика Хавиер Солана. Галах истакна дека динамиката на реформите во регионот ќе биде едно од клучните прашања со кои ќе се занимаваат министрите за надворешни работи на ЕУ, на земјите кои догодина ќе влезат во Унијата, на државите кои имаат статус на кандидати, како и шефовите на дипломатиите на петте балкански земји на состанокот во Брисел. Таа нагласи дека ваков состанок, кој би бил прв од ваков вид, ќе претставува реализација на одлуките од Солунскиот самит, Европска унија - Западен Балкан во јуни годинава. Галах рече дека овој состанок би имал три цели: зајакнување на политичкиот дијалог меѓу Унијата и западнобалканските земји, оценка на реализираниот напредок во остварувањето на она што е договорено во Солун и оценка на постигањата во спроведувањето на реформите во секоја земја посебно. На овој форум, според Галах, ќе бидат присутни сите клучни личности од регионот, како што се шефот на УНМИК Хари Холкери, високиот претставник на меѓународната заедница во Босна и Херцеговина Педи Ешдаун, специјалниот координатор на Пактот за стабилност Ерхард Бусек и други.