1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Од кочничар до прв пријател

9 јуни 2011

Словенечкиот премиер Борут Пахор на хрватската премиерка Јадранка Косор и‘ вети дека Словенија ќе биде меѓу првите земји кои ќе ја започнат постапката на ратификација на хрватскиот пристапен договор со ЕУ.

https://p.dw.com/p/11XXh
Нагласено пријателство - Косор и ПахорФотографија: picture alliance/dpa

Средбата меѓу Јадранка Косор и Борут Пахор вчера (08.06) протече во нагласување на добрите односи меѓу Хрватска и Словенија. Двајцата премиери, кои во своите земји на внатрешнополитичка сцена имаат бројни проблеми, повторија дека решавањето на прашањата во хрватско-словенечките односи беше покренато по нивниот состанок во Тракошќан, пред речиси две години.

„Немавме голема поддршка и малкумина беа оние кои веруваа во шансата да успееме. Но, успеавме“, изјави Косор. Словенија еднаипол година ги блокираше хрватските преговори со ЕУ а сега, нагласи Пахор, „ќе биде меѓу првите држави кои ќе ја почнат постапката за ратификација во парламентот“.

Јакнење на стопанската соработка

По деблокадата на преговорите, главната цел на двете држави е јакнење на економските односи. Меѓусебната трговска размена изнесува две милијарди евра, а премиерката се пофали со хрватскиот извоз, кој лани во Словенија бил за 25 проценти поголем отколку во 2009 година, а за првите четири месеци годинава пораснал за 17 насто.

Slowenien Kroatien EU Borut Pahor und Jadranka Kosor
Фотографија: AP

Косор ги повика словенечките туристи летово да дојдат во поголем број на хрватскиот брег. Лани ги имаше шест проценти повеќе од претходната година.

Двајцата премиери искажаа и желба за заеднички настап на Експо.

Убавите зборови - само одлагање на проблемите

Аналитичарот на „Нови лист“ Денис Ромац, меѓутоа, истакнува дека зад многуте убави зборови и насмевки се крие фактот дека двајцата премиери сите проблеми ги решија на тој начин што ќе се договараат за договорите.

Проблемот со границата ќе се решава пред Арбитражниот суд, долговите на Љубљанска банка пред Банката за порамнување во Базел, додека Поглавјето за рибарство влезе во билатералниот Договор за малограничен промет и соработка од 1996 година, со кој се предвидува хрватските и словенечките рибари да можат да ловат во територијалните води покрај брегот на Истра. Тоа досега не се применуваше поради несогласувањата околу границата, а Ромац смета дека „останатите прашања главно се решени повеќе со меѓусебни подметнувања, отколку конструктивно, темелно и промислено“.

Referendum in Slowenien Bucht Piran
Спорот околу Пиранскиот залив беше „коска в грло“Фотографија: picture alliance / dpa

Средбата Косор-Пахор беше можеби последна додека се се‘ уште на премиерските функции, бидејќи Пахор во Словенија по неуспехот на референдумот за пензиските реформи го очекува парламентарно изјаснување за доверба на неговата влада, што тешко ќе го преживее политички. И Косор е пред скори парламентарни избори на кои, според анкетите, ХДЗ и нивните коалициони партнери немаат премногу шанси за останување на власт.

Но, двајцата премиери тоа не ги спречи во нагласувањето успеси на меѓународен план, па Косор потсети дека Хрватска во моментот на склучувањето на Арбитражниот договор со Словенија имаше само пет затворени поглавја, а досега затвори вкупно 31. Словенечкиот премиер, за разлика од својата хрватска колешка, можеше да се пофали како во Словенија, по тешката криза и рецесија, првпат по двеипол години, стопанството и економскиот оптимизам повторно се во пораст.

Автор: Гордана Симоновиќ/ Жана Ацеска

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска