1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Европа среде Сцилите и Харибдите на Макрон

26 мај 2022

Макрон бара геополитичка Европа. Зошто токму сега излезе со таков предлог и какво фајде за нас од иницијативата на Макрон? Пишува Арсим Зеколи

https://p.dw.com/p/4BtAe
Mazedonien Arsim Zekolli
Фотографија: DW/K. Blazevska

Макрон бара геополитичка Европа. Во ред. Да почнеме од базичното. Според науката, геополитика (од грчки γῆ gê –земја и politikḗ - политика) е дефиниција за односот помеѓу географијата и меѓународните односи. Првата употреба на терминот припаѓа на шведскиот политиколог Рудолф Кјелен и датира од почетокот на дваесеттиот век, станувајќи дел од современиот политички вокабулар. По Втората светска војна терминот ќе биде накратко отфрлен од употреба, поради поврзувањето на геополитиката со германските и јапонските амбиции и теоријата на „пан-регионализам” како срж на идеологијата на светска доминација преку четири региони (Пан-Европа + Африка под Германија; Пан-Азија под Јапонија; Пан-Америка под САД и Пан-Русија под СССР). Денес, политиколозите ќе се согласат дека геополитиката е синоним за меѓународните односи, вратена кон нејзината првична замисла, концепција и употреба.

Но тоа не е единственото совпаѓање диктирано од аксиомите на географијата и теоријата за односите помеѓу нациите. Тука можете да ги вметнете и сличностите на Европа по распаѓањеата на Отоманската Империја и Советскиот Сојуз, технолошките иновации во телекомуникациите и подемот на информатичката технологија, затворање на границите, нарушениот баланс во односите помеѓу државите, подемот на комунизмот и сегашните алт-идеологии. Историјата се менува, географијата останува иста. Сличностите се повеќе од симптоматично блиски, одразувајќи се низ и врз сите аспекти на меѓународните и внатрешно-општествените динамики. Како пред 120 години, така и денес,  геополитиката  е мостот во кој се поврзуваат односите како „помеѓу глобално признаените земји, така и оние со де-факто независност но не и сосема меѓународно признати, суб-националните единки како федерациите и конфедерациите”.

Зошто Макрон токму сега излезе со таков предлог?

Првичната интуитивна реакција е дека предлогот е со дневно-политичка конотација во пресрет на следните парламентарни избори во Франција, подемот на Ле Пен и здружувањето на левицата. Втората елаборација е дека по дебаклот на „блескавата” прогноза дека „НАТО е во состојба на мозочна смрт”, на  Макрон му е потребна нова „блескава” идеја со која ќе си ја докажува неговата глобална битност и способност за превземање на воланот врз ЕУ и  Европа и Евроазија, сѐ таму некаде до предградието на Владивосток. Et voilà, на Макрон никогаш не му недостасувале идеи. Гломазни како од Наполеон и помпезни како од де Гол. Што се однесува на инструментите и капацитетите за нивно спроведување, е тоа е веќе – како би кажале Монти Пајтон – „нешто сосема друго”.

-други колумни од авторот: Духот на Малта над Белата палата

Замислата на Макрон  и останатите поддржувачи на двотактни Евриоп, Европи во две брзини, гео-стратешки унии и геополитички Европи се убави теми за дискусија од кои може многу да се научи. Под услов првично да се земат во обзир улогите на САД во внатрешното градење на Европската Унија и надворешното обликување на ЕУ во рамките на континентот под влијание на СССР, т.е. Руската Федерација. Макронистичката идеја, можеби најшизматичната иницијатива на континентот по онаа на Михаил Први византискиот, е предимствено диктирана, вперена и следствено во директна конфронтација со темелот, оската и гранитниот став на првата земја-основач на ЕУ, а тоа се Соединетите Американски Држави. Став првично дефиниран во 1989 година од страна на Џорџ Буш постариот во неговиот говор во Мајнз во 1989 година и дефиницијата за „Европа цела и слободна” (подоцна надградена од Хилари Клинтон со „демократска и обединета”) која ќе стане редовна мантра на секој американски претседател во последните 30+ години (со исклучок на Доналд Трамп) до денес. Концепцијата на САД за Европа е дефинирана како контратежа на претходно искажаниот концепт на Михаил Горбачов за „заеднички европски дом”. Две недели по говорот на Буш, при посетата на Западна Германија, Горбачов ќе изјави дека СССР нема да се спротистави на либералните трендови во земјите од источниот блок. Една година подоцна, комунизмот ќе падне. Демократијата ќе победи. Буш ќе изгуби на изборите. Горбачов тргнат од власт.

Клучната дискрепанца помеѓу концептите на Буш и Горбачов се однесува на замислата на Европа како континент на мултипартиската либерална демократија со капиталистички економски систем (САД) и онаа за либерална политичко-економска реформа на комунистичките системи под капата на СССР. Историјата укажува дека замислата на СССР замина заедно со самиот Советски Сојуз, додека пак замислата на Буш за демократска Источна Европа, капиталистички вкроена во Европската Унија ќе прерасне во илиберализам на протежирани демагози и гансгтерски капитализам создаден и потпомогнат токму од американските дипломатски првенци, особено во југоисточна Европа. Сепак, поентата е дека во креирањето на замислата на Европската Унија во пост-студената војна, улогата на Германија и Франција беше повеќе статична и зависна од моќта на САД и хендикепите на СССР. Дали истото може да се очекува и денес со иницијативата на Макрон?

-други колумни од авторот: Скопје и Софија пред црвена линија

Одговорот е детерминиран од (не)компатибилноста на стратегиите на САД и замислите на Путин. Иницијативата на  Макрон  може да биде прифатлива за САД како составен дел на стратегијата за пан-регионализација преку градење регионални блокови вклопени во архипелагот на слични групирања, како Опен Балкан, Голем Близок Исток (или Глобален Балкан според Бжежински). Во тој случај, епицентарот на таквата геополитичка Европа секако не би бил ниту Брисел, Берлин или Париз туку Лондон како субсидиарна експозитура на САД и главен корисник на повластиците од огромниот пазар, особено доколку бидат вклучени Полска и Турција. Поедноставено, реализацијата на идејата на Макрон конципирана како „држ-не-дај” држење на истокот во орбитна состојба на тактички вербална унија и стратешки хигиенска (не)пристојна дистанца, попрво ќе еволуира во ривалски блок на штета на Западно-Европската Унија и масивен, историски ѕид кон Русија отколку што ќе придонесе кон ЕУ како „слободна и цела” и глобално моќна. Парадоксално, на извесен начин иницијативата на Макрон наместо кон јакнење, може да прерасне во нов Брегзит, но овој пат во Брисоут излез на Брисел од Европа и Унијата како таква.

Frankreich | Abschluss der Konferenz zur Zukunft Europas in Straßburg
Францускиот претседател Емануел Макрон заговара некој вид „Европа со две брзини“Фотографија: Ludovic Marin/REUTERS

Втората непознаница во иницијативата се однесува на амбициите на Путин и нивните (спонтани или смислени) вметнувања во текстурата на иницијативата на Макрон. Колапсот на воено-безбедносните гео-стратегии на Путин ја истакнуваат зависноста од геополитичките реструктуирања во Европа, со конечна цел на истиснување на САД од „заедничкиот европски дом”. Во таа смисла, токму првичната замисла на геополитиката како инструмент за решавање на меѓудржавните, полудржавните, федералните и конфедералните единици е опционална излезна можност од тековната компромитација на режимот на Путин. Преку комбинација на Дејтонски договори и кумановски „победи” за спас на образот. Во тој поглед, интересно е што и Путин и неговите конфиданти од ЕУ инсистираат на користење на Косово како некаков споредбен претекст (кој не е) и одбивањето  вистинската аналогија со Украинската агресија да ја најдат во примерот со Република Српска и нејзината репликација преку низа Републики Руски во Украина и Подкавказјето. И повторно, токму земјите членки на ЕУ кои прифатија една творба создадена преку агресија, геноцид, масовни убиства, масовни силувања, да ја легитимираат преку паралелно де-факто уважување на Мирослав Додик и неговите следбеници и понижување на Косово. Иако во случајот на Косово постои историски административен континуитет, статус на жртва на агресија и геноцид и меѓународна правна поткрепа за нејзината независност. За разлика од Доњецк, Абхазија, Осетија за кои – исто како и за  Република Српска  - не постои ниту историски ниту современ контекст за независност. Во кратко, преседанот во прилог на замислите на Путин е обезбеден низ односот на ЕУ во признавање на Република Српска и непризнавање на Косово.

Какво фајде за нас од иницијативата на Макрон?

Одговорот е веќе отсега детерминиран од условот Qui Bono? За владата на Ковачевски, предлогот е опортунистички прифатлив како изговор за надворешната вина за сегашниот (четиригодишен) дебакл на владините стратегии, но и подеднакво опортунистички неприфатлив доколку бидеме исфрлени од колосекот кон Брисел и бидеме сведени на изолационистичкиот Опен Балкан. Стариот (пост) комунистички естаблишмент, припадниците на „десетте семјества” со сите нивни „наши деца”, коруптократијата, удбашката камарила е веќе отворено наклонето, горливо наклонето кон иницијативата на Макрон во која гледаат спас од пургаториумите кои следат доколку се случат преговори со ЕУ. Како што може да се заклучи од координираната цензура на „јавноста” и „сега послободните медиуми” за криење на сѐ позасилените барања за отварање на архивите на УДБА, КОС, СИД како составен дел од бараните реформи.

-други колумни од авторот: Заборавената историја на католицизмот во Скопје

За останатите, смртници, аргументариумот во прилог на иницијативата на Макрон така неодоливо потсетува на вокабуларот на Вучиќ, Рама, Заев за Опен Балкан и урнебесните констатации на Габриел Ексобар за „фантастичните економски успеси” во регионот. Сумирано, таквата иницијатива поддржана од САД и ЕУ секако би подразбирала поголема стабилност на владите и естаблишментите, клинтелистички обезбедени од блазираните американски амбасадори и британските стабилократи. Но по цена на уште подив гангстерски капитализам, целосно урнисување на владеењето на правото, засилена емиграција, застрашувачка социјална нееднаквост, илиберално фиктивна парламентарна демократија и демографски колапс. Во кратко, нешто како сјаен град на врв на планината на бирократијата и бандитизмот, гордо издигнат над опустошената Картагена.

 

Mazedonien Arsim Zekolli
Арсим Зеколи Дипломат, историчар на уметност, преведувач