1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Објавени резултатите од парламентарните избори во Авганистан

13 ноември 2005

По повеќекратно одложување, конечно се познати резултатите од парламентарните избори во Авганистан.

https://p.dw.com/p/Acdp
Долго траеше преборјувањето на гласовите во Авганистан
Долго траеше преборјувањето на гласовите во АвганистанФотографија: dpa - Bildfunk

Меѓу 249-мината пратеници ќе има многу познати имиња на воени команданти од времето на борбата против советските трупи, како и претставници на соборените Талибанци. Сепак, изборот на Парламент од 18-ти септември може да се смета за голем чекор во развојот на демократијата во Авганистан – се согласуваат меѓународните набљудувачи.

На Изборната комисија во Кабул и‘ беа потребни речиси два месеца за да ги објави конечните и официјални резултати од парламентарните избори. Целиот процес траеше подолго од предвиденото, меѓу другото и поради испитувањето на жалбите за манипулација во повеќе изборни единици.

По проверката на сите жалби во списокот парламентарци може да се најдат бројни воени команданти и шефови на вооружени милиции, кои ќе ја сочинуваат отприлика половината од сите пратеници. Меѓу нив е и Абдул Расул Сајаф, кому му се префрлаше за кршење на човековите права:

„Кога го спасувавме светот од заканата на Црвената армија, каде беа тогаш задршките? Во тоа време бевме големи јунаци, а сега одеднаш треба да бидеме злосторници!?„ – се прашува Сајаф.

И претседателот Хамид Карзаи ги отфрли критиките на сметка на крвавото минато на одделни кандидати:

„Ако ги избрал авганистанскиот народ по пат на фер и слободни избори, тогаш се народни пратеници и мораат да го добијат стекнатото место во Парламентот.„

Меѓу избраните има меѓутоа и многумина потполно непознати имиња за јавноста, самостојни кандидати, претставници на граѓанското општество во Авганистан. Освен тоа повеќе од една четвртина од пратениците се жени:

„Не‘ очекува сјајна иднина, бидејќи авганистанските жени покажаа сила, како и желба да се вклучат во обновата и реформите во земјата„ – изјави Шукрија Бракзаи, борец за човекови права и новинарка од Кабул.

Спецификум на првите слободни парламентарни избори во Авганистан беше отсуството на политички партии. Затоа е сега нејасно какви мнозински соодноси ќе се создадат по одделни прашања. Тие во секој случај нема да изменат многу во односот на силите на политичката сцена, бидејќи претседателот игра голема и важна улога. А тој беше избран пред една година и формира влада, чија работа ќе ја контролира идниот парламент. Карзаи при тоа нагласува дека се радува да има силен парламент, како сојузник во реформите и обновата на земјата.

Со парлемантарните избори е завршен планот за Авганистан што беше донесе на меѓународната конференција во Петерсберг кај Бон кон крајот на 2001-та година. Но, ангажманот на меѓународната заедница останува и понатаму неопходен и тоа на долг рок – тоа го знаат и ОН и авганистанската влада!