1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Обама: „Прекинете со уцени!“

ЖА/дв/макфакс9 октомври 2013

Во финансискиот спор со опозицијата, американскиот претседател Обама со драстични зборови предупреди од губење на веродостојноста на земјата во светот. Блокадата на службите во САД предизвикува загриженост и во странство

https://p.dw.com/p/19wVL
Фотографија: Reuters

Уцената не може да стане начин на управување, изјави синоќа (08.10.2013) американскиот претседател Барак Обама, обраќајќи им се на Републиканците и го повика Конгресот веднаш да ја прекине буџетската блокада и да ја тргне заканата од длабока рецесија на американската економија, како и да ја зголеми границата за задолжувањето на државата.

„Завршете ја оваа блокада веднаш, има доволно Републиканци и доволно Демократи во американскиот парламент да го донесат законот кој повторно ќе ја овозможи работата на владините служби“, изјави претседателот Барак Обама на прес-конференција во Белата куќа на осмиот ден од фискалната блокада којашто започна на почетокот од фискалната година на 1-ви октомври поради неизгласување на буџетот.

Конзервативните Републиканци во Претставничкиот дом, каде што го имаат мнозинството, се спротиставуваат на финансирање на владата во сегашната фискална година додека не им бидат направени отстапки од демократот Обама кои би го одложиле или ускратиле финансирањето на законот за здравство, популарно наречен Обамакер, неговото изборно ветување уште од првиот претседателски мандат, кој стапи исто така на 1-ви октомври.

„Отстранете ја пречката за американската економија и американските семејства и изгласајте го буџетот“, рече дека Обама и ја отфрли праксата „уцената“ да стане начин на владеење. „Повеќето Американци се согласуваат дека здравствениот систем не може да се врзува за владината способност да работи и да ги плаќа своите сметки“, додаде американскиот претседател. Тој порача дека нема да разговара со Републиканците се` додека, како што кажа, нивните „екстремни членови не престанат да го силат нивниот водач (претседателот на Претставничкиот дом, Џон Бонер) да и` се заканува на американската економија“.

По економската блокада која настана поради неносењето на буџетот, се зголемува опасноста од длабока рецесија, предупреди Обама кој дел од говорот посвети и на одговорноста што Соединетите држави ја имаат во светот. Според него, САД мора да покажат дека ги исполнуваат своите обврски, Соединетите држави „не можат да си дозволат вакви фабрикувани кризи на секои неколку месеци“.

Обама нагласи дека е неодговорно да се поигрува со последиците од буџетската блокада. САД имаат многу обврски освен јавната потрошувачка, и доколку не ги плаќаат своите обврски кон светските пазари, тоа ќе го намали нивниот кредитен рејтинг, како што се случи пред две години, додаде американскиот претседател.

„Мојата порака до светот е дека Соединетите држави секогаш ги плаќале своите финансиски обврски и тоа повторно ќе го прават“, рече Обама.

„Кина, светските заемодавачи, не гледаат само што претседателот ќе каже, туку што Конгресот ќе стори, и доколку Конгресот вели дека блокадата не е лоша, тоа доверителите ги прави нервозни“, рече Обама.

Освен буџетската блокада, оваа седмица е клучна и поради тоа што до 17-ти октомври американскиот Конгрес треба да го подигне прагот за задолжувањата на земјата од сегашните 16,7 трилиони долари коишто според претсметките до тој датум ќе бидат надминати, за да може и натаму да се задолжува и уредно да си ги намирува своите обврски. Додека блокадата на државните институции самата посебе веројатно нема да предизвика поголеми пореметувања на пазарите, битката околу границата за задолженоста би можела. Последната таква криза во август 2011. година го урна дотогашниот суверен кредитен рејтинг на САД од највисокото ниво.