1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Носителот на надеж на Обама

Роберт Киндл24 ноември 2008

Новоизбраниот американски претседател Барак Обама официјално ќе го номинира Тимоти Гејтнер за иден министер за финансии. Гејтнер ужива голем респект во финансискиот свет. Волстрит веќе го слави неговиот избор.

https://p.dw.com/p/G0qH
Тимоти Гејтнер, идниот министер за финансии на САДФотографија: AP

Уште пред воопшто да биде потврдено, дека Тимоти Гејтнер ќе биде нов министер за финансии, веста за намерите на новоизбраниот претседател Барак Обама во петокот предизвика вистински огномет на курсот на акциите на берзата во Њујорк која е потресена од финансиската криза.

Успешен кризен менаџер

Многу експерти се надеваа дека Барак Обама ќе му ја додели улогата на врховен чувар на државната каса токму на Тим Гејтнер.

Wall Street Börsenparkett
Гејтнер е омилен на ВолстритФотографија: AP

„Тој е многу популарен на Волстрит. Сметам дека тоа го предизвика ова заздравување на курсот на акциите“, вели берзанскиот аналитичар, Алек Јанг за новинаската еганција Асошиејтед Прес. Од 2003-та година наваму Тимоти Гејтнер раководи со регионалната подружница на Федералната емисиона банка во Њујорк. Претходно, во 90-те години од минатиот век за време на владеењето на претседателот Бил Клинтон, тој веќе направи кариера во Министерството за финансии и стигна до функцијата државен секретар. Тој и даваше белег на американската финансиска политика во период кога пропаднаа валутите во Русија, Мексико и на Далечниот Исток. Гејтнер уште тогаш беше кризен менаџер а и се’ уште е. Во изминатите недели тој заедно со министерот за финансии Хенри Полсон и шефот на Федералната емисиона банка Бен Бернанке одигра одлучувачка улога во изработката на државниот план за спас на банките и осигурителниот концерн АИГ во вредност од 700 милијарди долари. Гејтнер сега треба да ја преземе работата на Полсон.

Вистински човек за функцијата

Тој ќе има навистина тешка задача. Државниот буџет на САД има рекорден дефицит. Автомобилските концерни се борат за преживување и за дополнителна помош во милијарди долари. Освен тоа, Гејтнер мора за Обама да го спроведе намалувањето на даноците, што идниот претседател на САД го вети во изборната кампања. Обама имено кажа дека даночно ќе растовари 95 насто од американското население.

Bildgalerie USA Wahlen Obama Wirtschaft 5
Барак Обама на средба со работници во американската автомобилска индустријаФотографија: picture-alliance/ dpa

Тим Гејтнер ќе успее во тоа, смета главниот советник на Обама, Дејвид Акселрод. „Според неговата природа и неговото искуство тој е вистинскиот човек“, изјави Акселрод за телевизијата Фокс.

Весникот Вашингтон пост го опишува стилот на идниот министер за финансии како интензивен но во истовреме кооперативен. Исто како и Барак Обама и Гејтнер се залага за смена на генерации во американската политика. Двајцата имаат само 47 години.

Меѓутоа, назначувањето на Тим Гејтнер на функцијата, што денеска официјално ќе го објави Обама треба да го потврди американскиот Сенат.