1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Норвешка: Границата на НАТО со Русија

Ц-О. Рихтер / Е:М. Фиданоска29 ноември 2014

Неодамна возбуда предизвикаа руски бомбардери со долг долет забележани долж границата со Норвешка, зашто никој не ја знае целта на нивните летови. Сосема на север, директно на Баренцовото Море пак, владее сенишна тишина.

https://p.dw.com/p/1DiZ6
Фотографија: DW/L. Bevanger

Горе на ридот бдее најсеверниот набљудувачки пункт на НАТО. На другата страна се наоѓа Русија. Тука почнува оградата долга илјадници километри, која завршува далеку на југ, на границата со Турција.

Недалеку оттука, од една стражарска кула на езерото Вагатем, Елиза Стајнсланд набљудува во насока на исток. Таа е разводник - доброволец во норвешката армија. Границата минува среде езеро. И покрај тензичната ситуација, има луѓе кои ќе заталкаат на погрешната страна, особено налето.

„Тогаш овде е многу живо - рибари од околината, прекуезерски транспорт, чамци со туристи. В зима, кога езерото замрзнува, има патека за скутери на снег и навистина мора да внимаваме да не се загуби некој“, вели Елиза Стајнсланд.

Таа и уште тројца овде стражарат по цели две недели непрекинато. Рутина има дури и во овие тешки недели - готвење, чистење, се‘ прават заеднички. Жени во армијата со години е нормална работа. Но, поради недостиг од подмладок, набргу треба и за жените да се воведе воена обврска.

„Никогаш немам слушнато глупави мачо-изреки, а и ако слушнам, знам да се одбранам. Секој мора, на пример, да ја испразни машината за садови. Кога живееш во толку мала заедница, сите мора да помагаат“, нагласува Елиза Стајнсланд.

Младите војници во меѓувреме се навикнати на близината со Русија, но и на тоа што сега нема никаков контакт со граничарите на другата страна. Елиза Стајнсланд вели: „Сега повеќе се интересирам за Русија. Порано Русија беше многу далечна, сега можам да фрлам поглед таму. Иако немаме контакти, културата им ја сметам за многу интересна.“

Norwegen Armee Soldat und Soldatin
Во норвешката армија мешани тимови функционираат доброФотографија: Jonathan Nackstrand/AFP/Getty Images

Во касарната на граничарскиот баталјон во Киркенес во иста просторија се сместени четворица мажи и две жени. Секојдневие во норвешката армија. Типичните ѕидни постери не му пречат никому, и тоа не само затоа што е рано наутро и никој се‘ уште не е вистински буден.

Тоа што и во оваа касарна наскоро ќе има повеќе жени, според Катрин Матисен, е добро и исправно. Мешани тимови функционираат подобро - така е и кај војниците.

„Би требало сите да служат воен рок. Те учат на дисциплина, учиш нова рутина, стануваш рано, учиш како работите да ги одржуваш средени“, убедена е Катрин Матесен.

Катрин е припадник на воената полиција во баталјонот. Со воените другари контролира армиски возила - дали ги имаат сите неопходни документи. Но и цивили, кои минуваат овде, во воената безбедносна зона директно на границата со Русија.

„Досега речиси и немав проблеми. Секогаш наидувам на почит. Патролираме и во градот, каде на викенд војниците понекогаш се опиваат. Тогаш ќе слушнеш и по некоја глупава изрека, но ние знаеме што треба да сфатиме сериозно, а што не“, нагласува Катрин Матесен.

Порано, норвешките граничари имаа редовно средби со руските колеги, на пример на заеднички фудбалски турнири. Од почетокот на кризата во Украина веќе го нема тоа меѓусебно запознавање. Контакти само колку што е нужно, гласи наредбата на военото раководство. Многумина овде жалат поради тоа.

NATO Gipfel in Wales 05.09.2014 Mig 29
НАТО демонстрира будностФотографија: Joel Saget/AFP/Getty Images

Така рускиот град Никел, веднаш до границата на другата страна, е многу далеку за норвешките војници, иако добро можат да се видат зградите и оџаците.

По стражарењето на кулата, Елиза со уште еден војник оди во патрола, се‘ до границата, на езерото Вагатем. Тоа и’ е најубавиот дел од службата, освен назима, кога овде тренираат како да се преживее во ледена вода.

„За мене тоа е секогаш посебно возбудување. Јас всушност сакам студена вода, особено по сауна. Но овде вежбаме како да се преживее, како да излезеш од водата и брзо да облечеш суви алишта“, вели Елиза.

Оган палат за на оние од другата страна да им покажат: овде сме, внимаваме на нашата страна од границата! Сепак, не знаат дали некој на другата страна ги забележува нивните знаци.

НАТО покажува присуство и на 10.000 метри височина. Кога Русите се во меѓународниот воздушен простор, испраќа ескадрили, демонстрира будност.