1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Норвежаните заборавија како се штеди

Ларс Бевангер/ К. Краљевска13 јули 2015

Многу луѓе во Норвешка се во долгови - иако тоа е богата земја. Проблемот е во тоа што пред се‘ младите „не знаат како со парите“. Затоа носат странски „експерти“ да ги научат, на пример од Полска.

https://p.dw.com/p/1FvmL
Фотографија: DW/L.Bevanger

Личните долгови и задолженоста на домаќинствата во Норвешка се повисоки од било каде во Европа, констатираат од Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД). Тоа во голема мера придонесе за високи цени на недвижностите, но проблемот е во тоа што на Норвежаните едноставно тешко им паѓа да размислуваат за тоа што ќе се случи утре.

Благосостојбата на Норвешка не е толку очигледна како, да кажеме, во Беверли Хилс или во Дубаи, но сепак се чувствува на секој чекор. Секаде по центарот на Осло можат да се забележат луксузни „џипови“, а пристаништето е преполно со скапи и нови бродови и јахти. Скоро секој има викендици, или во планините или на брегот.

За сето тоа Норвежаните можат да се заблагодарат на својата фондација во која се слеваат нивните приходи од нафта и гас. Тамошната влада основала фонд кога е откриено наоѓалиштето, со цел од тоа злато корист да имаат сите граѓани, но и за натамошен раст на Норвешка. Моментално во него има над 800 милијарди евра - на нешто помалку од пет милиона жители на земјата.

Наспроти тоа, Норвежаните се на самиот врв на листата во Европа по својата индивидуална задолженост. Тронд Бентештуен, кој е на челото на Одделението за работа со граѓани во најголемата норвешка банка ДнБ, се жали дека Норвежаните станале премногу немарни кон парите и уверени дека, што и да прават и колку и да трошат, државата е секогаш тука да им помогне.

„Ние сме меѓу најбогатите земји во светот и мислам дека тоа богатство нас не направи малку мрзеливи. Ние, Норвежаните треба да учиме од другите Европјани. Тие подобро размислуваат и донесуваат одлуки, така што ние (во банките) одлучивме да регрутираме семејства од тие земји да ги научат нашите деца како да управуваат со она што го имаат“, раскажува норвешкиот банкар.

Norwegen Oslo Zukunft Arm Reich Trond Bentestuen Banker
Тронд Бентештуен се жали дека Норвежаните станале премногу немарни кон паритеФотографија: DW/L.Bevanger

Експерти од немајкаде

На почетокот на годината, Бентештуен покрена иницијатива во кругот на неговата банка да се пронајдат такви „штедливи луѓе“, кои ќе бидат дел од образовната програма за личните финансии во банката, особено за учениците од основните училишта во Норвешка. Изборот падна на полското семејство на четириесетгодишната Дорота Џуиубалка.

Првиот впечаток на Полјачката е јасен: „Норвежаните не размислуваат за својата финансиска иднина, затоа што за нив секогаш се грижи нивната држава. Нема ништо лошо во тоа, но понекогаш е добро кога имате чувство дека имате контрола и целосна одговорност врз сопствениот живот“, објаснува Џуиубалка. „Мислам дека најважна работа за да го проверите еднаш месечно семејното книговодстсво - е да проверите каде ви одат парите и да си го поставите прашањето: дали навистина е потребно да трошите толку?“

Полјачката тврди дека нејзините сонародници, под разни околности, за тоа станале вистински експерти: „Ние имаме долга историја на економски проблеми, а имаше и навистина тешки времиња. Планирањето на финансиите стана нормален дел од нашиот живот. Така сме побезбедни.“

Сигурно голем број Норвежани можат да научат нешто од неа: наспроти истражувањата на ОЕЦД, во другите европски земји околу 9,5 отсто од населението е опасно задолжено, додека во Норвешка стапката изнесува околу 30 отсто.

Norwegen Oslo Zukunft Arm Reich Familie Dorota
Семејство на Дорота ЏуиубалкаФотографија: privat

„Не размислувам за иднината“

Меѓутоа, изгледа дека тоа и не го загрижува поголемиот дел од населението. Кога прашавме група млади девојки кои седеа во кафуле на модерниот брег во Осло дали штедат пари, тие се насмеаја и признаа дека не штедат, и дека немаат план за иднината.

„Сите пари ги трошам за време на викендот кога ќе излезам во градот“, вели една од нив. А што планираат за својата иднина? „Не размислувам за тоа“, вели една од нив и сите се насмеаја. „Кога ќе добијам пари, секогаш ги трошам. Секогаш сум во минус на крајот на месецот.“ Таквиот начин на размислување е широко распространет меѓу младите во Норвешка.

Од една страна, едвај некој да мора да стравува за својата иднина: невработеноста е ниска - околу 4 отсто, а платите се одлични. Но зошто наспроти сето тоа многу од нив живеат „во минус“ и се задолжуваат „преку глава“?

Елен Нихус, која се занимава со економското однесување и предава на универзитетот „Агдер“ во Кристијансанд, објаснува: „Мислам дека за многу од младите луѓе е шок кога ќе го напуштат домот на нивните родители. До тогаш живееле удобен живот на средната класа и многу им е тешко да ги прилагодат своите трошоци на многу помалите приходи кои ги имаат како веќе вработени луѓе.“

Norwegen Oslo Zukunft Arm Reich Cafe
Не се размислува за утрешниот денФотографија: DW/L. Bevanger

Изгубена скандинавската промисленост?

Без оглед на се‘, изгледа дека благосостојбата во Норвешка ќе потрае. И за оваа година во земјата се предвидува економски раст од 2 проценти, а веќе и онака скапите недвижнини, стануваат се‘ поскапи. Меѓутоа, таа земја во голема мера зависи од цената на нафтата и гасот. Драматичниот пад на цената на нафтата ја вознемири норвешката индустрија, а некои експерти стравуваат дека тамошните цени на недвижностите се „меур од сапуница“ кој лесно би можел да пукне секој миг.

Луѓето од постарата генерација на Норвежаните паметат и други времиња и објаснуваат дека нивната главна национална особина е скандинавската промисленост и мудрост, која говори дека секоја грешка скапо се плаќа. Можеби е време таа мудрост да ја пренесат на младите во Норвешка.

Тоа бил и мотивот за Бентештун во името на својата банка да повика такви „експерти“ и да ги води по норвешките училишта. Уверен дека тоа ќе се исплати: „Ќе ги сретнеме тие млади кои кога ќе созреат и кога ќе сакаат да ги исполнат своите сонови, да купат куќа или нов автомобил. Тогаш ќе ги видиме оние деца кои не ги научиле основите на сопственото сметководтсво и кои тогаш ќе сфатат дека не може да ги исполнат своите желби поради грешките кои ги направиле кога биле помлади.“