1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ноева арка среде Германија

Ј. Пржибила/ С.Недевски30 август 2014

Секои две недели во светот изумира некој вид домашно животно. На фармата Швандеведе во северна Германија се обидуваат да спасат барем некои видови „неисплатливи“ домашни животни.

https://p.dw.com/p/1D21h

Свињите, гуските и кокошките кои можат да се видат на еден имот во германската покраина Долна Саксонија им припаѓаат на видови кои се речиси изумрени, бидејќи на селаните не им носеле доволно пари во касата. Карстен Боде (насловна фотографија) се грижи за овие загрозени видови животни. Тој е член на проектот Ноева арка, кој од 1995 година се залага за зачувување на загрозените видови домашни животни ширум Германија.

„Мислам дека секое животно мора да може да живее и кон него треба да се однесуваме со почитување. Но тоа за жал во денешно време веќе не е замисливо. Значи ние се обидуваме да го одржиме она што некогаш било“, вели Карстен Боде.

Фармите се стопански претпријатија и мора да бидат исплатливи. Животните како свињата Борсти веќе не се совпаѓаат со концептот. Нејзиното месо не е по сечиј вкус и затоа Борсти, исто како и гуските на фармата на Боде, се наоѓа на црвената листа на загрозени видови домашни животни.

„Тоа е така затоа што овие гуски не се исплатливи животни, не носат доволно приход поради малиот број јајца. Тоа е така и поради тоа што на домашните животни им е потребно повеќе енергија за да растат побрзо. Овие гуски растат значително побавно, ама им треба и помалку енергија“

Секои две недели во светот изумира некој вид домашно животно. А без идеалистите како Карстен Боде, веројатно би биле повеќе. Неговата стара коњска штала тој ја пренаменил во фарма за 50 загрозени животни. Со нив не заработува ништо. Инаку, по занимање е градинар. А за да се покријат трошоците за храна, повремено треба да се заколе и некоја свиња. Сопругата Тања мора да помогне: „Понекогаш имаме многу работа, но истовремено ни причинува големо задоволство. Кога се гледаат животните, свињите, се добива и многу за возврат и потоа не се забележува ниту работата“, раскажува таа.

Одвреме-навреме за прасињата на фармата на Боде станува малку непријатно. Како и на секој селски имот животните се регистрираат за ветеринарот и за здружението Ноева арка кое се грижи за овие животни.

Фармата Швандеведе повикува да ја посетат што поголем број луѓе, за да се запознаат и да научат да ги ценат овие загрозени животни.