1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ново раководство на НАТО - стари проблеми

Бернд Ригерт/превод: БГ1 октомври 2014

По смената на врвот на воената алијанса, тонот можеби ќе се промени, но проблемите ќе останат. НАТО итно мора да се прилагоди на новонастанатата ситуација, а за тоа му требаат пари, смета Бернд Ригерт.

https://p.dw.com/p/1DO2u
Фотографија: John Thys/AFP/Getty Images

Генералниот секретар на НАТО е работно место кое и нема многу врска со описот на работното место на некој војсководец во класична смисла. Тој е, како што вели и самото име, повеќе секретар, отколку генерал. Тоа важи, како за Данецот Андерс Фог Расмусен кој денеска заминува од функцијата, така и за неговиот наследник, поранешниот норвешки премиер Јенс Столтенберг. Човекот на чело на НАТО не може многу нешта да придвижи без политичка волја на земјите-членки. Расмусен беше во постојан контакт со американскиот претседател Барак Обама и со врховниот командант на НАТО во Европа кој, не без причина, секогаш е некој американски генерал.

Наследникот на Расмусен, Столтенберг ќе постапува на ист начин. Пред норвешкиот политичар се наоѓаат три големи задачи: тој мора повторно да ги дефинира односите со Русија и да реагира на новата, заканувачка состојба за Европа. Сојузот мора да ги подигне на повисоко ниво трошоците за вооружувањето, но и своите воени способности.

Мисијата во Авганистан мора да се претвори во смислена мисија на обука и советување на локалните сили за земјата да не потоне повторно во хаос.

Андерс Фог Расмусен на крајот на својот мандат остана затечен од руската анексија на Крим и од очигледното мешање на Москва во војната во Украина. За првпат по завршувањето на Студената војна, НАТО е соочен со опасност за сопствените членки. Способноста за заедничко делување, одеднаш е поактуелно од било кога. И токму на тој план НАТО мора да стори уште многу. Одлуката за брзо формирање на единицата за брзи реакции која беше донесена пред самитот на НАТО во Велс, е само прв чекор.

Deutsche Welle Bernd Riegert
Бернд Ригерт

Добри односи со Русија не можат да наштетат

Новиот генерален секретар Столтенберг затоа мора брзо да ги увери членките на НАТО да ги стават на располагање војниците и опрема за новата единица за интервенции. Признанието на германската министерка за одбрана Урсула фон дер Лајен- за нејзината земја прилично срамно- дека Бундесверот поради лоша подготвеност не е во состојба да ги исполни обврските кон НАТО, претставува сѐ само не добар почеток на мандатот на Столтенберг.

Јенс Столтенберг како премиер на Норвешка еднаш веќе успеа да реши територијален спор со Русија. Поради тоа би можел да има подобри односи со Москва од својот претходник. Дали тоа може да биде пресудно за решавање на украинската криза? Во секој случај не може да наштети.

Повеќе пари за НАТО

Еден од најголемите предизвици кои стојат пред Столтенберг е како да ги увери европските сојузници да ги зголемат своите воени буџети и со нив помудро да располага. Целта, за издвојување на два отсто од националниот БДП на земјите-членки, во Велс не беше официјално промовирана. Германија не се држи до тој договор, како ни многу други европски земји- состојба која Расмусен и САД постојано ја критикуваа. Членките на НАТО за тоа постигнаа договор уште во 2006 година. Гледано од страна, Расмусен по тоа прашање целосно потфрли.

Европските членки на НАТО, со ретки исклучоци, досега ги намалуваа, наместо да ги зголемуваат своите воени буџети. И САД исто така сѐ повеќе го намалуваат својот воен буџет и повеќе се вртат кон Азија. Руската криза на европејците конечно треба да им ги отвори очите и да им укаже дека вака веќе не оди. Во борбата против Исламската држава, САД намерно го заобиколија НАТО затоа што знаеја колку стана инертен воениот сојуз и само условно подготвен за акција. Вашингтон затоа се сврте кон коалиција со оние кои се подготвени, и кои се во состојба нешто да сторат како Франција, Велика Британија и делумно Данска, Холандија и Белгија. Останатите европски членки на сојузот долгорочно не можат да се потпираат на тоа дека Американците секогаш ќе интервенираат кога тоа ќе биде потребно.

Авганистан, Сирија, Ирак, Либија, Сирија, Исламската држава и пред сѐ новата закана од правец на Москва не се само војни кои се однесуваат на американските претседател Џорџ Буш и Обама. Тие се однесуваат на сите европејци- го сакале тоа или не. А безбедноста и одбраната чинат многу. Ширењето на таа порака е уште една од задачите на новиот генерален секретар. Франција и Велика Британија располагаат со доволни воени буџети. Останатите членки на НАТО во Европа, како Германија, се борат со хроничен недостаток кога станува збор за финансирањето и опремата на воените сили.

Задачата на Јенс Столтенберг е да го запре тој опасен тренд. Норвешкиот социјалдемократ притоа зависи од тоа дали германската канцеларка Ангела Меркел ќе ги промени политички насоки, барем кога е во прашање Бундесверот. Бидејќи Столтенберг е сепак само секретар, а не генерал. И не може да издава наредби.