1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ново партнерство во источен Медитеран

Јанис Пападимитриу / Жана Ацеска14 ноември 2014

Грција, Кипар и Египет планираат засилена соработка во областа на енергијата и стопанството. Притоа, првенствено се работи за претпоставуваните резерви на гас пред брегот на Кипар.

https://p.dw.com/p/1Dk8x
Фотографија: picture-alliance/dpa

На средба во Каиро претседателите на Египет и на Кипар, Абдел Фатах ал-Сиси и Никос Анастасијадес, како и грчкиот премиер Андонис Самарас во саботата (08.11.2014) ја соопштија подготвеноста за партнерска соработка во експлоатацијата на гас во источниот дел од Средозменото Море. Според грчките медиуми, кон енергетската алијанса е подготвен да се приклучи и Египет. Уште одамна се претпоставува дека пред брегот на Кипар се наоѓаат значајни резерви на гас и нафта. Во 2011 година американскиот концерн Нобл Енерџи првпат изврши пробни дупчења, кои покажаа постоење на гас, чија експлоатација ќе почне од 2018 година. Од почетокот на финансиската криза, Кипар форсира црпење на природните богатства, надевајќи се дека тие ќе му обезбедат итно потребни приходи во државниот буџет. Нови концесии за дупчење добија и францискиот концерн Тотал, како и конзорциумот од италијанскиот ЕНИ и јужнокорејскиот Когас. Граничните гасни резерви во израелските води веќе се експлоатираат.

Zypern Energie Gas Bohrplattform Homer Ferrington im Mittelmeer
Фотографија: picture-alliance/dpa

Сега при плановите за експлоатација на новите енергетски ресурси се приклучува и Египет. Каква би била заедничката стратегија, уште не е утврдено. Се испитуваат четири опции, објаснува Александрос Лагакос, раководител на тинк-тенк форумот Грик Енерџи во разговор за Дојче веле.

„Можно е формирање заеднички терминал за гас кај Василикос, на јужниот брег на Кипар или во Израел. Трета опција е користење на постојниот терминал во Египет. Или изградба на т.н. гасовод Ист-Мед, кој ќе го поврзе Израел со Кипар и натаму ќе води кон грчкото копно“, објаснува Лагакос. Охрабрувачки е што земјите од регионот сакаат заеднички да соработуваат. Зашто: „Колку поголемо е количеството на гас кое доаѓа од заинтересираните земји од регионот, толку проектот е поатрактивен за приватните инвеститори“, вели експертот.

Спор околу ексклузивни економски зони

Меѓутоа, загриженост предизвикуваат најновите тензии со Турција околу експлоатацијата на гасот. Причина е постоечката нејасност околу т.н. ексклузивни економски зони на земјите-учеснички во источниот Медитеран. Според важешкото поморско право, една земја слободно располага и ги користи природните резерви во појас до 200 морски милји од нејзиниот брег. Кипар веќе има постигнато билатерални договори со Израел и со Египет за разграничување на сопствените економски зони и со тоа, поедноставено кажано, има повлечено граници на морското дно. Бидејќи Турција не ја признава Република Кипар, соодветен договор со Анкара е многу неверојатен. Како реакција на дупчењето за експлоатација на гас, турската влада веќе испрати истражувачки, но и воени бродови во регионот, на што кипарскиот претседател Никос Анастасијадис пак ги прекина преговорите за повторно обединување на островот.

На самитот во Каиро во прв план изби политичката димензија на алијансата за земен гас. Анастасијадис се обиде да смири, без директно да ја именува Турција: „Дијалогот и соработката кои ги градиме, во никој случај не се насочени против друга земја. Нашата основа се заедничките вредности, запазувањето на меѓународното право, како и мирот, стабилноста и безбедноста во источниот Медитеран“, изјави тој. Во заедничка декларација Египет, Кипар и Грција најавија преговори околу ограничување на нивните ексклузивни економски зони, доколку тоа не е веќе направено. Со тоа, официјално и Грција најавува намера да ја дефинира својата сопствена ексклузивна економска зона во Егејот и во источно Средоземно Море, по кипарскиот пример.

Alexandros Lagakos, Energieexperte
Александрос ЛагакосФотографија: DW/J. Papadimitriou

Во Атина нема истомисленост околу натамошниот тек. Во еден коментар за весникот „То Вима“ дипломатскиот дописник Јанис Карталис предупредува од „стапица на политика на тензии“: во источниот Медитеран Турција има стотици километри крајбрежје и „ни се допаѓало или не, кога и да е, мора да преговараме и со неа“. Друг став застапува Еврипидос Цакиридис, аналитичар за одбранбени прашања во атинскиот Институт за меѓународни односи.

„Работата е едноставна. Република Кипар се обидува да ги оствари своите суверени права, додека друга земја се обидува, веројатно на илегален начин, тоа да го спречи. Единственото што Турција може да го направи во случајов е да прекине со незаконските активности“, вели аналитичарот.

Клучна улога на Египет

Новото партнерство во источниот Медитеран зависи од учеството на Египет. Според наводите на грчката државна телевизија, новиот египетски претседател Ал-Сиси долго се двоумел дали да се приклучи на економската алијанса од обѕир кон турските интереси во регионот, но на крајот се согласил. На прес-конференцијата по самитот во Каиро, тој предупреди дека новото партнерство настанува врз „основа на заеднички интереси“ и мора да ги почитува принципите на немешање во внатрешните работи на земјите.

Evrypidis Tsakiridis, Analyst
Еврипидас ЦакиридисФотографија: DW/J. Papadimitriou

Важно за Египет е што Кипар и Грција ветија „заеднички настап против терористичките групи и нивните поддржувачи во регионот“. Освен тоа, грчкиот премиер Самарас вети дека ќе се заземе во Брисел за интересите на Египет:

„Јас апсолутно јасно ќе кажам дека Грција и Кипар ќе дејствуваат како амбасадори на Египет. Тоа го потврди и претседателот на Кипар. Зашто, Египет од своја страна е најдобар амбасадор на стабилноста и безбедноста во регионот“, изјави Самарас во Каиро. Наводно и Турција нема да остане исклучена. На 29 ноември грчкиот министер за надворешни работи Евангелос Венизелос во Истанбул ќе се сретне со својот турски колега Мевлут Чавушоглу.

„Турција ќе профитира од новиот енергетски сојуз со самото тоа што со него се создава нов пазар“, вели Александрос Лагакос за Дојче веле. Веќе денес Турција спаѓа во најголемите пазари на трговија со гас во Европа и има натамошен потенцијал, убеден е експертот.