1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Новиот тим на Мицкоски дојде побрзо од реформите

4 октомври 2019

Влада во сенка, класично кадровско засилување во нереформирана партија или подготовка за избори? Аналитичари за ДВ го коментираат новиот тим на стратегиски советници на Мицкоски.

https://p.dw.com/p/3Qhv6
Hristijan Mickoski PK Mazedonien
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Со визијата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ „за земја која ќе биде напредна и во која обновата ќе направи општествена, културна, економска, правосудна преобразба“, дојде и неговиот нов тим од 16 стратегиски соработници, кои тој ги претстави како врвни професионалци, со одлично професионално портфолио и врвни достигнувања во нивната област. Во тимот има професори, менаџери, експерти и аналитичари, образувани на меѓународни универзитети и со деловни успеси во светот. Како што изјави Мицкоски, се работи за „спој од напредната македонска интелигенција, но и дел од странци со исклучителни знаења, кои нив ќе ги стават на располагање за обновата на Македонија“. Во тимот се и двајцата поранешни претседателски кандидати на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Сиљановска и Сашко Кедев.

Nord-Mazedonien Präsidentschaftswahlen  Gordana Siljanovska Davkova
Гордана Сиљановска (во средина) на предизборен собир на ВМРО-ДПМНЕ во април годинаваФотографија: DW/P. Stojanovski

Влада во сенка или...

Во јавноста доминираат оценки дека кадровскиот состав е добар, но има и други прашања, со оглед дека ваквиот модел на советнички тимови не е нов. Барем не во таа партија.

„Новиот ‘тим' што го претстави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски, како што тој го нарече - тим на стратегиски соработници, не е нешто ново на македонската политичка сцена, особено во однос на водечките две партии", вели Александар Кржаловски, прв извршен директор на Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС). Тој потсетува дека и Груевски своевремено претстави Совет на интелектуалци предводен од екс-премиерот Никола Кљусев, а СДСМ пред последните парламентарни избори зборуваше за тим од над 300 интелектуалци кои ја подготвуваат новата партиска програма.

„Дека е потребна мобилизација на (нај)способните луѓе за прокламираната цел - обнова на Македонија е повеќе од јасно и потребно, но дали патот е преку постоечките водечки партии - е дискутабилно! Прво, не е баш јасна улогата на овие тимови, ниту ефектот од нивното составување и ангажман. Немам впечаток дека досегашните искуства беа успешни и продуктивни, ниту пак дека некои од вклучените оставија некој белег потоа во делувањето на партијата. Тука и првата, а можеби и главната нејаснотија - каква е позицијата на овие тимови во партиската структура и нивното доаѓање до израз во постоечката хиерархија. И денес се нагласи дека Извршниот комитет ја одобрил оваа нова структура во рамките на ВМРО-ДПМНЕ, што ја става во подредена улога (како што и би требало) во однос (барем) на членовите на ИК (а веројатно и на повисоките органи), па прашање е која би била функцијата на тие лица по евентуалното преземање на власта“, прашува Кржаловски.

Повеќе:

Мицкоски го трча последниот круг

Петар Богојески: Сакаме опозиција што не е под контрола на Заев

Илибералниот свет на ВМРО-ДПМНЕ

Според него, вака поставено, не изгледа дека тие би имале предност во пополнувањето на министерските функции.

„Тогаш се поставува прашањето - чуму ангажманот во овој период? Втора причина за ваков тим, може да биде носење ‘свежа крв' во партијата, демонстрација на капацитет да се привлечат способни кадри, како и постепено дистанцирање од претходните - со надеж дека тоа во јавноста ќе се перцепира и како раскинување со некои или повеќето од лошите политики и особено лошите (коруптивни) практики на претходната вмровска влада. Но, за тоа ќе биде потребно време и конкретни чекори, документи, резултати од тимот, дури и пред изборите. А сепак и појасни изјави, однесувања и дела од раководството на партијата за дистанцирање од минатото, повеќе отколку што било од активностите на новиот тим“, укажува Кржаловски.

Смета дека трета, и можеби најамбициозна идеја со ваквиот тим, е тој да биде т.н. Влада во сенка, како што наликува првичното претставување на тимот, со нагласок на нивната стручност, резултати и тоа што не се поврзани (барем засега) со никакви афери.

„За мене лично, тоа е повеќе од потребно - партиите додека се во опозиција да профилираат јасни кандидати за конкретните министерски позиции, кои би биле и на платниот список на партијата во целиот тој (па макар и тоа да е на трошок на државниот буџет). Но, прашање е дали е тоа намерата со ваквиот тим, и што во таков случај со органите на партијата и лицата во нив“, прашува Кржаловски.

Nord-Mazedonien Parteizentrale der VMRO DPMNE in Skopje
Во ВМРО-ДПМНЕ се нагаѓа околу тоа дали е ова почетокот на процес за „отпишување“ на кадрите со стаж, во кој ќе се минимизираат резултатите на сите кои „со години гинеле за партијата“Фотографија: DW/P. Stojanovski

Кадровско засилување

Ова е прашањето за кое од вчера најмногу се шушка во партијата и пратеничката група. Дилемите не се насочени кон лицата од новиот соработнички тим, туку кон намерите на лидерот: дали е ова почетокот на процес за „отпишување“ на кадрите со стаж, во кој ќе се минимизираат резултатите на сите кои, како што велат, „со години гинеле за партијата“?

Од друга страна, Мицкоски беше под критика дека едни исти лица со години се вртат во органите на партијата или во пратеничките клупи, а зад себе немаат никакви видливи резултати. Поранешниот премиер Владо Бучковски смета дека токму со промоцијата на овие стратегиски советници Мицкоски прави сериозен обид за кадровско засилување на партијата. Но, каков би бил ефектот од тој тим во нереформирана партија?

„Дел од новопромовираните советници (четворица) се мои колеги од Правниот факултет (еден од нив е и мојот најблизок соработник), кои имаат капацитет да изготват сериозна програма во областите за кои се специјалисти. Од остатокот од списокот на советници, лично ги познавам докторот Кедев и ракометниот голман Ристовски. Тие двајцата, едниот за здравството, другиот за спортот, имаат неспорни квалитети за нови идеи во овие области. Другите десетмина имаат завидни биографии. Како и да е, според мене реформите во ВМРО-ДПМНЕ и оваа промоција на стратегиските советници, може, но и не мора да се поврзат! Да заклучам, за мене ова е пред сѐ знак дека ВМРО- ДПМНЕ ја отвора партијата за нови кадри, кои секако ќе бидат додадена вредност на партијата“, дециден е Бучковски.

Џевдет Хајредини, поранешниот министер за финансии кој редовно ги коментира случувањата на политиката сцена, смета дека во партијата имаат незавршена работа. 

„Пред да предложат некоја друга обновена програма на ВМРО-ДПМНЕ, од новата екипа советници на Мицковски се очекува да ги анализираат и оценат резултатите што се остварија со програмата на Груевски ‘Преродба во сто чекори' додека 11 години беше на власт, а која еднаш во од дури и ја проширија и надградија“, вели Хајредини.

Изборни подготовки?

Но, ако се има предвид опозициското барање за предвремени избори и подновувањето со советнички тим (како и новата кампања на СДСМ „На прав пат“), сето тоа во аналитички кругови се толкува како подготвка за следното изборно мерење на силите, кога и да е.   

„Влегуваме во изборна година и нормално е да има раздвиженост  во опозицијата и во власта“, вели поранешната пратеничка Ѓулистана Марковска.

Gulistana Markovska
Ѓулистана МарковскаФотографија: DW/K.Blazevska

„ВМРО-ДПМНЕ стартува со нови натпартиски соработници кои во принцип се професионално реализирани луѓе кои со постигнатите резултати во своите дејности и можат да бидат добар стимул и во партиските политики, и во општествените текови. Лично сметам дека и во толку голема партија има способни и луѓе без дамки во своето работење кои би можеле да промовираат успешни политики, или пак, зошто не и новите соработници да бидат во партиските редови“, вели Марковска. 

Но, смета дека приоритет треба да им се даде на реформите во партијата.

„Добро би било да се почне со реформи во партиските органи тела и посебно во партискиот статут, кој дава слика на огромна централизација и моќ на врвот, т.е на претседателот на партијата, којѐ преку системот на ‘цврста рака' од партијата понатаму се пресликува во општеството и тогаш имаме ‘дежа ву'. За да имаме демократија во општеството таа треба да почне од најниско ниво и пред сѐ од партиите, од промена на изборниот модел и од создавање на мотивации преку нов пристап, за да се зголеми излезноста на граѓаните на избори кои ќе гласаат за нови политики, а не за да ги ‘казнат' политиките на која било власт. За жал, во толку изборни циклуси досега, ние граѓаните ја немавме таа среќа. Во секој случај, и од опозицискиот и од блокот на партиите на власт нѐ очекува ‘изборно' претставување, а без најавени избори. Велат дека надежта последна умира, ама кај нас е одамна во агонија, а апатијата ни стана нормално чувство кога се работи за  старо-нови политики", оценува Марковска.