1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Новинарскиот синдикат обвини за директна цензура во МРТВ!

Катерина Блажевска14 март 2015

За упадот во програмата ќе ги информираме сите меѓународни новинарски организации, вклучително и Меѓународната и Европска федерација на новинарите, најави ССНМ.

https://p.dw.com/p/1EqqA
Фотографија: Fotolia/wellphoto

Згрозени сме и запрепастени од упадот во програмата и легитимирањето на водителот на емисијата на Канал 103 во МРТВ што е груба и директна цензура, реагираше денеска Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ). Реакцијата уследи откако обезбедувањето на зградата на Македонската радиотелевизија (МРТВ) вчеравечер упаднало во програма во живо на независното музичко радио Канал 103, кое емитува програма од овој објект и го легитимирало водителот. Некои медиуми објавија аудио-снимка на која се слуша дека лице што се претставува како обезбедување, му наредува на водителот да ја прекине програмата и му ја бара личната карта. На снимката се слуша дека припадникот на обезбедувањето му објаснува на водителот дека спроведува наредба од шефот и не му дозволува да ја продолжи емисијата.
Оваа реакција на обезбедувањето на зградата на МРТ следуваше откако Стојанче Ангелов, лидер на партијата „Достоинство“, вчера по трет се обиде да достави це-де со аудио записите од телефонските разговори кои ги презентираше опозицијата. Неговото барање да стапи во контакт со некои од вработените во МРТВ беше одбиено од службата за обезбедување на јавниот радиодифузен сервис. По неуспехот да го достави це-дето, Ангелов доби покана од Канал 103 да биде гостин во нивното студио. Но, обезбедувањето не им дозволи да го внесат во нивното студио, кое се наоѓа во зградата на МРТВ.

ССНМ: Згрозени сме!

Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници во денешното соопштение изрази запрепастеност и згрозеност од упадот во програмата и легитимирањето на водителот на емисијата на Канал 103 во МРТВ.

„Сметаме дека станува збор за директна, груба цензура која компплетно ја соголува драматичната состојба со слободата на информирањето во МРТВ. Никакви правила и процедури не можат да го сокријат фактот дека на водител на емисија му е оневозможено на најгруб и насилнички начин да ја врши својата работа. На отворен микрофон го слушнавме 'обезбедувањето' на МРТВ како без каква и да е задршка го легитимира водителот и го отстранува од програмата. ССНМ најостро го осудува ваквиот чин и бара одговорност од раководството на МРТВ, како и објаснување чие обезбедување влегло во програма на отворен микрофон, на МРТВ или на приватна компанија за обезбедување“, соопшти Синдикатот и најави дека за овој инцидент ќе ги информира сите меѓународни новинарски организации, вклучително и Меѓународната и Европска федерација на новинарите.

ССНМ искажа и јавна поддршка на протестите за начинот на работата на јавниот сервис, ги повика сите новинари и медиумски работници целосно да се солидаризираат со колегите во МРТВ и да го искажат својот револт за состојбата во која се доведени тие.

Macedonian Radio Television, MRT
Фотографија: Petar Stojanovski

Двојни аршини на МРТВ

Лидерот на „Достоинство“ најави дека нема да се откаже од неговите обиди за „ослободување на МРТВ“ и доставување на аудио-снимките, со цел тие да бидат емитувани и слушнати од сите граѓани кои плаќаат радиодифузна такса и имаат право да бидат објективно информирани.

Главниот и одговорен уредник на информативната програма на МРТ, Горан Петревски, деновиве објаснуваше дека јавниот сервис не ги емитува разговорите од „бомбите“ на опозицијата, затоа што има забрана за тоа од Јавното обвинителство.

„За нас таа препорака е меродавна и затоа не ги објавуваме материјалите кои се однесуваат на случајот ’Пуч’, но ги следиме прес-конференциите на опозицијата“, изјави Петревски.

Но, јавноста го обвинува раководството на МРТВ за „двојни аршини“, бидејќи од една страна не ги објавува аудио-снимките што ги презентира опозицијата, но редовно ги објавува снимките преземени од Јутјуб, од разговорите меѓу премиерот Никола Груевски и лидерот на опозицијата Зоран Заев. За тие снимки премиерот лично потврди дека се снимени со примена на посебни истражни мерки.

Поради ова, но и поради долгогодишна партизација на МРТВ од страна на власта, лидерот на опозицијата уште пред неколку дена побара оставка од раководството на јавниот радиодифузен сервис. Директорот на МРТВ, Марјан Цветковски, кој од први март годинава доби нов мандат во траење од три години, не го коментираше барањето за оставка.

„Во првиот мандат од три години бев фокусиран на реализацијата на програмата. И за среќа програмата се реализираше во целост. Во тие три години воопшто не се впуштав во коментирање на ставови и барања на политички партии. Истото ќе продолжам да го правам и во овој нов мандат. Нема да дозволам МРТВ да влезе во дневно-политички битки“, рече Цветковски.

Лидерот на „Достоинство“, Стојанче Ангелов, за утре (недела) најави помасовен протест пред зградата на јавниот сервис.