1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нови терапии против ХИВ-инфекција

Корнелија Борман/ Жана Ацеска26 јули 2014

Науката направи големи напредоци во истражувањето на сидата. Постојат лекови кои можат да го спречат ширењето или да го забават. Сепак, засега инфекција со ХИВ е неизлечива. Но, можеби тоа наскоро ќе се промени.

https://p.dw.com/p/1CgTm
Фотографија: picture-alliance/dpa

На научниците од Дрезден им успеа сензационален пробив, заедно со научниците од Хамбург. Тие создадоа ензим, кој делува како ножица. Затоа, го нарекоа молекуларна ножица.

Ензимот го препознава геномот на вирусот и го исекува од наследната информација на инфицираната клетка. Отсечениот дел од генот се разградува и клетката повторно е здрава.

По успешните обиди со клеточни култури, научниците сега со оваа „ножица“ екпериментираат на лабораториски глувци.

„Можевме да покажеме дека кај овие глувци, кај кои има молекуларна ножица, инфекцијата може да се повлече. И тоа дотаму, што кај некои глувци веќе не можевме да ја регистрираме. Затоа, прилично сме убедени дека можеби слично успешно ќе функционира и кај луѓето“, објаснува професор Франк Бухолц од Медицинскиот факултет во Дрезден.

Со тоа во блиска иднина се навестува излекување. Друга метода: што поскоро по инфекцијата со лекови да се запре ширењето на инфекцијата.

Најпознат пример е т.н. Мисисипи-бебе, кое било третирано во детската болница.

Веќе 30 часа по раѓањето, девојчето добило лекови кои им се даваат на возрасни инфицирани со ХИВ. Целта - да се спречи ширење низ телото на вирусите што ја предизвикуваат сидата.

Речиси две години изгледало како малото девојче да е излекувано од ХИВ-инфекцијата, без земање лекови. Но, сега вирусите на сида повторно се појавија.

Иако болеста не може да се спречи, случајот отвора нови прашања. И дава насоки за нови напредоци на истражувања против сида.

Научниците од Дрезден наскоро ќе тестираат дали нивната молекуларна ножица функционира и кај луѓе. Инвеститори, кои можат да финансираат медицинска студија, веќе има.

Професорот Бухолц е оптимист: Мора да се сочекаат резултатите. Но, ние се надеваме дека за пет до десет години ќе создадеме терапија која ќе може да се применува на пациенти“.

А, тоа би требало вака да функционира: научниците ќе ја внесат молекуларната ножица во крвните клетки на пациентот. Потоа променетите клетки ќе ги вратат во телото, каде тие ќе се размножуваат и ќе го обноват крвниот систем. Бидејќи третманот се базира на сопствени крвни клетки, пациентот подобро го поднесува од досегашните терапии.