1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нови ветришта во опозицијата- реалност или желби

Костадин Делимитов26 октомври 2014

Во редовите на опозицијата во македонскиот и во албанскиот политички блок се потребни освежувања. Но колку се тие реални и што ќе донесат е сосем друго прашање, коментираат аналитичарите.

https://p.dw.com/p/1DcIJ
Фотографија: picture-alliance/dpa

Опозициско окрупнување, нови партии, нови движења. Се случува ли на терен политичко раздвижување или јавноста е повторно сведок на вербални најави на крупни или ситни структури за сопствено промовирање и подобро позиционирање? Информациите за промени и опозициско окрупнување во или околу СДСМ кои раководството засега ги негира сепак сигнализираат дека опозиционерите нешто готват: „Моменталната опозиција не претставува закана за Груевски и не влева доверба дека може да направи било какво посериозно поместување на политичката сцена. Оттаму, се појавува вакуум на политичката понуда на левата страна од политичкиот спектар. Тој вакуум може да се пополни или со појавување на нов или нови политички субјекти кои би го преземале приматот на сегашните опозициски партии, значи преку ослабнување на сегашните партии на сметка на некои нови, или преку фузија на сегашните политички партии во еден, посилен, субјект. Моменталната конфузија во стратегијата на опозицијата се должи на тоа што никој не е сигурен која од овие две алтернативи е подобра, па лавираат помеѓу едната и другата опција. Инаку, факт е дека и кај албанскиот и кај македонскиот политички кампус постои реална потреба од реформи, од зајакнување на опозицискиот капацитет, бидејќи се покажува дека нивните противници во власта се сепак премоќни за нив во моментов“, смета политичкиот аналитичар Петар Арсовски.

SDSM Parteizentrale, Skopje, Mazedonien
Фотографија: MAKFAX

Поефикасно зајакнување на структурите наместо нова опозициска партија

Дел од упатените гледаат простор или можност за промени во опозицијата но попрво внатре во СДСМ отколку формирање на нов политички субјект. Клучната причина за ваквиот развој според политичкиот аналитичар Владимир Божиновски е политиката на актуелното раководство на социјалдемократите: „Не гледам нов човек, нови луѓе и лидер за силна опозициска партија која ќе му парира на СДСМ. Но проблемот е друг, внатре во самите структури на партијата има незадоволство. Затоа велам дека СДСМ не е загрозена од надворешен, туку од внатрешен фактор. Таа е соочена или е под закана од разбивање на партиската структура, луѓе од внатре може да решат дека Заев и раководството не му мислат добро на СДСМ и да се направи друга партија. Се ова се случува главно поради бојкотот и поради предусловот кој е причина да нема причина за дијалог што би ги вратил пратениците во парламентот. Од една страна се оди на некаков бојкот, кој е осуден од сите, не се нуди алтернатива. Тогаш која е поентата на бојкотот ако се знае дека опозицијата е потребна во парламентот. Ти ја ускратуваш таа видливост а не нудиш алтернатива. Излегоа со најава за пет илјади тима, па тоа го снема и дури сега кога излегоа информациите за можни превирања во редовите тоа повторно се актуелизира“, коментира Божиновски.

Престројувањето наспроти формирањето нов политички субјект е подобра опција за СДСМ смета универзитетскиот професор Мерсел Биљали: „Кај македонскиот блок е многу подобро кај постојните структури едно поефикасно зајакнување на опозицијата отколку формирање нови политички партии, оти постојната опозиција не мислам дека игра улога како ДПА кај албанскиот блок, во кој нема опозиција. Оттука сметам дека на СДСМ им треба зајакнување со интелектуалци, невладин сектор, медиуми. Мора да се направат здрави анализи како да се дојде до промена на располжението кон власта, да се зголеми притисокот“, коментира Биљали.

Празен простор за нова опозиција во аланскиот блок

Parteizentrale der DPA in Tetovo Mazedonien
Фотографија: DW/S. Toevski

Промени според него се неопходни и кај албанскиот политички блок. Најавите од одредени субјекти дека е можно формирање на нова партија е резултат на фактот што во моментов нема вистинска опозиција кај албанците во Македонија:

„Мислам дека кај албанскиот блок е повеќе од потребно освежување бидејќи постојните структури премногу се одалечија од политичката логика и од граѓаните. Мислам дека се и премногу уморни, долго се во политиката дури не се знае која е власт која е опозиција и затоа треба структура која ќе ја одигра улогата на опозиција“, смета Биљали.

Со сличен став е и Арсовски според кого во албанскиот политички корпус во моментов се чувствуваат предзнаци на едно циклично движење. Ваквиот развој според него е веќе видено и очекувано. Попроблематично е што секогаш опцијата на “незадоволните“ е порадикална: „Тоа му се случи на ПДП во коалицијата со СДСМ, тоа му се случи на ДПА во коалицијата со ВМРО ДПМНЕ, и знаци на тоа движење се чувствуваат сега кај ДУИ, иако кај нив поспоро, зашто се сепак посилни и поавтентични одошто на времето беа ПДП и ДПА. Но, “вгнездувањето” во коалиција со ВМРО ДПМНЕ, како и фактот што едно од основните изборни ветувања на ДУИ, а тоа е влез во НАТО и почеток на преговори со ЕУ, тие во моментов не можат да испорачаат (без оглед дали причините за тој пораз се објективни или не), прават албанскиот електорат да мисли дека елитата на ДУИ ги заборавила. Тоа незаводолство, заедно со фактот дека постои раслојување во албанската опозиција, создава празен простор за нова албанска опција. Таа секако ќе биде порадикална од ДУИ и ДПА, и мислам дека ќе биде составена не само со етнички, туку и од религиозни платформи и идеолошки постулати“, коментира Арсовски.