1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нова рунда преговори за Косово

Еберхард Нембах17 март 2006

Во Виена на дневен ред ќе се најдат прашањата за децентрализацијата и правата на малцинствата на Косово

https://p.dw.com/p/Adqi
Виена
ВиенаФотографија: dpa - Bildarchiv

Смртта на Слободан Милошевиќ ги засени и разговорите за Косово. Конечно, во Виена се преговара за она, што многумина го сметаат за тажен резултат на неговата политика. На Косово владеат сиромаштија, невработеност, страв и меѓусебна недоверба. Мировните трупи Кфор, кон кои припаѓаат и многумина германски војници, ги штитат српските села од надапи од Албанците. Белград бара Косово никогаш да не биде независно.

Околу два милиона Албанци на Косво, меѓутоа, не можат да си замислат ништо друго освен независност. Тие сакаат држава што ќе се вика Албанско Косово, рече членот на делегацијата Енвер Хоџај по претходната рунда разговори пред 4 недели: „Ние на Косово создаваме модерна држава, во што спаѓаат и малцинските права. Ќе го сториме најдоброто за тие права да бидат заштитени долгорочно и на европски начин“.

Уредувањето на тие малцински права, пред се’ за Србите, е тема на виенските разговори. Станува збор за тоа Србите во нивните градови и села сами да одредуваат кој ќе припаѓа кон локалната полиција, што ќе се предава во училиштата, како да биде организирана здравствената заштита. Разговорите по налог на ОН се одвиваат под раководство на австрискиот дипломат Алберт Роан. „Преговарачкиот план е да се зафатат поединечни, конкретни теми како децентрализацијата, прашањето за заштита на објекти на СПЦ на Косово, како и општото прашање за малцинските права. Мораме да дискутираме и за идното меѓународно присуство, кое мора и натаму да го има како во безбедносната област, исто така и во неколку многу ограничени сектори“.

И германскиот Бундесвер уште долго време ќе мора да испраќа свои припадници на Косово. Таму ќе имаат уште многу работа и германските полицајци, управни експерти и инеженери.

Големото прашање за дефинитивниот статус засега е свесно исклучено поради меѓусебно непомирливите ставови на двете страни. Претставникот за надворешна и безбедносна политика на ЕУ Хавиер Солана деновиве нагласи дека за тоа суштинско прашање се’ уште не е ништо решено. Ако Србите и Албанците, според очекувањата, не ќе можат да се усогласат, ќе мора да реши Советот за безбедност на ОН. Би можело да има на пример, референдум на Косово, чиј резултат би бил однапред програмиран, со оглед на тоа дека Србите се само мало малцинство.

Белград ќе мора на долг рок да се помири со независност на Косово, што многумина го гледаат како резултат на политиката на Милошевиќ. Албанците, пак, ќе мораат да се помират дека уште долго време ќе останат под меѓународен надзор. По крвавите напади врз Србите, ограничена е довербата дека Албанците на Косово самите ќе се погрижат за мир и демократија. Оттука, успех е што во Виена Албанците и Србите воопшто разговараат меѓусебно.

Денеска кон преговарачкиот тим на Албанците ќе се приклучи некогашниот милитантен водач на УЧК Хашим Тачи, кого Србите го сметаат за воен злосторник, токму како и сегашниот премиер Агим Чеку, кој исто така кога-тогаш ќе се вклучи во договорите. Нема да биде едноставно.