1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нова дипломатија за нов свет

Бетина Маркс/бг26 февруари 2015

Исламска држава, епидемија на ебола и конфликт во Украина. Ширум светот паралелно се одбвиваат бројни кризи. Германската надворешна политика се обидува да најде одговор на новите предизвици

https://p.dw.com/p/1EiJQ
Фотографија: picture-alliance/dpa/G. Charisius

„Светот се промени“, вели шефот на германската дипломатија Франк-Валтер Штајнмајер и додава: „Затоа и Министерството за надворешни работи мора да се менува“. Германската надворешна политика треба повторно да се „наштима“, постоечките инструменти подобро да се искористат, а потребно е да се развијат и нови механизми за совладување на кризите, објасни Штајнмајер на церемонијата организирана по повод 60. роденден на Германското друштво за надворешна политика (ДГАП) во Берлин. Поради тоа, како што потенцираше, тој одлучил да го реорганизира своето министерство, да спои некои постојни одделенија и да креира нови. За соработниците да се растоварат, се планира и проверка на сите оние области кои веќе станаа рутински, и кои на крајот би можеле да бидат и укинати.

Реформите се плод на процесот кој Штајнмајер го започна непосредно по стапувањето на должност.
„Мораме да размислиме за тоа дали навистина се што правиме е исправно“, изјави овој социјалдемократски политичар на 17 декември 2013 година, при преземањето на министерската должност од својот претходник. Во текот на владеењето на минатата црно-жолта коалиција (демохристијани и либерали), надворешната политика воглавно се кроеше во кабинетот на канцеларката Меркел. На МНР му се исмеваа поради губењето на релевантноста, а на тогашниот министер Гидо Вестервеле не му појде од рака убедливо да се профилира.

Размислувања за надворешната политика

Под наслов „Преглед 2014- натамошни размислувања за надворешната политика“, во текот на минатата година беше објавен „инвентар на надворешната политика“, како што тој процес го нарекува Штајнмајер. Процесот беше завршен со објавување на конечниот извештај. Се разговарало и дискутирало со експерти од земјата и странство, како и со соработници на Министерството. Па сепак, вели министерот, не се застанало само на теорија. Дебатата дополнително ја „подгреа“ реалноста со бројни кризи и конфликти. Додека германската политика се преиспитуваше, во истовреме се најде и пред голем тест поради актуелните светски случувања.
„Четврт век живеевме со надеж дека мирот и стабилноста во нашиот дел од светот се гарантирани. Можеби сето беше илузија. Со украинската криза и нашиот континент се врати на прашањето: војна или мир?“

Auswärtiges Amt in Berlin
Германското министерство за надворешни работи во БерлинФотографија: imago/Hoch Zwei Stock/Angerer

„Со оглед на тоа како изгледа светот во моментов, не може да се смета дека наскоро ќе се врати мирниот поредок“, со жалење констатира Штајнмајер. Германската држава како голем извозник е зависна од почитувањето на правилата меѓу државите. И за имплементацијата на човековите права, најважната цел на надворешната политика, меѓународниот поредок кој го претставуваат ОН, е неизоставен. За да го зајакне тој поредок, Германија засилено ќе се ангажира користејќи ја својата репутација.

Планираната реконструкција на министерството треба да биде завршена за 18 месеци. Штајнмајер е уверен дека тоа е изводливо. За да се растовари Министерството, на минимум ќе се сведат досегашните околу 200 извештаи кои годишно ги пишуваа разни одделенија. Притоа, новата германска надворешна политика во ниту еден случај не треба да се разбере како „солирање“. Напротив. Таа ќе биде дел од заедничката европска надворешна политика и целта е зајакнување на Европа, дополнува Штајнмајер.