1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нов удар на Орбан против неомилените медиуми

Кено Ферзек / Жана Ацеска12 јуни 2014

Медиумите во Унгарија во иднина треба да плаќаат специјален данок на приходи од реклами. Дури и провладините новинари сметаат дека новиот закон на владата на премиерот Виктор Орбан оди предалеку.

https://p.dw.com/p/1CHId
Фотографија: Getty Images/Afp/Attila Kisebenedek

Црни екрани, бели страници во весниците, молк во етерот: 130 приватни телевизиски и радио станици, весници, магазини и интернет портали на крајот на минатата недела протестираа поради специјалниот данок за медиумите кој го воведува национално-конзервативната влада на Виктор Орбан. Во акцијата учествуваа и најважните провладини приватни медиуми, меѓу кои и ХирТВ и Радио Ланцхид, како и весникот Маѓар Немзет. Но, ни тоа не помогна, вчера (11.06.2014) унгарскиот парламент по итна постапка го усвои спорниот т.н. Закон за данок на реклами за медиумите.

Тој предвидува во иднина приходите од реклами на медиумските претпријатија да бидат оданочувани со прогресивна стапка, делумно драстично, и тоа и покрај општиот важечки данок. Приходите од реклами под 500 милиони форинти (околу 1,6 милиони евра) остануваат без данок, потоа следуваат, класифицирани според висината на приходите, даночни стапки од 10 до 30 проценти, а за приходи повисоки од 50 милијарди форинти (околу 65 милиони евра), ќе се плаќа данок од 40 проценти.

Од највисоката даночна стапка се погодени двете најуспешни приватни телевизии, меѓу кои и водечката РТЛ, чија информативна емисија зачувува новинарска дистанца кон сите политички актери. Втората засегната телевизија, ТВ2, беше продадена минатата година од ПроЗибен Сат.1 Медиа АГ, без да се соопштува висината на цената и клаузулите на договорот, на директорите на ТВ2, кои уживаат глас дека се посебно пријателски расположени кон владата. За оваа телевизија во законот за данок на реклами е вградена „дупка“: ТВ2 може да ги порамнува загубите со данокот на реклами. Помалите независни телевизии и радија, на пример АТВ, унгарската единствена независна информативна телевизија, поради законот паѓаат во големи економски тешкотии, на некои им се заканува и затворање.

Напад врз сите слободни и независни медиуми

Политичарите од партијата на Орбан, Фидеш, со законот за данок на приходи од реклами за медиумите сакаат да спречат ширење „штетни програми“. Така барем изјави политичарот од Фидеш, Герге Гујаш, според кого првенствено двете најголеми комерцијални телевизии РТЛ Клуб и ТВ2 со своите програми „предизвикале значителни општествени штети“, па затоа данокот на реклами треба да се сфати како „хигиенски производ“. Шефот на кабинетот на Орбан, Јанош Лазар најави дека приходите од новиот данок на реклами во иднина ќе бидат употребувани во здравствени и образовни програми.

Унгарските медиуми, речиси едногласно, го оценија законот како натамошен напад врз слободата на медиумите.

„Ова е предупредување до сите се‘ уште независни медиуми во Унгарија“, вели Чаба Ноѓ, уредник на независниот портал 168ora.hu.

„Пораката гласи: ако се однесувате како што сакате, ние во рок од една недела ќе усвоиме закон со кој ќе ве уништиме“.

Андреас Рудаш, шеф за Источна и Централна Европа во луксембуршката РТЛ-група, зборува за „директен напад врз сите слободни и независни медиуми во Унгарија“. Овој данок „им ја урива егзистенцијалната основа на малкуте се‘ уште независни медиумски куќи во Унгарија, кои работат профитабилно“, вели Рудаш.

„Ние ќе се браниме, заедно со другите независни медиуми. Не е можно да постои земја во срцето на Европа, во која демократските основни права, како слободата на медиумите, стојат на диспозиција“.

.
Виктор Орбан сака контрола врз медиумитеФотографија: Reuters

„Клима на страв“

Дури и новинарите, експлицитно верни на владата, наоѓаат јасни зборови: „Јас сум согласен со намерата да се преземе нешто против шундот и штетните содржини, но данокот на реклами предизвикува уништување на фабриката, наместо да ја принуди да произведува подобри производи“.

Тоа што новиот закон за медиумите сепак е усвоен, уредникот на една голема телевизиска станица, кој сака да остане анонимен, го објаснува со „ вештата пропаганда“ на владата: пред народот таа објаснуваше дека сака „да им ги земе парите на лошите, богати странци и да ги употреби за благосостојбата на добрите, сиромашни Унгарци“.

Уште на крајот на 2010 година унгарскиот парламент го усвои до денес спорниот закон за медиумите, со кој меѓу другото јавните медиумски сервиси ги стави под владина контрола. Одамна под индиректен притисок се ставени и независните приватни медиуми:

„Владее општа клима на страв. На пример, се‘ помалку претпријатија се осмелуваат да се рекламираат кај нас, стравувајќи од губење на државни пари или шиканирање“, вели Чаба Ноѓ.

Медиумски скандал со информативниот портал на фирмата на Телеком

Климата која ја опишува Ноѓ ја илустрира и еден друг актуелен медиумски скандал: минатата недела Герго Шалинг, уредник на "origo.hu", вториот по големина информативен портал на Унгарија, беше отпуштен. Многумина набљудувачи во Унгарија причината за тоа ја гледаат во критичките извештаи на порталот за скапите луксузни патувања на шефот на кабинетот на Орбан, Јанош Лазар. Официјално образложение за отпуштањето на Шалинг нема, а тој самиот не сака да коментира. Во знак на протест во меѓувреме речиси целата редакција најави отказ.

Информативниот портал припаѓа на Маѓар Телеком, фирма во сопственост на германскиот Телеком. Портпарол на Телеком за Дојче веле демантираше дека уредникот на Ориго е отпуштен поради критичките извештаи за Јанош Лазар или општо поради написи критички кон владата. Во порталот постојат „внатрешни преструктуирања“, врз кои новинарската работа нема никакво влијание, тврди тој.

Унгарија во светското рангирање на слободата на печатот од организации како „Репортери без граници“ или „Фридом Хаус“ последниве години забележа пад. Таа сега е единствената централноевропска држава сврстена во категоријата земји со само делумно слободни медиуми. Во споредбени рамки во ЕУ, полоша од Унгарија е само ситуацијата на медиумите во Хрватска, Грција и Бугарија.