1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нов курс на ЕУ по прашањето на Косово

17 декември 2007

Денешните весници во Германија се занимаваат меѓу другото и со судбината на Косовоскиот јазол по одлуката на ЕУ од самитот минатиот петок. Европејците конечно водат офанзивна политика, коментираат германските весници.

https://p.dw.com/p/Ccod
Фотографија: DW


„Зидојче цајтунг„ денеска објави статија под наслов „Со тврди штитници против Русија„ и под наслов „ЕУ самосвесно презема одговорност за Косово„. Во статијата најновиот заклучок на европските лидери од самитот во Брисел се толкува како промена на тактиката, па се вели:
„Пред Советот за безбедност на ОН в среда да се занимава со иднината на Косово во светлина на пропаднатите преговори, ЕУ со нејзината понуда ги смени правилата на играта. При тоа таа оди на отворен курс на конфронтација со Русија. Тоа е ново во ЕУ. Но, доколку не сакаше да го загуби влијанието, таа мораше да се реши за ваквиот курс. Само така може имено да се одбрани од обидот на Москва со понуда за натамошна рунда преговори повторно да внесе раздор меѓу европските држави.
Сега Москва ќе мора да ја преиспита нејзината политика. Впрочем Србија и Косово за Русија никогаш не беа нешто што и‘ лежи на душа, туку тие беа повеќе поле за игри на моќ, преку кои ќе се профилира како голема сила. Откако сега ЕУ демонстрираше единство и јасно се определи заедно со НАТО да ја надгледува независноста на Косово најавена за на пролет, Москва е соочена со опасност да биде изолирана на меѓународен план. Во секој случај во руската престолнина, но не само таму, ќе биде јасно примено на знаење дека ЕУ на полето на надворешната политика конечно почнува да се движи со тврди штитници!„ – заклучува коментаторот на „Зидојче цајтунг„.
На тема „Европа и Косово„ и под истиот наслов денеска статија објавува и „Франкфуртер алгемајне„. Во неа авторот се осврнува и на заканите од српското Министерство за Косово и Метохија:
„Веќе со недели службеници на Министерството за Косово нагласуваат дека доколку ЕУ го признае Косово, тогаш тоа ќе предизвика стратешка преориентација на Србија кон Исток. Шефот на српските Радикали, Томислав Николиќ, кој можеби на наредните избори дури ќе стане нов претседател на државата, веќе сега отворено најавува дека доколку ЕУ ја предаде Србија по прашањето на Косово, неговата земја ќе бара потесно поврзување со Русија и Кина. За таквата изјава Николиќ добива аплаузи од пониските слоеви на српското општество. Но, дали и мнозинството негови избирачи радо ќе посетуваат курсеви по руски и кинески – во тоа можеме оправдано да се сомневаме„ – нагласува авторот на статијата во „Франкфуртер Алгемајне„.